Posts

Showing posts from February, 2011

Бродот и раскошната внимателност (Капитал, 25.02.2011)

Image
Ако сакаме да најдеме добра приказна за економски раст, тогаш тоа секако е приказната за брзорастечките и економиите во развој со средно ниво на доход во текот на 1990-тите и 2000-тите години – стабилен раст, ниска инфлација и отсуство на економски шокови – што ги натера економистите овој период да го наречат „Големата умереност“. Пред глобалната криза од 2008-2009, постоеше општо-прифатено гледиште помеѓу инвеститорите и носителите на политиките дека брзорастечките и економиите во развој станаа поотпорни на шокови што доаѓаат од развиените земји. Но, кризата покажа дека ова не е целосно така. И покрај тоа што многу брзорастечки и економии во развој успеаја да ги изолираат своите финансиски системи од хипотекарната криза, сепак нивната реална економија се контрахираше во налетот на економската криза. Но, откако кризата го зададе најсилниот удар, се покажа дека како група, брзорастечките и економиите во развој добро се заштитија од рецесијата, и то

Индекс на трошоците на смеењето (Капитал, 17,02,2011)

Според Државниот завод за статистика, Индексот на трошоците на живот пораснал за 3.2%. Повеќемина ќе прокоментираат дека инфлација од оваа големина и не е така опасна, но да се потсетиме дека само пред една година таа изнесуваше 0,1%. Кога цените растат заедно со продуктивноста, тогаш инфлација од околу 3% е дури и пожелна. Но, проценките се дека економијата се`уште функционира под својот потенцијал, па оттука порастот на цените ниту може да се смета за оправдан, ниту пак да се земе како некој ран знак дека многу брзо ќе излеземе од економското сивило, туку напротив, како загрижувачки социјален притисок врз просечниот македонски граѓанин. Во 1998 година, консултантот за хумор, Малколм Кашнер, објавил дека неговиот Индекс за трошокот на смеењето, којшто може да се сфати како пародија на Индексот на трошоците на живот, а којшто ги следи производите како гумени кокошки, Гроучо очила, Вупи перници, влезници за комедијантски клубови – пораснал за околу

Увозна „перестројка“ за поголем раст (Капитал, 11.02.2011)

Во 2010, споредено со 2009, извозот на стоки од Македонија се зголемил за 22,7% (во доларски вредности). Паралелно со ова, дефицитот на стоковата размена се намалил за околу 8,6% (во апсолутни вредности), главно затоа што во истиот период увозот пораснал за близу три пати помалку споредено со извозот, односно за 8,1%. Ако на ова се додаде `плусот` на сметката на услуги, тогаш може да заклучиме – Македонија, како економија водена од извозот, е на вистинскиот пат, и брзо ќе се врати на стабилни стапки на раст и брзо ќе ја намали невработеноста. Но, би било премногу добро за да последниот заклучок биде вистинит. Како мала и отворена економија, Македонија е зависна од надворешната трговија и перманентно генерира дефицит на трговското салдо, којшто благодарение на мошне поволните движења кај приватните трансфери (што ги вклучува дознаките што доаѓаат од нашата дијаспора), ги `спасува` тековната сметка на платниот биланс и фиксниот курс на денарот. За ср

Веројатност, наука и капитални инвестиции (Капитал, 4.02.2011)

„Науката ја зголемува нашата моќ во обратна пропорција со нашата суета.“ Claude Bernard (1813-78) , Француски психолог Ние, економистите, често и, во последно време, многу гласно зборуваме за капиталните инвестиции на државата и сугерираме дека тие ќе имаат оправданост само ако бидат во форма од којашто економијата би извлекла среднорочна корисност. Тоа вклучува инвестиции во патишта, опоравување на железницата, опоравување на јавното здравство, инвестиции во хидроцентрали, инвестиции во образованието. Но кога мислиме на инвестиции во образованието, секако не мислиме на отворање факултет во секое населено место - кадешто еден од двајца професори ќе предава осум предмети, а дел од студентите ќе се запишат со цел `сепак да се обидат` - туку мислиме на инвестиции во квалитетни програми и курикулуми, и квалитетен и високообучен наставно-научен кадар којшто на студентите ќе им пренесе теоретски и применети знаења и вештини (!) со коишто тие потоа ќе може да станат поконкурентни на пазарот

Науката може да ја обликува нашата иднина (Дневник, 18.01.2011)

„Ако сакаме да создадеме нов свет, тогаш материјалот ни е подготвен. И првиот свет беше создаден од хаос.“ ~ Роберт Килен Унапредувањето на науката и технологиите што произлегоа од неа, како на пример, интернетот и сателитските снимки на сите `ќошиња` на земјата на Google Earth, неповратно го зголемија просторот и времето во коишто луѓето денес го живеат својот живот. Во последните два века, науката главно се користеше како алатка за економски растеж на нациите. Повеќемина се сложуваат дека с ѐ почна од Адам Смит, чиешто проминентно научно дело „Богатството на народите“ се појави во предвечерјето на Индустриската револуција и го отвори патот на класичните економисти како Сеј, Рикардо, Мил да ги истражуваат начините како капиталистичката и работничката класа го произведуваат и распределуваат националниот доход. Подоцна, едно, исто така, големо име во економската наука, Џон Мајнард Кејнз, се спротивстави на lassais faire принципот во економијата и аргументираше во полза на улогата

Три препораки за нова надеж за економијата (Капитал, 28.01.2011)

Довербата пополека се враќа на финансиските пазари во Европа. Растот на бруто домашниот производ на Германија, којашто купува околу една петтина од нашиот извоз, во годината што заврши се очекува да биде над очекуваниот - околу 3.7%. Но, многумина во Европа се фатија на `јадицата` - тие сега очекуваат германската економија да го повлече остатокот од Европа што е извозно-зависен од неа (значи и Македонија) – а, со тоа целиот глобален воз - од ровот во којшто неодамна потона. Ова потсетува на една приказна на баронот Минхаузен во којашто тој наводно успеал да побегне од мочуриштето влечејќи се надвор со својата сопствена коса! Секако дека ова била една од неговите измислени приказни. Сега, проекциите за растот на Германија во 2011 година се многу поумерени, па се очекува таа да расте со околу 2.2%. Паралелно на ова, растот во еврозоната во 2011 година се очекува да биде уште поумерен, 1.5%. Сепак, иако во моментот е во таканаречена `фаза на одржување`, таквиот раст е со значително под