Posts

Showing posts from 2012

Гангнам стајл, енгри брдс и крајот на светот (Економија и Бизнис, Декември 2012)

Image
Се ближи крајот на уште една календарска, економска, фискална, или каква сакате, година. И, по редослед на нештата, сите пополека не` зафаќа празнично расположение, и како и лани, доста е од сериозни економски четива. Декември е месец за сумирање на сработеното и размислување што да промениме во новата година за да живееме подобро. Овомесечнава колумна ќе направи преглед на настаните и лицата кои ја обележаа годината која пополека изминува. На глобално ниво, годината ја започнавме со веста дека кралицата Елизабета II го одбележува својот дијамантски јубилеј, односно 60 години од моментот на стапување на престолот на Обединетото Кралство, Канада, Австралија и Нов Зеланд (со тоа станувајќи и шеф на Комонвелтот). По тој повод се одржаа прослави низ сите овие земји. Подоцна низ Лондон се одржаа и редица настани со концерти, поморска парада долж Темза и слично. Овој момент ми остави впечаток како манифестација на грандизоноста и величенственоста на Обединетото Кралство, кое до пред с

Ај кју (Економија и Бизнис, Ноември, 2012)

Image
Навистина насловот потсетува на ајкула, но таа прикаска сега ќе ја напуштам. Сигурно се прашувате зошто. Па, како да не ја напуштам кога во меѓувреме се појави еден нов специмен, редок на нашите простори, којшто сака да вработи уште поретки, од себе, видови. И, така, додека да му светне на некој друг, ми светна мене – се пријавив на фамозниот „ај кју“ оглас. Си ја имам јас таа Менса тапија од поодамна и не сум знаел дека имам толкав адут в рака. И, така, сега ќе видам дали тие огласените комплексни анализи се всушност доволно комплексни за мојата интелигенција. Всушност, ова е светол ден за овие луѓе во 99-тиот перцентил на скалата на интелигенцијата. Досега, тие (интелигентните) знаеја дека важна е една друга тапија, а не таа од Менса. Тие забележуваа дека работите може да функционираат поинаку и подобро, но не можеа ништо да сторат бидејќи мнозинството тоа не го разбира и работи онака како што разбира – неефикасно. И, тоа нив ги прогонува цел живот, до таа мера што тие се присил

Сиромавиот, бизнисменот и министерот (2) (Економија и Бизнис, Октомври 2012)

Image
Се сеќавате на случката со сиромавиот, бизнисменот и министерот од септемвриската колумна? Е, таа приказна не завршила тука. Воскликнат од тоа дека си стекнал ново другарче, министерот се вратил во владата и ја прераскажал својата фасцинантна приказна. Кога тоа го слушнал премиерот, се израдувал и почнал да кова теорија дека всушност нападите од ајкулата по име рецесија се предизвикани од ништо друго, туку само од човечки страв. И, така, тој почнал да си практикува јога, за да го намали чукањето на срцето кога плива со ајкули во немирни води, а со цел ајкулите да поверуваат дека и тој е предатор. „Јас сум способен да го разберам јазикот на ајкулите“, тврдеше често тој, „и затоа никогаш не сум бил гризнат“. Кусо време потоа, додека премиерот си вршел истражувања на далечен остров во март, возрасна бик ајкула ги зарила своите заби длабоко во неговата десна нога, хоспитализирајќи го најмалку за следните четири години. "Тоа беше несреќен случај", изјави подоцна тренерот по ј

Сиромавиот, бизнисменот и министерот (Економија и Бизнис, Септември 2012)

Image
Си биле сиромавиот, бизнисменот и министерот и пловеле заедно на далечен пат. Но, наеднаш доживеале бродолом и наскоро околу нив почнала да кружи една ајкула по име рецесија. Ајкулата веднаш го изела сиромавиот. Бизнисменот почнал да размислува за разни мерки како да се извлече од ајкулата, но безуспешно, бидејќи за кратко ајкулата го изела и него. Министерот почнал сериозно да се загрижува, бидејќи сега ајкулата тргнала кон него. Но, наместо да го изеде, ајкулата го качила на својот грб, го донела до брегот и го пуштила. Министерот прашал: „Како тоа не ме изеде и мене?“, а ајкулата одговорила: „Професионална учтивост!“. Во вториот квартал од 2012 година, Македонската економија влезе во рецесија. Во литературата, последователен пад на економската активност во два квартала се дефинира како рецесија. Но, статистиката само го потврди тоа што граѓаните и фирмите го зборуваат уште од крајот на минатата година, кога потиснатата економска активност првпат значително се почувствува: граѓ

Главатарот и инфлацијата (Економија и Бизнис, август 2012)

Image
Си било еднаш едно племенско општество во далечна Индија. Еден ден, по повод неодамнешниот пораст на цените, главатарот за земјоделство, г-дин Павар рекол: „Монсуните се поволни, инфлацијата ќе се симне до октомври, штом пристигне новата реколта“. Три месеци подоцна, главатарот за финансии, г-дин Пранаб рекол: „Министерството за финансии ги презема сите мерки и инфлацијата ќе се смири до јануари идната година“. Во јануари идната година, главатарот за нафта, г-дин Синг рекол: „Инфлацијата ќе биде под контрола до март“. Замислете што рекол главатарот над главатарите, г-дин Датагупта во март: „Инфлацијата е знак на прогрес“. Цените на меѓународно тргуваната пченка и соја достигнаа нов рекорд во јули 2012, следствено на незабележаното лето во САД и Источна Европа во смисла на високи температури и недостаток на врнежи. Цените на пченицата исто така се искачија на нивоа споредливи со рекордите од 2011. По двомесечен пад во мај и јуни, индексот за цени на храната на Светската банка се

Рецесија по мерка (Економија и Бизнис, Јули 2012)

Image
Последните месеци од мандатот на Џими Картер како претседател беа засенети од рецесија. Американската економија не закрепна повторно се` додека Роналд Реган не дојде на власт (во раните 1980-ти). „Депресија е кога немате работа“, рече Реган откако седна во претседателската фотелја. „Рецесија е кога вашиот сосед нема работа...“ А, закрепнување? „Закрепнување е кога Џими Картер нема работа!“. Во првиот квартал од 2012 година македонската економија се намали за 1.4% во однос на истиот квартал од 2011, додека бројот на невработени порасна за скоро 1%. Во меѓувреме измина и вториот квартал во којшто индустриското производство се намали за 7.2% и 5.4% во април и мај, соодветно, бројот на работници во индустријата се намали за 1.7% и 2.1% во истите месеци, деловните и градежните статистики покажуваат влошени перцепции на бизнис секторот... На повидок е веројатно нова рецесија после онаа од 2009. Но, оваа рецесија е малку поразлична. Прво, рецесијата од 2009 година беше проследена с

Лаги, лаги и статистика (Економија и Бизнис, Јуни 2012)

Image
Во 1904 година, Мата Хари го напуштила својот сопруг, инаку Холандски воен офицер, го променила своето има и се преселила во Париз. Наскоро станала меѓународно позната како егзотичната „индиска“ танчерка на еден познат париски клуб, затоа што, како што еднаш и самата признала „... јас и никогаш не знаев да танцувам убаво. Луѓето доаѓаа за да ме гледаат затоа што јас бев првата што се претставував пред публиката гола...“ Во 1999 година се роди заедничката европска валута - еврото. На почетокот служеше само за пресметковни цели на 11 земји членки на Европската Унија. Меѓу нив не беше Грција. Таа ја прифати заедничката валута во 2001 година, а од следната 2002, сите 12 земји членки го воведоа еврото во физичка употреба. Зошто Грција не можеше да се приклучи на евро клубот и да танцува заедно со останатите 11 земји уште од самиот почеток во 1999 година? Тоа е затоа што овие земји требаше да исполнат одредени критериуми околу нивната таканаречена номинална конвергенција, што го вклуч