Шеик (Капитал, 21.10.2011)


Си бил еден шеик кој имал три жени, единаесет сина и тринаесет ќерки. Неговата амбиција од приватниот пополека се пресликала и во професионалниот живот. Уште рано во својата кариера тој го водел врховниот совет за планирање во својот емират, којшто бил задолжен за поставување и водење на главните економски и социјални политики. Подоцна, шеикот во свои раце го презел и тековното водење на бизнисот со нафта и природен гас, на државно ниво. Ваквиот развој на настаните ја направил неговата држава најбрзорастечката економија во светот.

Веројатно погодувате, ова не е измислена приказна, туку станува збор за емирот на државата Катар. Проценетиот раст на катарската економија за 2011 година изнесува 21%. Не, ова не е бројка со испуштена децимална запирка! Ваков раст, всушност, значи дека доходот (по глава на жител) во земјата ќе се удвои за помалку од 5 години, што може да претставува сон на секој граѓанин и на секој економски политичар. Но, тој сон му се остварува на шеикот Хамад бин Калифа Ал Тани, којшто деновиве беше во посета на Македонија. Растот на неговата економија за третина го надминува растот на второрангираната Гана, а е двојно поголем од оној на Монголија, Кина и Ирак, кои сите заедно ја чинат петорката најбрзорастечки економии за 2011 година.

Како Катар го постигна овој економски раст? Аналитичарите недвосмислено се согласуваат дека главен двигател на растот се огромните инвестиции во доменот на природниот гас и другите сектори, што овозможи, не само брз раст, туку и значителна диверзификација на економијата. Така, иако Катар е земја надарена со природни ресурси – нафта и гас – денес, сите се согласуваат дека тековниот раст се базира не само на експанзијата на тој сектор, туку и на ред други сектори, како што се преработувачката индустрија, финансиските услуги и градежништвото. Се смета дека преработувачката индустрија го доживува својот бум благодарение на диверзификацијата на петрохемиските производи, додека клуч за брзиот напредок на финансиските услуги и градежништвото е стабилната монетарна политика којашто овозможи ниски каматни стапки како поддршка за кредитниот раст.

Сепак, целосната приказна е овозможена со огромните инвестиции на државата, најпрво во сферата на природниот гас и нафтата, а потоа и во сите придружни индустрии. Нејзиното директно инволвирање помогна и во градењето клима на доверба од страна на приватниот сектор, што дополнително ја помогна економската експанзија. Средниот рок е обзебеден со државни инвестиции во многу други сектори, надвор од нафтата и гасот. Првенствено, државата сака да ја развие и стимулира економијата базирана на знаење. За таа цел, државата активно инвестира во научни и технолошки паркови, а со цел да привлече компании и претприемачи што се засноваат на технологија. Во таа насока, државата инвестира и во т.н. град на образование, којшто се состои од меѓународни истражувачи и професори, коишто своето знаење активно го пренесуваат на домашните студенти и академици.


Неодамна, државата започна и со интензивен бран од државно-финансирани инфраструктурни проекти, што вклучува изградба на патишта, пристаништа, железнички линии, домашни и регионални, метроа, како и интензивно инфраструктурно подобрување и поврзување на стадионите со железницата и аеродромите, како подготовка за фудбалскиот куп во 2022 година. Дополнително на инвестициите во енергетиката и инфраструктурата, државата овозможува огромни можности за странски инвестиции во областа на медицината, заштитата, франшизингот и слично.

Катарската влада дава и преференцијален третман во владините набавки на производителите кои користат локални инпути, со цел да го стимулира домашното производство, односно производството коешто воспоставува цврсти врски со локалните фирми, како начин за постигнување мултиплициран ефект врз домашната економија.

Токму поради ваквата поставеност, Катарската економија постигна раст од над 20%. Ако половина од овој раст се должи на надареноста на оваа земја со природни ресурси – нафта и гас – тогаш останатата половина е секако резултат на поставеноста на економските политики и правилната насоченост на државното инвестирање. Впрочем, ете како, емирот од Катар ја направи својата земја најбрзорастечка економија во светот, а своето богатство и богатството на своите граѓани за релативно кратко време го подигна во ранг на развиените западни земји. Оттука, не е ни чудно што владините претставници, јавноста и местата што емирот ги посети во текот на престојот овде беа толку многу возбудени. Ако ништо друго, ние можеме многу да научиме од катарското искуство за тоа како се поставува економијата на здрави темели.

Авторот е економски истражувач





Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер