Комета на мизеријата (Економија и Бизнис, Јануари 2012)


На 29. јуни, 1456, датум кога Халеевата комета можелa да се види на ноќното небо, a човештвото се плашелo дека таа може да донесе мизерија, глад, или некоја друга катастрофа, папата Каликста III, кој бил на тронот една година, издал официјален декрет против кометата. Неговата наредба била христијаните да се молат кометата – или симболот на "гневот на Бога" – да биде целосно пренасочена против Турците, кои во тоа време биле непријатели на христијанството.

Неодамна, угледниот Економист излезе со рангирање на земјите според степенот на нивната мизерија, мерена според големината на невработеноста во земјата и брзината на пораст на цените, односно пад на потрошувачката моќ на граѓаните. На таквото рангирање, Македонија беше рангирана прва, со стапка на мизерија од 35%, пред Венецуела, Иран, Јужна Африка и сл. Иако оваа колумна нема за цел да ја пренасочи ваквата „комета на мизеријата“ кон друг виновник, сепак ќе даде неколку видувања за тоа зошто ваквиот индекс е сериозен, а зошто не.

Прашањето што прво секому би му паднало на памет е зошто овој индекс ги комбинира токму невработеноста и стапката на инфлација за да дојде до некоја мерка за мизеријата во земјата, а не (и) некои други показатели. Може да се согласиме дека повисока стапка на невработеност значи дека луѓето повеќе патат за да заработат за корка леб, а дека повисока инфлација побргу ја еродира куповната моќ на нивниот денар, па така придонесува за нивното мизерување. Но, ова не ја рефлектира целата слика. Често по медиумите се зборува дека сивата економија зазема голем дел од вкупната економија во Македонија. Според некои последни пресметки, таа изнесува близу 40% од формалната економија. Тоа се сите активности кои не подлежат на оданочување, коишто ги заобиколуваат регулативите на еден или друг начин. Па, зошто да претпоставуваме дека тие луѓе живеат во мизерија? Дури веројатно на некои од нив им е и многу добро. Овој индекс не ја рефлектира таа состојба. Ако се земе големината на неформалната економија, тогаш вистинската стапка на невработеност во Македонија изнесува веројатно под 20%. Второ, овој индекс имплицира дека доколку имаме дефлација (пад на општото ниво на цени), тогаш ќе бидеме помалку мизерни. Секако, оние што учеле основна макроекономија се сеќаваат дека нивниот професор им кажал дека дефлацијата е поштетна од инфлацијата, бидејќи тогаш економијата замира, влегува во депресија. Тогаш и платите може да се намалуваат, а индексот ќе покаже дека нашата мизерија се намалила. Трето, ако порастот на платите е поголем од порастот на цените, тогаш зошто инфлацијата би имплицирала мизерија? Напротив, во ваква ситуација, инфлацијата е by-product на конвергирањето на економијата кон некое повисоко ниво на доход, што секако му пркоси концептот на мизерија. Веројатно има и други вакви размислувања околу неточноста на пораката што сака да ни ја пренесе овој индекс. И, секако, последно, но не и најмалку важно е што овој индекс ја рефлектира економската мизерија. Сепак, за да ја процениме мизеријата треба да погледнеме малку пошироко, во политичкиот и социјалниот амбиент во којшто живееме.



Па, така, да започнеме со индексот на човеков развој којшто ги комбинира животниот стандард мерен преку доходот по глава на жител, некои показатели за нивото на образованието и за нивото и квалитетот на здравствената заштита. Според овој индекс, во 2011 година, Македонија е рангирана на 78 место од 187 држави. Иако ова место не е така високо, сепак Македонија е во групата земји со високо ниво на човеков развој. Секако, недостаток на овој индекс е што не го мери квалитетот на образованието (еднаш, веројатно порано, ние имавме имагинација дека имаме најдобар систем на образование, наследен од поранешната Југославија), ниту дистрибуцијата на доходот (која, пак е многу важна за да покаже колкав дел од населението апсорбира поголем дел од доходот). Но, со 4.5% издвојување од БДП за здравствена заштита и инвестиции во здравството, Македонија се вбројува во групата на Уругвај, Конго, Тонга и Бутан. За споредба, развиените земји како Данска и Франција инвестираат околу 10% од својот БДП во здрава нација. Исто така, Македонија се одликува и со висока нерамномерност во распределбата на доходот (што значи дека богатите заземаат многу поголем дел од доходот на сметка на сиромашните). Еден показател за тоа е џини коефициентот, кој изнесува 44.2 поени, споредено, да кажеме, со Србија, која има многу помала нерамномерност од 28 поени. Со други зборови, на најсиромашните 20% од нашата популација им припаѓа само 5% од вкупниот доход (идеално би било ако им припаѓа 20%), додека најбогатите 20% зафаќаат повеќе од половина од доходот (или два и пол пати повеќе од она што би значело целосна рамномерност). Не е ли тоа мизерно?

Втор аспект на нашата мизерија е во какви услови живееме. На пример, иако 92% од нашето урбано население има пристап до основи санитетски услуги, сепак Македонија е рангирана заедно со Белизе и Тринидад и Тобаго, веројатно затоа што голем дел од другите земји го зголемиле овој процент на 100. Нема податок за тоа колкав дел од руралното население има пристап до основни санитетски услуги, но може да претпоставуваме дека тој процент е значително понизок. Да не ги заборавиме другите услови по селата: калливите патишта, водоводните мрежи, пристапот до училишта... Второ, но исто така значајно е што ние штотуку почнавме повеќе да се грижиме за инвестициите во здравството, образованието, инфраструктурата и информатиката. Претходно, или воопшто не се инвестираше, или пак се инвестираше во непродуктивни зделки, кои на никој начин не можеа да ја намалат нашата мизерија. На политичката сцена пак, за илустрација, индексот на перцепција на корупцијата ја рангира Македонија на 69 место, заедно со Гана, Самоа и Италија (!), но зад Хрватска и Црна Гора, на пример.

Третиот аспект на нашата мизерија е нешто за што нема индикатори (барем не, колку што јас сум запознаен). Колку често сте се нашле во ситуација да му кажете на својот најдобар пријател: „се пријавив на оглас за работа, но не кажувај никому“ или „ја добив зделката, но нека остане помеѓу нас додека не се потпише договорот“. Е, ова е отсуство на меѓусебна доверба и почитување во нашето општество. Секој се плаши дека некој друг може да му ја поткопа работата, односно да го спречи таа да се заврши со позитивен исход. Зошто е тоа така? Зошто е тоа потребно? Неодамна прочитав напис од еден странски државјанин кој живее и работи како аналитичар во Македонија, давајќи свој критички коментар на состојбите во нашето општество (нема да му го споменам името, но повеќето ќе се сетат). На прашањето зошто нема странски директни инвестиции во Македонија, тој одговара дека меѓу другото и поради некои иманентни карактеристики на нашето поштество, како што се мрзливост, тврдоглавост, патолошка љубомора... Вистина ли е ова? Ако некој тргне да ми објаснува дека не е, тогаш треба да има силни аргументи. Е па, овој аспект на мизеријата веројатно е и многу тешко да се измери.

Според сето ова, дали навистина нашата живејачка има примеси на мизерија или не, не знам. Оставам на вас, читателите, тоа да го процените од она што го изложив погоре. Но, ако такво нешто постои, тогаш прашањето е како тоа ние да го промениме. Секако, не можеме со декрет кометата на мизеријата да ја уништиме или да ја пренасочиме кон Грците, кон ЕУ, кон Бранко и слично. Ние мора сами да се справиме со ситуацијата во којашто сме се нашле. Секако, за еден аспект може да си помогнеме само ние, со многу поголемо меѓусебно почитување и доверба, додека за другите аспекти треба да покажеме поголема свесност во изборот на политичките лидери, така што државата ќе промовира развој и негување добри човечки и општествени вредности, како и ќе поттикнува инвестиции коишто ќе го подобрат нашето живеење (оние што ги споменав погоре: инвестиции во образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, инфраструктурата, информатичката технологија, истражувањето и новите технологии, претприемаштвото, енергетиката и слично). Напорот е тежок и веројатно еднаков на оној од пренасочувањето на кометата од почетокот на оваа колумна, но верувам дека вреди да се обидеме.

Авторот е економски истражувач

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер