Пирова победа (Економија и Бизнис, февруари 2012)

Опасниот и храбар генерал Пир бил регрутиран од страна на грчките градови во јужниот дел на Италија за да се спротивстави на многу помоќните Римјани. Во 279 година п.н.е., неговите инвазивни грчки сили се сретнале и ги победиле Римјаните во битката кај Аскулум во Апулија. Ама, ваквиот ангажман чинел многу скапо: Пир изгубил многу од своите воини, неколку блиски соработници, како и целиот негов багаж. Кога еден од неговите војници му ја честитал на кралот неговата победа, тој славно одговорил: "Уште една ваква победа, и готови сме!"
Спасувачката тројка – Европската Комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка – веќе не и веруваат на Грција. Тие досега и одобрија неколку пакети за спас на нејзината економија, но сега се сепнаа дека можеби „фрлаат пари во бунар без дно“. Во средината на февруари, министрите на еврозоната го откажаа состанокот на којшто требаше да го одобрат најновиот спасувачки пакет, под изговорот дека им се потребни подетални информации за предложениоте кратења во државното трошење, како и писмена гаранција дека грчките политичари нема да го прекршат договорот по изборите коишто се веќе закажани за 8ми април годинава.
Имено, за да ги добие најновите свежи пари, Грција мора да се обврзе на „тешки“ мерки за штедење и да продолжи по трнливиот пат на реформирање на економијата, така оневозможувајќи економијата повторно да дојде на работ на банкрот. За среќа, никој во Грција, всушност, и не се плаши дека земјата ќе заврши во хаотичен банкрот, што во продолжение би довело до хаотично напуштање на еврото. Но, Пападемос и Венизелос не се многу ентузијастични кога е во прашање „кратење“ на фискалните трошења. А, свежите пари се потребни не само за пополнување на големата буџетска дупка, тука и за да овозможат полесна замена на обврзниците кои доспеваат во март со подологорчни обврзници со половична номинална вредност, како и за капитализација на грчките банки откако тие регистираа загуби од реструктуирањето на грчките обврзници во нивните портфолија.
Но, што може да се очекува од презакажаниот состанок на спасувачката тројка? Многу економисти сега сугерираат дека новите пари за Грција може (или треба) да се исплаќаат на рати. Сите се согласуваат дека приватните иматели на обврзници мора да се исплатат веднаш, за да Грција не банкротира во март. Но, парите за реформирање на пазарите на труд и производни добра, како и за рекапитализација на Грчките банки може за кратко да се задржат. Тоа барем ќе го држи Самарас „врзан“, ако ги добие изборите, повторно да стимулира издавање обврзници наместо рекапитализација. Сепак, ова може силно да ги погоди грките банки, особено ако депонентите дополнително ја изгубат довербата во банкарскиот систем.
Како и да е, Грчкиот банкрот иако веќе не би изненадил никого, вклучително ниту спасуваката тројка, сепак не ги возбудува многу финансиските пазари. Но, останува важното прашање, какви глобални и регионални импликации би имала пропаста на Грција. Со други зборови, економистите сега се загрижени за потенцијалните ефекти од таканаречена „зараза“ – главно во рамки на самата Еврозона, но и регионалните ефекти врз соседите.
Фондот за спас на Еврозоната е така дизајниран за да не може да спаси големи земји, а да не зборуваме за ситуација во којашто повеќе земји истовремено би побарале спас од таквиот фонд. Но, ова станува проблем на кокошката и јајцето: ако Грција не се спаси, тогаш потенцијалниот банкрот ќе предизвика ширење на несигурноста и воздржаноста на финансиските пазари ширум Европа, бегање на капиталот и со тоа зголемување на ризикот дека некоја од останатите ПИГС – Португалија, Италија и Шпанија, може да западне во потешкотии што би ја натерале да бара спас од европскиот фонд. Ако е фондот потрошен, а одбивноста на земјите членки да го полнат поголема, тогаш ризикот да западне уште една земја во банкрот повторно расте. И, така во маѓепсан круг. Секако, главниот проблем останува фискалната сувереност на секоја земја членка, којашто оневозможува спасувачкиот фонд да може по автоматизам да се полни.
Најважно за нас е какви импликации ова може да има за Македонија. Македонија има две важни спреги со Грција: Грција е наш значаен трговски партнер и Грција е значаен странски директен инвеститор во Македонија, со посебно значење за банкарскиот систем. Графиконот лево го покажува македонскиот извоз во Грција во текот на 2011 година. Иако линијата не е корегирана за потенцијалната сезонска компонента, сепак трендот на опаѓање во втората половина од 2011 година е очигледен, всушност во периодот кога Грција влезе во големи финансиски потешкотии.

Извор: Државен завод за статистика и НБРМ

Графиконот десно, пак, ги претставува странските директни инвестиции од Грција во Македонија, за првите три квартали од 2011 година, разложени на акционерски капитал и должнички капитал. Секако, никој не би очекувал дека сред ваква економска катарза, Грција ќе инвестира во странство. Но, десниот график е интересен од еден друг аспект: должничкиот капитал од позитивен во првиот квартал пополека се претворил во негативен. Тоа значи, дека грчките фирми коишто оперираат на територијата на Македонија повеќе враќале од своите заеми кон фирмите-мајки отколку што добивале. Секако, и ваквото однесување на грчките фирми е очекувано; дополнително фирмите-мајки сигурно ќе се дрзнат да повлечат каква било друга форма на субординиран долг, како и голем дел од профитите кои овие фирми би ги оствариле во Македонија. Ова негативно ќе се одрзи врз платно-билансната позиција на Македонија. Дополнително, поради вака-пресушената ликвидност, ако овие фирми почнат нередовно да ги сервисираат своите обврски кон домашните банки, тогаш е и очекувано нефункционалните заеми да пораснат. Дополнителната резервација неопходна за нивно покривање ќе стави дополнителна маржа на домашните банки и сето тоа може да предизвика посилна контракција на кредитната активност дома. Ако банките се изложени и кон македонски фирми коишто тргуваат со Грција, тогаш ефектот на „зараза“ се мултиплицира.
Според сето ова, потребно е будно око над ситуацијата во Грција од страна на домашните власти. За неа самата, пак, сега прашањето не е дали Грција треба да се спаси или не. Грција, секако треба да се спаси од страна на европските сојузници, но само под услов таа да отпочне со построги мерки на државно штедење, структурни реформи и со рекапитализација на банкарскиот систем. Ако Грција ги земе парите само за да купи време, да ги врли во ветер, и новата влада после 8ми април да се откаже од спроведување на непопуларните мерки, тогаш тоа ќе биде како Пировата победа од почетокот на оваа колумна. Уште една ваква победа, и готови сме!

Авторот е економски истражувач

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Дивиденда, два слоја и ровер

Економските политики во клинч