Рецесија по мерка (Економија и Бизнис, Јули 2012)


Последните месеци од мандатот на Џими Картер како претседател беа засенети од рецесија. Американската економија не закрепна повторно се` додека Роналд Реган не дојде на власт (во раните 1980-ти). „Депресија е кога немате работа“, рече Реган откако седна во претседателската фотелја. „Рецесија е кога вашиот сосед нема работа...“ А, закрепнување? „Закрепнување е кога Џими Картер нема работа!“.

Во првиот квартал од 2012 година македонската економија се намали за 1.4% во однос на истиот квартал од 2011, додека бројот на невработени порасна за скоро 1%. Во меѓувреме измина и вториот квартал во којшто индустриското производство се намали за 7.2% и 5.4% во април и мај, соодветно, бројот на работници во индустријата се намали за 1.7% и 2.1% во истите месеци, деловните и градежните статистики покажуваат влошени перцепции на бизнис секторот... На повидок е веројатно нова рецесија после онаа од 2009. Но, оваа рецесија е малку поразлична.

Прво, рецесијата од 2009 година беше проследена со голем фискален простор за ублажвање на шокот при првиот налет на кризата. Многу влади, вклучително и нашата, презедоа широка палета од фискални трошења за да го поддржат растот. Секако, некои од трошењата беа наменски и во поддршка на структурните среднорочни реформи во земјите, а некои други трошења беа од декоративно-инфантилен карактер. Веројатно ефектите од првите сега се чувствуваат и придонесуваат за благодетот на граѓаните, а ефектите од вторите беа и останаа само за годината кога беа направени. Тогаш владите се надеваа дека светската криза ќе помине брзо и за скоро ќе се вратат на патеката на растот која ќе почне соодветно да ги полни нивните буџети. Но, не се случи така. Кризата продолжи и сега се наоѓаме сред ново големо забавување. Но, фискалната стимулација ја нема и ќе биде тешко да се обезбеди уште некое време.

Второ, рецесијата од 2009 година во Македонија беше проследена со стегната монетарна политика поради притисоците на девизниот пазар и потребата да се одбрани курсот на денарот. Како што тие притисоци се намалуваа, така и монетарната политика се олабавуваше преку редица мерки. Иако не сме дошле во т.н. замка на нулта ниска граница на референтната каматна стапка, сепак се чини дека монетарната политика е доволно релаксирана. Но, кредитирањето не оди. Веројатно нема иницијатива на страната на бизнис секторот за нови проекти, а тоа пак веројатно e поттикнато од неликвидноста во која се дави македонскиот бизнис.

Трето, рецесијата од 2009 ги потисна и цените. Иако претходната 2008 година беше година на ценовен шок што потекнуваше од растечките цени на храната на глобалниот пазар, шокот исчезна во 2009 година, па рецесијата ја поминавме без растечки цени. Оваа сегашната рецесија е поинаква. Нема шок од цените на храната, но постои релативно постојан шок од пораст на цените на енергенсите. Цената на бензинот расте скоро секој втор понеделник, а цената на струјата и на парното, наместо да се корегира на почетокот на секоја година, сега почна да се корегира и на средината на секоја година. Е, наводно, останатите земји од регионот имале повисока струја од нас и после поскапувањето ние пак ќе сме плаќале пониска цена за струјата. Фантастично оправдување, само да има кој да верува...

Четврто, рецесијата од 2009 година беше проследена со зголемување на вработеноста. Tогаш ликувавме дека иако цел свет е зафатен од криза, ние, како суперсила, всушност од кризата добиваме и имаме зголемување на бројот на вработени. Демек сме спроведувале политики од кои може да ни позавидат и Обама и Бернанки. Ама, не било баш така. Навистина бројот на вработени растеше во првите периоди после налетот на кризата, поради добро документираниот во литературата феномен на временско задоцнување кај вработеноста, што во Македонија се случи како резултат на добрата економија од периодот 2005-2008, но и како резултат на неколку структурни мерки преземени во тој период, како концептот на бруто плата. Денес, 2012 година, вработеноста се намалува, повторно поради инхерентното временско задоцнување, односно поради ефектуирањето на самата криза со временско задоцнување. Во таква ситуација, барањето невработените секој месец да одат да се пријавуваат во заводите за вработување, оти ако не дојдат ќе бидат избришани, ми изгледа само како очајна одлука, ништо друго....



Свесни или несвесни за ваквите ефекти од тековната рецесија, владите креираат пакети од мерки за потенцијално надминување или ублажување на ефектите од кризата. Ваквите мерки може да се поделат во три групи.

Во првата група се мерките коишто влијаат врз структурата на економијата, имаат среднорочен карактер и ќе ја подобрат нејзината конкурентност на странскиот пазар. Ваквите мерки вклучуваат известиции во инфраструктурата, поддршка за стартување бизнис и поддршка на постојните бизниси со поволни кредити и со бенефиции при вработување, како и мерки за стимулирање на производство со повисока додадена вредност. Да не заборавиме дека доколку имаме поубави магистрални и регионални патишта, земјата ќе биде поатрактивна и за странските инвеститори, со оглед дека тие ќе сакаат брз и ефикасен пристап до пазарот за нивните производи. Да не заборавиме дека доколку имаме повеќе хидроцентрали, ќе можеме да произведуваме повеќе струја, а не истата да ја набавуваме од увоз. Последново, пак, веројатно значи дека нема да треба да плаќаме поскапа струја, како што тоа го правиме сега. Оваа група мерки се, за жал, помалку применувани од популистички влади, со оглед дека нивното имплементирање е долго и скапо, а резултатите може да се видат само на среден рок којшто веројатно е подолг од мандатот на една влада.

Во втората група се мерките „купи ден, помини“ или, подобро, „купи глас, помини“. Нивната единствена цел е да го задоволат просечниот гласач со моментално подобрување на неговата куповна моќ, односно создавање перцепција дека неговиот доход е доволен за покривање на неговата потрошувачка. Последното е веројатно грижа најдоцна до следните избори. Тука се вбројуваат мерки како: вработувања за извршување општински работи, без оглед дали за тоа има потреба, финансирање на потребите на семејствата за електрична енергија, дополнување на месечниот буџет за храна, времено намалување на акцизата на одредени производи како бензинот и слично.

Третата и најинтересна група мерки се таканаречените „осмели се, направи го првиот чекор“ мерки. Во оваа група спаѓаат најиновативните мерки смислени кога било: субвенционирање на картите за балет, опера, театар и филхармонија, бесплатна бања во Негорци и бесплатен летен или зимски одмор на социјално загрозени деца во Мајски Цвет. Тоа што на овие луѓе не им е дојдено до балет или што во Мајски Цвет жива нога не згазнала во последните 20 години, не е важно. Но, во право се изумителите на ваквите мерки кога за оправдување велат дека иако тие изгледаат на граница меѓу комика и очај, дека во минатото немало ниту тоа. За критичарите пак тоа значи: „ако не ви текне вас, ќе му текне на некој друг“.

Во жаргонот на Роналд Реган од почетокот на оваа колумна, овие луѓе од претходниот параграф се во депресија. Овие другите кои се во рецесија, ама не им е така лошо, сакаат да ги извлечат од таа депресија праќајќи ги во театар за комедија. И, не прават лошо. Задоволни и едните и другите. Но, поважното прашање е, дали на повидок е закрепнувањето? По мое лично убедување, не е.

Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Дивиденда, два слоја и ровер

Економските политики во клинч