Ај кју (Економија и Бизнис, Ноември, 2012)


Навистина насловот потсетува на ајкула, но таа прикаска сега ќе ја напуштам. Сигурно се прашувате зошто. Па, како да не ја напуштам кога во меѓувреме се појави еден нов специмен, редок на нашите простори, којшто сака да вработи уште поретки, од себе, видови. И, така, додека да му светне на некој друг, ми светна мене – се пријавив на фамозниот „ај кју“ оглас. Си ја имам јас таа Менса тапија од поодамна и не сум знаел дека имам толкав адут в рака. И, така, сега ќе видам дали тие огласените комплексни анализи се всушност доволно комплексни за мојата интелигенција.
Всушност, ова е светол ден за овие луѓе во 99-тиот перцентил на скалата на интелигенцијата. Досега, тие (интелигентните) знаеја дека важна е една друга тапија, а не таа од Менса. Тие забележуваа дека работите може да функционираат поинаку и подобро, но не можеа ништо да сторат бидејќи мнозинството тоа не го разбира и работи онака како што разбира – неефикасно. И, тоа нив ги прогонува цел живот, до таа мера што тие се присилени да се интегрираат со овие другите, за да преживеат. Тие имаат идеи кои се подобри, но другите не ги разбираат. Гледаат дека некој држи политички говор и шири демагогија, ама другите тоа не го гледаат. Се обидуваат да ги променат работите, но другите им прават сопки, не ги оставаат да дишат.... Е па, се` до пред некој ден.

Но, да се вратиме на посуштинската дебата. Според Светската банка, во 2010 година трошоците што државата ги издвојувала за здравство во Македонија изнесувале околу 316 американски долари по глава на жител, што земјата ја позиционира заедно со Габон, Иран и Белорусија, а зад земји како Босна (500 долари), Србија (546), Хрватска (1066) и слично. Во македонскиот бруто домашен производ, учеството на трошоците за здравство изнесува околу 7%, што е скоро двојно помалку од просекот на земјите на ОЕЦД. Оттука, прашањето што е важно е дали и зошто здравството е важно за економскиот развој. Еве неколку размисли.
Секако, најважниот канал е продуктивностa. Здравите работници се попродуктивни од работниците кои инаку имаат слични вештини но слабо здравје. Оттука, еден дел од литературата ги поврзува инвестициите во здравството и исхраната на младата популација со идниот доход. Подоброто здравје го помага развојот, и оттука доходот по глава на жител, и преку неколку други канали. Втор канал на влијание е преку промена на одлуките за трошење денес и штедење за иднината, за време на животниот век. Идејата за планирање на пензионерските денови се раѓа тогаш кога стапките на смртност стануваат доволно ниски за да пензионирањето има реални изгледи. Со други зборови, никој нема да мисли на штедење за пензионерски денови, ако просечниот животен век е под границата за пензионирање. Зголемувањето на животниот век во земјите во развој отвори и нов мотив за тековната генерација да штеди, што пак е важно за инвестициите и економскиот раст. Трет канал е преку поттикнување на странските директни инвестиции: инвеститорите избегнуваат средини кадешто постои зачестена инциденца на болести на работната сила, па дури и инциденца на виртуелни боледувања кои не се санкционирани од државата. Четврт канал на влијание е преку поттикнување на образованието. Поздравите деца имаат повисоки стапки на присуство на училиште и подобрен когнитивен развој, такашто подолг животен век може да ги направи инвестициите во образование попривлечни. Првите корисници од подобреното здравство се најранливата група: децата. Понизок морталитет на новороденчиња создава `бејби бум` генерација и често води кон последователно намалување на стапките на раѓање бидејќи семејствата одлучуваат да имаат помалку деца во средина на намален морталитет. Но, `бејби бум` генерацијата е единствена и влијае врз економија кога ќе влезе во образовниот систем, потоа кога влегува во работната сила, потоа кога штеди за пензионерски денови и, на крајот, кога го напушта пазарот на труд.
Колкав придонес кон растот може да направи добро здравство? Наодите на некои студии укажуваат дека придонесот е голем. Вообичаено, здравствените променливи редовно се вклучуваат во равенките за растот и нивното влијание, особено на почетната здравствена состојба на населението, е оценето како многу важен двигател на економскиот раст. Некои наоди укажуваат дека една дополнителна година животен век го зголемува рамнотежниот БДП по жител за околу 4%, што е големо влијание.
Оваа дискусија го изнесува на виделина системскиот проблем со којшто се соочуваме во Македонија, што истовремено е и клетвата на `ај кју` групата од почетокот на оваа колумна. Прво, според инвестициите во здравството, ние сме во рангот на некои афрички и/или режимски земји, но, за сметка на тоа, големи буџетски средства инвестираме во лукративни и промотивно-пропагандни проекти, наместо во она што, како што видовме погоре, е основата за здрава нација која тежнее да живее во благосостојба. Второ, како да се поттикне „штедачката“ навика кај просечниот граѓанин, кога самата држава наместо да штеди за лоши времиња (како денешното) или да инвестира во проекти кои го поттикнуваат растот, ги расфрла своите средства за непродуктивни зделки.
Последно, и најважно – како ќе исправите еден столб од системот (здравството), ако друг столб од системот (образованието) доживува разградување на квалитетот? И во контекстот од почетокот на оваа колумна, услов да станете дел од комплексните анализи во здравството е да сте завршиле на прворангираниот универзитет на шангајската листа. А, замислете, на таа листа, повисоко рангирани се универзитети коишто имаат стопроцентна стапка на завршување на своите студенти (diploma mill?), универзитети во коишто професорите своите колумни и семинарски работи си ги вброиле како трудови во престижни меѓународни списанија листирани на Web of Science и слично. Да не го споменуваме проблемот на пролиферација на високото образование во секое населено место, со полувиртуелни професори и импровизирано-адаптирани простории и наставни средства. И обратното, ако сте завршиле на прворангираниот универзитет во светот, тогаш вие не можете да влезете во тимот за комплексни анализи, затоа што критериумите од светската шангајска листа не се од локален карактер, како од оваа нашата, кадешто критериумите и методологијата се договорени во четири очи. Дури и ако се апстрахираме од овие бесмислици, тогаш намерата може да се толкува во две дијаметрално спротивни насоки: или објавувачот на огласот верува дека тие со потребното `ај кју` може да излезат само од прворангираниот универзитет – што е системски погубно, или знае дека таму кадешто бара, такви кандидати нема, па само си направи бесплатна реклама во Вашингтон Пост и Франкфуртер Алгемајне Цајтунг и барем за момент стана планетарно познат.
Како заклучок: кога проблемите во здравството – ниските инвестиции, здравствените работници во состојба на штрајк, незадоволните пациенти – ќе се стават во контекст на областите кои ги наведовме погоре, а од кои здравството е и те како засегнато, произлегува дека навистина е потребен комитет за комплексни анализи, бидејќи ситуацијата е од комплексна-покомплексна. Дали `ај кју`-то е клучно за одмрсувањето на ваквиот контекст, ќе покаже само времето. Но, можам да се согласам дека вреди да се проба. Јас се пријавив, а исходот од пријавувањето ќе ви го соопштам во некоја следна колумна. Само, ми останува на ум дилемата, дали ова значи дека во иднина во Македонија министри треба да бидат лица со висок „ај кју“, и тоа кои завршиле студии на прворангираниот универзитет? Па, јас, како граѓанин, имам право да го побарам тоа, нели, кога истите тие министри го бараат тоа од народот.

(Авторот е економски истражувач.)

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Дивиденда, два слоја и ровер

Економските политики во клинч