Брада (Економија и Бизнис, Мај 2013)

Во 1698 година, како дел од својот обид да ја вестернизира Русија, Петар Велики решил дека повеќе не смее да се носи брада (освен од страна на селаните), и вовел данок на оние кои одбиле да се придржуваат кон овој декрет. Неверојатно, многумина Руси ја напуштиле Русија, попрво избирајќи да ја изгубат нивната земја, отколку да ги изгубат своите долго-негувани бради!

Две фрапантни бројки сврзани со младата популација во Македонија проструија во медиумите во последно време: 1. Стапката на невработеност на младите во последниот квартал од 2012 година останува исклучително висока, 53%, што значи дека секој еден од двајца млади луѓе не можат да најдат работа; 2. Од земјава се отселиле 230.000 жители за 13 години, од коишто во голем дел тоа се млади лица кои останале да живеат во емиграција по завршувањето на студиите во странство.

Но, двата феномена, иако укажуваат на негативни тенденции во едно општество и економија, сепак не се феномени кои исклучиво се забележуваат на нашето подрачје. Глобалната економска криза која продолжи во европска должничка криза, всушност, исфрли милиони млади од работа: 50% во Шпанија и Грција и 30% во Португалија и Италија. Така, аналитичарите почнаа оваа генерација млади да ја нарекуваат „изгубената генерација“, која тешко ќе заздрави од ваквата штета, со посебен нагласок на штетите по човековиот капитал – односно вештините што овие лица ги стекнале во образовниот процес.

Што се однесува, пак, до миграцијата, и таа не е нов феномен, ниту феномен карактеристичен само за Македонија. За илустрација, некои податоци на Светската банка покажуваат дека САД, Германија и Франција се дом на најголем број економисти кои се странци во овие земји. Вообичаено е луѓето да ги избираат најдобрите можности за свој личен развој и просперитет на своето семејство. Особено младите се, по природа, издржливи на промени и сеуште немаат засновано свое семејство, што им ја олеснува задачата да емигрираат, или едноставно да останат во земјата во којашто се образувале. Дури и оние кое се образувале дома, кога се соочуваат со ограничени и узурпирани можности, поминуваат  низ процес на разградување на нивната самодоверба и стекнати вештини во процесот на образование, што ги турка во очај, чувство на неспособност работите да се променат и неможност да се воспостави врска со институциите на системот. И, тогаш почнуваат да си ја бараат среќата по белиот свет, што особено стана лесно во ера на интернетот, кога младите стануваат брзо информирани за разликите во животниот стандард и можностите во различните општества низ светот.



Оттука, иако ваквите тенденции во емиграцијата на младите изгледаат во голема мера природни, проблемот не се сведува на тоа дека имаме одлив на млада образована и здрава работна сила која треба да биде носител на развојот на среден рок. По мое лично убедување, проблемот се состои во различните перцепции / стојалишта на младите и владата: првите сметаат дека некој ним треба да им пружи можности и, ако такви не им се пружат, тогаш решението е да заминат во странство; додека владата настапува со премисата дека „без секој се може“. И двете перцепции може да имаат свое оправдување, меѓутоа она што е потребно е да се вложи напор за приближување на двете стојалишта. Па, еве неколку идеи за тоа што може да се направи од двете страни.

Сигурен сум дека никому, а особено на млад човек не му е сеедно да го напушти своето родно огниште. Прилагодувањето во подобра работна и општествена средина не е толку тешко, меѓутоа во странство никој не може да ја замени топлината на родното огниште; странците потешко подаваат рака во неволја; блискоста меѓу луѓето ја нема. Таму мора да се почне од нула, во секој поглед од животот. Всушност, цената што ја плаќаат младите со одењето во странство е почнувањето од нула. Па, наместо тоа, зошто не ја платат цената на обидувањето во Македонија? Второ, во странската земја секогаш ќе бидете граѓанин од втор ред, разлика која се премостува веројатно само по долги години живот и работа во странската средина. Трето, бидејќи човекот е секогаш човек, нејасна ми е идеализацијата на работните места во развиениот свет – па, и тие не се имуни на преголеми (несразмерни со способностите) амбиции, заткулисни игри, шиканирање – карактеристики кои викаме дека често ги среќаваме во Македонија. Или, таму тоа ќе изгледа природно кога не ќе може да се фати политичка или роднинско-пријателска врска?

Сепак, да бидеме начисто дека поголемиот напор потребен за решавање на ваквото прашање со одливот на овие млади луѓе е потребно да биде направен од страна на владата. Наместо да настапува со ставот дека „без секого се може“, владата треба што е можно побргу да излезе со јасна стратегија и акциски план за решавање на ова горливо прашање. Веројатно, почетокот на таквата стратегија треба да биде со корекција на неколку погрешни политики што се водеа во претходните години.

Прво, тоа е политиката на образование и обуки. До овој момент, политиката на образование е насочена кон овозможување пристап, но не и квалитет на образованието. За мој личен вкус, стапка за запишување во терцијарно образование од близу 100% укажува на сериозни дефекти во едно општество и политики. Дури и да го прифатиме тој факт дека секој добива можност да студира (пристап), тогаш образовниот систем низ другата компонента (квалитет) треба да обезбеди дека со терцијарно образование ќе се стекнат само оние кои имаат способности за тоа. Но, тоа не е така. Еден доказ дека тоа не е така е фактот што способноста и развојот одат рака под рака, па ако сите имавме капацитет да бидеме високо-образовани, тогаш досега требаше да бидеме најразвиената земја во светот. И, една реперкусија од оваа погрешна политика е неодамнешниот судир меѓу младите и владата, која им порача дека работни места постојат, но дека младите пребираат. Дали младите навистина пребираат? Вие го знаете тој одговор и јас нема да ви го кажам. Меѓутоа, ми изгледа логично, ако постојат многу работни места во земјоделскиот сектор, лице кое се стекнало со високо образование, бидејќи владата водела таква образовна политика, да одбие да работи во тој нископродуктивен/ нискоспецијализиран сектор – на пример, таткото му вика на синот, „ајде со мене на нива“, па тој е пребирлив и му вели „не сакам на нива, бидејќи учев за да работам во банка“. Нели е логично?

Оттука, можеби е и малку доцна, но оваа политика треба итно да се корегира. Прво, наставните програми да се надградат во квалитет и да го засили пренесувањето вештини, наместо само теоретски (и некаде застарени) знаења. Потоа, системот на образование не подразбира само формално образование, туку и разновидни обуки преку кои строго се става акцент на стекнувањето вештини за конкретни работни места. Трето, инсистирањето на посетување програми за волонтерство и пракса, а не само нивно формално изведување. Ако повеќето млади мора да поминат низ процес на практична работа со симболична компензација, и ако некој тоа го одбива, тогаш навистина ќе бидеме начисто дали некој е пребирлив или не.

А, што да се прави со оние кои ја напуштиле земјата, а биле високо-квалификувани, односно облагородени со специфични вештини (човеков капитал) и коишто имаат огромен капацитет да го носат развојот на земјата на среден рок? Еве што јас би направил: 1. Квота од 40% за раководни поции во владините институции за високообразовани Македонци емигранти кои работеле на познати универзитети и компании; 2. Квота од 70% за вработување во јавните универзитети како асистенти и наставници; 3. Целосно субвенционирање на раководни места за тие луѓе во приватниот сектор (во смисла на социјални придонеси и данок); 4. Директна финансиска инјекција за отворени високотехнолошки фирми од  такви „дечки“ во Македонија; 5. Субвенционирање на кредити за отворање и работа на каква било фирма во Македонија од оваа група млади емигранти; 6. Обезбедување приоритети во стекнувањето со сопствен дом, во запишувањето на нивните деца во градинка, основни и средни училишта и сл.

Негувањето патриотизам во насоките од оваа колумна, и од страна на младите, и од страна на државата, ќе ни овозможи да не си ја изгубиме ниту земјата, ниту брадата, а на среден рок ќе ни донесе развој на економијата, демократијата и менталитетот какви што сите ги посакуваме.



Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер