Сиромавиот Балзак

Откако препознал ветувачки млад писател, еден париски книжар одлучил да му понуди на сиромавиот Балзак 3.000 франци за неговиот следен роман. Но, кога видел дека неговата адреса се наоѓа во еден беден кварт од градот, ја спуштил цената на 2.000 франци. Кога, во посета на домот на писателот, книжарот видел дека Балзак живее на последниот кат, неговата понуда паднала на 1.500 франци. Конечно, кога тој влегол во мансардата на Балзак и го затекнал човекот како брцнува една застоена кифла во чаша со вода, цената ја спуштил на 300 франци.

Стапката на сиромаштија во Македонија опстојува на високо ниво од 27.1% во 2011 година и се намали за само 0.2 процентни поени во однос на годината пред неа. Низ периодот на транзиција, таа постојано растеше, почнувајќи од околу 19% во 1997 (најраната година за која податок постои). Но, позагрижувачки податок е оној за распределбата на богатството. Најбогатите 10% граѓани во 2000 година располагале со 25.8% од вкупниот доход, додека десет години подоцна, тоа учество се зголемило на 31.9% или за околу една четвртина. За сметка на тоа, во 2000 година, најсиромашните 10% граѓани рапсолагале со 2.4% од вкупниот доход и по 10 години тоа учество се намалило на само 1.9%, или за една петтина.

За волја на вистината, трендови на пораст на доходната раслоеност се забележуваат и во напредните економии – многу поизразени во последно време, отколку во годините на таканаречената глобална модерација. На пример, во САД, најбогатите 10% располагаат со половина од националното богатство во 2012 година, што не е забележано од 1912 наваму. Но, ова не може да биде оправдување зошто нееднаквоста во Македонија се зголемува. Имено, причините за пораст на нееднаквоста кај овие земји се различни. Прво, развиените земји ги `обележаа` технолошки промени кои одеа во насока тие да бараат работници со вештини на повисоко ниво, а не работници кои немаат никакви вештини. Второ, глобалните продажни ланци ги преместија нископлатените работни места во земјите во развој. Двата тренда придонесоа побарувачката за висококвалификувани работници во развиените земји да се зголеми, а таа за нискоквалификувани да опадне, што ја зголеми доходовната разлика меѓу првите и вторите.

Оттука, ако овие трендови не важат за Македонија, тогаш зошто нееднаквоста расте? Трендот на зголемување на нееднаквоста долж целиот процес на транзицијата во Македонија веројатно има фундаментални корени. Транзицијата доведе до контингент од невработена работна сила чиишто вештини не само што беа на ниско ниво, туку и дополнително еродираа, што меѓусебно се `подгреваше` со веројатноста од т.н. долгорочна невработеност и очајна сиромаштија. И други инхерентни карактеристики на транзицијата – првенствено начинот на спроведување на приватизацијата – придонесоа сиромашните уште повеќе да осиромашуваат, а богатите уште повеќе да се богатат. Но, во тековниов момент поважни се тековните поттикнувачи на нееднаквоста. Според моето мислење, во моментов има два важни фактори кои не овозможуваат нееднаквоста да се намалува, а нивното дејство и допрва позначајно ќе се почувствува.



Првиот фактор е поставеноста на даночно-социјалните политики. Македонија има систем на рамен и низок данок. Да расчистиме дека она што ја `потпалува` нееднаквоста е рамниот, а не нискиот данок. Во релативна смисла, и сиромашните и богатите се оданочуваат исто, што оневозможува голема ефективност на трансферната функција на буџетот, односно тој да може да зафати повеќе од оние што имаат повеќе и да даде на оние што имаат помалку, истовремено и оданочувајќи ги помалку. Дополнително, системот е регресивен во сферата на социјалните придонеси, односно во просек ги оптоварува повеќе оние работни позиции кои се сврзани со пониски плати, со тоа што за плата која се добива под одреден минимален износ, придонесите се плаќаат на тој износ, а не на фактички остварената плата. Ваквиот дизајн на социјалната политика ја зголемува нееднаквоста. Во спротивна насока, за среќа, дејствуваат обидите за зголемување на социјалната помош и пензиите, но стапките на нивно зголемување се така бенигни што само можат да ја одржат, но не и да ја зголемат куповната моќ на овие групи население.

Вториот фактор за зголемување на нееднаквоста чии ефекти ќе излезат на виделина допрва е процесот на привлекување странски директни инвестиции. Планирано или непланирано, повеќето странски фабрики кои влегоа или најавија влез во нашата економија се со средна до висока технологија. Тие ја / ќе ја увезуваат својата суровина од странство, ќе склопуваат тука и ќе извезуваат во странство. Додадената вредност барем во првите години ќе се сведе само на вградената работна рака, бидејќи тие тешко ќе се поврзуваат со домашните фирми, едноставно затоа што домашните фирми не се развиени на ниво кое ќе овозможи снабдување со суровини на високо-технолошка фабрика. Тоа, оневозможува ефектот од странската инвестиција да биде мултипликативен. Но, многу поважно, за нашата дискусија во оваа колумна, е со какви работници ќе се екипираат овие фабрики. Со работници кои имаат основно образование или едвај имаат неколку години од основно образование или со оние кои немаат образование и не знаат да читаат и пишуваат? Секако дека не. Дури, често ќе се случува, избраните работници кои веќе имаат не така ниски квалификации, да треба да се доедуцираат и дообучат. Значи, високо-технолошките фабрики нема да ги вработуваат сиромашните, туку повторно ќе посегнат кон средно до високо-едуцираните работници. Ако нивниот доход се зголемува, а оној на сиромашните не се променува затоа што за нив работни места и не баш се отвораат, тогаш нееднаквоста само ќе расте.

Оттука, додека политиките не се променат и додека секоја нова економска политика не се оценува наспроти дистрибутивните ефекти што таа ќе ги предизвика за доходот на населението, дотогаш како Оноре де Балзак од почетокот на оваа колумна, сиромашните се повеќе ќе осиромашуваат и јазот со богатите во Македонија се` повеќе ќе се зголемува во годините што доаѓаат.


(Авторот е економски истражувач.)

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Дивиденда, два слоја и ровер

Економските политики во клинч