Економски модел?

Деновиве, а и во еден подолг период наназад, владиниот економски модел за развој, кој се базира на привлекување странски инвеститори во технолошко-индустриски развојни зони во кои тие добиваат големи финансиски олеснувања, се најде изложен на сериозни критики, како во политичката, така и во експертската фела. Бранот критики беше поттикнат од најавата за повлекување на фабриката порано позната како Џонсон Контролс, која беше и првата позначајна странска (гринфилд) инвестиција во земјата. Ваквата одлука – без разлика дали се заснова на тоа дека финансиските олеснувања истекуваат, или е чисто поврзана со преструктуирањето во таа компанија – наметнува потреба за преоценување на потенцијалот и ефектите од овој развоен модел.

Всушност, се најдуваме во уште едно предизборие како последица на политичката криза која започна порано годинава. Ова е период во кој политичктие партии, претпоставувам, ги скицираат своите политички програми. Клучно за живеачката ќе биде економскиот модел за развој што ќе го понудат програмите. Економските модели што ќе ги понудат левицата и десницата засега не се целосно познати, иако може да се формираат одредени очекувања согласно нивното досегашно дејствување.

Мојот став е дека сегашниот концепт на развој – преку странски инвестиции со серија повластици – ги покажува првите знаци на слабост и треба сериозно да се преиспита, додека концепт на развој кој би се потпирал на прогресивно оданочување и алиментирање на социјалата до ниво до кое нејзината неактивност може да стане најсериозната закана за растот, е целосно погубен и неодржлив.

Оттука, економскиот модел во пост-изборието, којшто е најреален, и веројатно најлесно и најефтино спроведлив, треба да се базира на модификација на постојниот модел на привлекување странски инвестиции. Основната слабост на постојниот модел е што фабриките што се населуваат во нашата економија бавно и тешко, а често и невозможно е да се поврзат со домашната економија. Тие се главно високо-технолошки фабрики кои од нашава економија црпат само ефтина работна сила и ништо друго. Поради природата на нивните производни процеси, тие тешко најдуваат добавувачи во домашната економија. Во услови на таква слаба поврзаност со домашната економија, за нив е релативно лесно и да си заминат. Притоа, не е за изненадување тоа да го сторат во моментот кога финансиските олеснувања што ги добивале престануваат да важат.
Оттука, неколку правци на размислување за сериозен ремонт на овој економски модел, се следните.



Прво, совршено ми јасно дека она што фабриките го плаќаат, а што најчесто е близу минималната плата, не е доволно за живеачка, но нема економска логика тоа да биде поинаку. Добрите економисти знаат дека во услови на голема невработеност, односно голема понуда на работна сила, а недоволна побарувачка, цената на трудот ќе биде ниска. Но, плаќањето на работниците е едно прашање, а друго прашање се работничките права. Македонија мора да осигури подобро дефинирање на работничките права и, поважно, нивно агресивно и доследно имплементирање во практиката. Прекршувањето на работничките права да биде санкционирано без оглед дали станува збор за домашна или странска фабрика, и дали во сето тоа е вмешана некаква политичка заднина или не.

Второ, стратегијата за привлекување странски фабрики да се промени во насока на привлекување фабрики од повеќе средна технологија, барем во моменталната фаза од нашиот развој. Тоа главно би биле фабрики од прехранбена, конзервна, млечна, и другите сродни индустрии. Тие, не само што полесно ќе ја вработат нашата работна сила, без многу дополнителни тренинзи и преквалификации, туку и полесно ќе се поврзат со домашната економија. Така ќе се решат и многу од проблемите со земјоделското производство, а ќе се поттикне и производство на култури кои порано се произведувале во нашата економија, а сега ги нема. Домашнтие фирми – добавувачи на странските фабрики – ќе станат дел од еден поголем ланеџ на снабдување, ќе ги подобрат своите перформанси и стандарди на работење, а веројатно ќе изградат и пристап до меѓународниот пазар. Во такви околности, дури и да се случи странската фабрика да замине од економијата, врските што домашните фирми веќе ги изградиле ќе им останат како вредност која може да биде значајна за нивниот понатамошен развој.

Трето, не сум против субвенционирањето на влезот на странските фабрики. Но, на ова поле е потребен најсериозниот ремонт. Нема компромиси околу транспарентноста во трошењето на јавните пари. Тоа се пари на даночните обврзници и тие мора да знаат за што е потрошен и најситниот денар, а не пак за баснословни износи дадени на субјекти надвор од националната економија. Оттука, износот и намената на каква било субвенција во иднина треба да биде јавно и лесно достапен за секој граѓанин и институција, како и листа на останатите директни и индиректни олеснувања и повластици дадени на секоја фирма. Поважно од ова, треба да се создаде политички и експертски консензус, базиран на емпириски докази, дека трошоците што како економија ги правиме за субвенционирање што било, се помали од користите што економијата ќе ги има од тоа субвенционирање. Тоа ќе имплицира и утврдување на максималниот износ на субвенции што како економија сме спремни да го платиме. Вакво нешто во моментот нема и сите износи се определени на ад хок основа, згора на тоа што остануваат целосно непознати на даночните обврзници.

Четврто, вака редизајнираниот модел да се отвори целосно и кон домашните инвеститори, односно тој да не прави каква било нивна дискриминација. Дали ќе биде од нив искористен – не знам, но тие заслужуваат фер шанса.

Вака дизајнираниот ремонт ќе осигури отворање нови работни места, кои ќе доведат до намалување на сиромаштијата, како и до поголема куповна еднаквост меѓу граѓаните. На краток рок нема да ги подигне платите на ниво на европските, но ќе осигури солидна основа платите постепено да растат, односно да конвергираат кон тие од домицилните земји на странските инвеститори, а паралелно на зголемувањето на продуктивноста на нашите работници. Прогресивни даноци и висока незаработена социјална помош треба да бидат надвор од оваа листа – може да уловат некој глас, но се среднорочно погубни за економијата.


Авторот е економски истражувач.

Comments

  1. Професоре, најпрво дозволете ми да кажам дека се радувам на новата колумна (штета што не наоѓате време или мотив за почесто објавување), иако овојпат во голем дел не се согласувам со напишаното. Ќе пробам накратко да образложам зошто.

    Последните неколку месеци доста се пишува за (не)успехот на моделот на привлекување на СДИ и воопшто за ефектот на странските инвестиции во Македонија. Помалку ми смета што целиот процес се вулгаризира на начин што се користи како (моќно) оружје во политичката пропаганда, а не заслужува. Нема да пишувам за важноста на СДИ за економија како македонската и од теоретски и од практичен аспект, затоа што мислам дека тоа е апсолвирано, барем помеѓу луѓето со познавања на темата. Чесно е да спомнам и дека до мене стигаат одредни информации поврзани со целиот овој процес, па дел од нив ќе искористам како аргумент тука.

    Ќе кажам јасно: лично сум голем поддржувач на процесот на привлекување на СДИ од едноставна причина што нашата економија покажа дека не може да генерира економски раст и нови вработувања потпирајќи се на домашниот капитал. И не е само капиталот во прашање. Наследените чувството за бизнис и деловна култура од претходниот систем очигледно се клучни во неуспехот. Немајќи алтернатива, сметам дека единствено странскиот капитал и знаењата што ги носат странските компании можат да дадат видливи ефекти за релативно краток период. И заради тоа, најчесто имам различен став од критизерите на политиката на носење странски инвеститори во РМ. Се јавува чудна ситуација каде како главен аргумент против оваа политика се зема износот што државата го троши во процесот на привлекување. Истовремено, државата не открива колку чини сето тоа. Излегува дека: не знаеме колку државата троши, но тврдиме дека тоа е многу и неоправдано. Да се разбереме, јас сум поборник на комплетна транспарентност во процесот. Граѓаните треба да знаат кој е износот што државата го троши на помагање на странските компании при воспоставувањето на активности во државата. И таму треба да бидат насочени критиките и барањата. Едноставно, не може да кажете дека државата троши многу, ако не знаете колку е тоа. Тоа е паушална критика. Тука е првиот момент каде не се согалсувам со вас.

    Вториот е знаците на слабост на моделот. Поаѓате од фактот што компанијата Visteon (поранешната дивизија за електроника на Johnson Controls) реши да ги прекине активностите во РМ. Ќе искористам дел од информациите што ги спомнав за да ви ја разрешам дилемата околу причините за ваквата одлука. Имено, Visteon Corporation почна да спроведува програма на преструктуирање на производните активности во Европа. Со оглед на тоа што погонот во РМ всушност работи за потребите на погонот во Словачка, компанијата одлучува да го прошири и интегрира целиот процес во Словачка на сметка на фабриката во Бунарџик, затоа што обратната ситуација е нелогична, технолошки и кадровски, а најверојатно и економски неоправдана. За наша жал, ситуацијата е или-или. Уште еден, можеби поважен факт е тоа што државната помош за компанијата истече пред неколку години. Моделот на државна помош во делот на даночни ослободувања функционира по принципот "up to 10 years", така што во зависност од успешноста на компанијата и надминувањето или придржувањето до проекциите од бизнис планот (кој е основа за договорот за држaвна помош), таа помош може да трае и многу пократко од периодот од 10 години. Јасно ми е дека коинциденцијата при поклопувањето на моментот на заминување на Visteon од РМ и периодот од 10 години од почетокот на активностите беше употребено од критизерите на процесот како "ултимативен доказ" дека се што странските компании ги интересира во државава е помошта. За нивна жал, тоа не е вистинската причина.
    (1/3)

    ReplyDelete
  2. Што тоа државата дава како помош на странците? Ослободување од данок на добивка и персонален данок на доход, најмногу до 10 години. Вие добро знаете како се вика тој трошок - опортунитетен. Значи, државата пред влегувањето на Johnson Controls и останатите го немала тој приход по основ на ДД и ПДД. Се откажува од евентуално новиот приход заради остварување на други користи како вработувања, придонеси, извоз, know-how, имиџ на државата, итн. За каква жртва зборуваме тука? Друг детал што ми смета е митот дека постојат ослободувања во делот на придонесите. Сум читал многу на темава, но никаде немам прочитано дека се нуди ваква повластица. Доколку се нуди, тогаш се ствара економска штета. Ослободување од даноци и ослободување од придонеси се различни категорија. Се нуди и грант од половина милион евра за изградба на фабриката. Ми се чинеше како многу, па малку истражував. Ако една просечна фабрика во зоните има големина од 15000 квадрати, а еден квадрат чини околу 500 евра, испаѓа дека просечно се трошат 7,5 милиони евра само на градба. Зарем е многу ако државата учествува со некои 6-7% во изградбата на фабриката, која патем ја градат исклучиво македонски градежни компании? За мене не е.

    Следно, не се сложувам дека странските компании не се поврзуваат со домашните заради заради нивните технолошки процеси. Можеби една или две компании "по дефиниција" на нивниот процес не можат да најдат локални добавувачи тука. Проблемот го гледам во неинформираноста на домашните бизниси и неспремноста (кадровска и финансиска) да одговорат на страндардите во индустријата. Но, колку што се информирам, работите полека се менуваат. Претпоставувам и вас ви е јасно дека типична македонска компанија најпрво сака да се увери дека друга компанија може да го направи нештото, за после тоа и сама се обиде. За жал, нашето стопанство е стопанство на следачи, а не на лидери. Како и да е, сигурен сум дека ќе има нагол напредок на ова поле во перидот што претстои, затоа што се повеќе менаџери сфаќаат дека странците во зоните се прилика за нив, а не нелојална конкуренција.

    Истотака, не се согласувам со тезата дека странците не плаќаат доволно. Уште помалку дека исплаќаат минимални плати. Доволно и недоволно се релативни термини и не им е место во емпиријата. Странците плаќаат колку што диктира пазарот, исто како и домашните фирми. Сигурно не треба да се убедувам со вас дека не постои друг, освен пазарен принцип во утврдувањето на платите во компаниите на странските инвеститори. Нема логика да биде поинаку.
    (2/3)

    ReplyDelete
  3. Околу типот на компании кон кои треба да се цели, повторно делумно не се сложувам. Носењето на компании од сектори во кои постои доволна домашна конкуренција (прехранбена, конзервна, млечна) од една страна е директно и класично потпомогнување на нелојаната конкуреција, а од друга страна, претпоставувам тежок процес на преговарање и убедување. Да земеме компанија од млечната индустрија за пример. Моментално имате неколку странски играчи и уште неколку домашни. Домашниот пазар е апсолутно неатрактивен заради големината и постоечката пенетрација. Регионалниот, не само што е релативно мал, туку и не е опција, бидејќи едноставно, ако некој сака примарно да продава во Србија, во услови кога трошоците за бизнис се слични, ќе отвори погон во Србија, а не тука. Прашањето е: како ќе убедите странска компанија од млечната индустрија да инвестира во производство во Македонија, а притоа да не ги повредите пазарните услови. Од друга страна, пакет на поволности за компанија, да речеме од автомобилската индустрија, прво, не значи нелојална конкуренција (туку напротив, можност за постоечките компании) и второ, барем за нијанса ја прави државава поповолна опција во услови кога буквално сите земји од Источна Европа нудат помалку или повеќе слични поволности.

    Последната тема за која очигледно имаме различен став е дискриминацијата што наводно ја прави државата со помошта насочена кон компаниите во ТИРЗ-овите. За волја на вистината, шансите за домашните и странските компании во зоните се исти. Ако само се пролиста законот за ТИРЗ, лесно ќе се сфати дека иницијалната идеја на зоните е всушност заштита од нелојална конкуренција. Во таква зона може да влезе компанија чија дејност е практично непостоечка во државава или пак нејзиното производство е комплетно наменето за извоз, така што не конкурира со компаниите на домашниот пазар. Во превод, некој не го спречува, да кажеме Алкалоид да аплицира за парцела во ТИРЗ каде ќе ги добие сите поволности што важат за странските компании, под услов да, карикирам, почне да произведува прашок за перење, кој ќе го продава на странски пазар или дури да го продава на домашен пазар во случај да нема други производители на прашок за перење (колку што знам нема). Зборот ми е, дискриминација не постои. Постојат само одредни правила и голем простор исполнет со неинформираност и неиницијативност. Ова тема со дискриминацијата е нешто што најмногу ми пречи кога се критикува моделот на привелкување на СДИ.

    За останатите неколку теми, особено за транспаретноста на процесот, целосно се сложувам со вас.
    (3/3)

    ReplyDelete
  4. Здраво, благодарам на коментарите. Во поголем дел не гледам дека не се согласуваме. Всушност, мојот став е поддржувачки кон СДИ и (го делиме мислењето дека), во овој момент, домашниот производен сектор нема капацитет да генерира доволно работни места за да ја апсорбира невработената работна сила (не знам дали тоа сум го кажал во колумната експлицитно, но сигурно во други прилики по медиумите). И така натаму. Може во некоја прилика лично да ги дискутираме останатите аспекти, нормално ако сакате да се идентификувате, бидејќи имате добри поенти - реков, во голем дел се согласувам, а онаму кадешто не се согласуваме веројатно се и областите кадешто оваа политика би искористила од блага модификација долж моите идеи или некои средни решение (секако, ништо не е ултимативно)... Поздрав

    ReplyDelete
  5. Ви благодарам на одоговорот. Би ми било чест и задоволство со вас лично да дискутирам на оваа тема, особено во делот на политиките за привлекување на странски инвестиции. Штом имам прилика и ве сретнам на некој настан, ќе ви се претставам. Дотогаш, ако дозволувате, би коментирал на овој начин. Поздрав

    ReplyDelete

Post a Comment

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер