Идеја - петпари (2)

Длабоката политичка криза во Македонија, всушност, откри дека институционалниот систем не функционира по општоприфатени правила, односно би рекле дека политичката криза се сведува на институционална криза. На јавноста и` се потврди она што претходно беше јавна тајна, дека институциите може да бидат злоупотребени за недржавни, најчесто политички и уште повеќе лични цели. Државен функционер може да се јави на друг државен функционер и да нарача инспекција, специјално подготвена да казни или дури затвори некоја фирма, без оглед што можеби таа фирма целосно ги почитува законските прописи и стандардите во работењето.

Да немаме дилема, ова е една опасна форма на корупција. Таа не неопходно вклучува мито, односно нејзината примарна цел не е да изнуди финансиски средства, но таа не му дава на приватниот сектор да дише и директно го корумпира растот на економијата. На пример, Рохини Панде во „Разбирање на политичката корупција во нискодоходни земји“ прави интересен преглед на литературата околу начините на кои слабите институции и корупцијата може да ги „скратат“ крилјата на растот. Економетриските испитувања нашироко го документираат негативниот ефект од корупцијата врз растот.

Да ја сведеме оваа повеќе научна дискусија на практично ниво. Ако вие сте мала до средна фирма и сте под постојан притисок на инспекторатите, кои имаат намера или налог да најдат „влакно во јајцето“, тогаш растот на вашата фирма ќе падне во втор план на дејствување на сопственикот и/или менаџерот. Дури и ваквите инспекции да не завршуваат со финансиски казни (што ќе ја `суши` ликвидноста на фирмата), сознанието дека вие може да бидете испитувани и казнети од инспекциските служби тогаш кога некој тоа ќе го посака а не кога има основано сомнение за прекршок, ја намалува мотивацијата за doing business во Македонија.
Македонија и нејзиниот економски раст се под ваков ризик во последните 25 години. Најпрво да изградиме консензус дека состојбата не е таква само во последните 9-10 години, туку отсекогаш била таква. Оттука, ризикот дека тоа може да продолжи и/или да се повтори останува висок.

Оттука, сакам да дадам една идеја до пишувачите на партиските програми, за да го намалиме или елиминираме овој ризик: Приватизирајте ги инспекторатите!

Како ова би функционирало?


Прво, секако дека не може да се приватизираат сите инспекторати, ниту пак еден инспекторат во целост. Но, може да се приватизира фискалниот инспекторат (УЈП) за компании кои имаат годишен обрт до одредено ниво, да речеме, 6.000.000 денари, како и за сите субјекти кои плаќаат паушални износи на својата заработка. Секако, многу важно е да се приватизира и инспекторатот за труд, особено за малите и средно-малите компании, на пример, оние кои вработуваат до 40-50 лица. Трет клучен инспекторат што треба да биде предмет на приватизација е пазарниот инспекторат. Притоа, инспекторатите и мерата во којашто тие би се приватизирале треба да бидат предмет на јавна расправа, со клучен инпут од фирмите кои би биле примарен таргет и кои во минатото биле изложени на, условно кажано, нефер или компромитиран третман од инспекциските служби.

Второ, сите фирми кои би биле под приватниот инспекциски надзор, ќе имаат обврска заедно со поднесувањето на годишната завршна сметка, да поднесат и извештај за извршен инспекциски надзор во областите што се во приватни раце. Но, секако, инспекцискиот надзор не е замислен само како доброволна работа која би се спроведувала еднаш во годината, туку спроведувањето на законските прописи треба да биде осигурано во кој било момент од работењето. Оттука, приватните инспекторати ќе може да извршат проверка во секое време, доколку имаат сомнение дека некој законски пропис е прекршен. Тоа имплицира дека ќе може да изречат казна, од која ќе може да ја наплатат својата услуга, а дел од казната повторно ќе се слее во државниот буџет. Дури може инспекторатите да работат по дојава од трето лице (на пример, државата или конкуренцијата, во строго утврдена процедура), пришто доколку наодот на инспекцијата е дека нема прекршок и оттука нема казна, услугата да ја плати оној којшто ја поднел пријавата до инспекцијата за сомневање за прекршок кај правното лице што е предмет на инспекцискиот надзор.

Трето, лиценцата за воспоставување приватни инспекторати ќе ја издаваат надлежните министерства, но законски нема да има пречка да се формираат повеќе компании за една инспекциска услуга, ако тие за тоа исполнуваат претходно дефинирани услови. Всушност, формирањето инспекциски фирми може да биде аналогно на формирањето ревизорски куќи: тие ќе работат во компетитивна атмосфера, и ќе сакаат да воспостават деловни наместо репресивни односи со своите клиенти. Секоја фирма ќе има обврска да склучи договор за инспекциска услуга со одредена фирма по слободен избор, со цел изготвување годишен извештај за извршен инспекциски надзор. Склучениот договор ќе има одредена временска валидност (на пример, 2 години), со обврска по истекот на тој период, инспекциската фирма задолжително да се промени. Во текот на времето за кое е склучен тој договор, само инспекциската фирма што склучила договор со фирмата ќе може да врши инспекциски надзор (вклучително и само до неа да стигнуваат дојави за нејзиниот клиент) и да го составува инспекцискиот извештај.

Секако ќе треба да се дообмислат и уште некои аспекти за приватизацијата на инспекторатите да биде изводлива и ефективна кога ќе се спроведува во пракса. Главниот збор во тоа нека го имаат фирмите на кои би се однесувала. Ајде да размислиме за оваа идеја.


(Авторот е економски истражувач).

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер