Зголемувањето на надворешениот долг не е секогаш лоша вест

На крајот од третиот квартал 2016 година, бруто надворешниот долг на Македонија изнесуваше 78% од бруто домашниот производ, со скоро подеднаква застапеност на јавниот (40%) и приватниот надворешен долг (38%). Во повеќе медиуми проструи веста дека ова е рекордно и алармантно ниво на надворешниот долг. Точно е дека ова е рекордно ниво на надворешен долг: на пример, во 2004 година, тој изнесувал околу 45% од БДП. Но, дали ова ниво на надворешниот долг е алармантно, треба да се размисли подетално.

Прво, што претставува надворешниот долг? Надворешниот долг се пари кои им се должат на странци од страна на ентитети во Македонија. Но, ентитет во Македонија не значи само владата, односно државните институтии, туку широка лепеза на други должници: банките, претпријатијата, а теоретски тоа може да бидат и лица. Моменталниот надворешен долг што го има Македонија од 7.5 милијарди евра е вкупниот долг на сите овие ентитети. Оттука, една од главните забуни е што надворешениот долг се поистоветува со јавниот долг. Јавниот долг – долгот на државата – е дел од надворешниот долг, се` додека тој е позајмен од странство, односно од странски финансиски институции или преку издавање должнички инструменти на странски пазар. Оттука, јавниот и надворешниот долг имаат една голема заедничка компонента: надворешниот долг кој го генерира државата. Меѓутоа, тоа се фундаментално различни концепти.

Следната слика го дезагрегира вкупниот надворешен долг според тоа кој тој долг го генерирал. Она што првенствено е забележливо на неа е дека долгот по основ на директни инвестиции во набљудуваниот период забележува значаен раст: од 282 милиони евра во 2004 на близу 2 милијарди евра на крајот од третиот квартал 2016. Всушност, првата поголема странска гринфилд инвестиција во Македонија дојде во 2006 година, пред да отпочне поструктуирана политика на привлекување странски директни инвестиции, што потоа е евидентно со порастот на долгот што тие фирми го креирале. Значи, странските директни инвестиции во Македонија креирале за земјата надворешен долг.

Извор: НБРМ

Дали е тоа алармантно? Не, туку напротив е сосем нормално. Всушност, механизмот на влегување на странската инвестиција во Македонија вообичаено е таков што таа основа своја подружница во земјава, која потоа врши позајмување средства кај својата фирма мајка. Значи, фирмата ќерка генерира обврска кон својата фирма мајка. Средствата што ги добива во форма на позајмица служат за набавка на фиксните средства, како и почетен работен капитал за да може таа фирма да се воспостави и да почне да работи во Македонија. Значи, позајмувањето (или т.н. левериџ) е значаен процес во секој сериозен бизнис, без оглед дали станува збор за позајмување од поврзани претпријатија или не.


Оттука, ако претпоставиме дека трендот на доаѓање на странски инвестиции во земјата ќе продолжи, логичен след е дека и надворешниод долг на земјата ќе расте. Меѓутоа, ова е добра вест за нашата економија. Ваквото позајмување од странство претставува робустна компонента за развој на економијата. Од таа гледна точка, надворешниот долг не треба да се претставува како алармантен.

Но, секако, не е се така розово. Графиконот покажува дека следниот доминантен должник кон странство е државата. Како што спомнав погоре, државата должи половина од Македонскиот надворешен долг, околу 2.7 милијарди евра на крајот од третиот квартал 2016. Заедно до долгот на централната банка и Македонската банка за поддршка на развојот, овој износ се искачува до близу 4 милијарди евра. За споредба, овој долг изнесуваше само 1 милијарда евра на крајот од 2007, по предвремената отплата од страна на државата на некои долгови кон концесионалните кредитори, или само 17% од БДП. Значи, споредено со тоа ниво, јавниот надворешен долг се дуплираше во релативна смисла, а се вчетворостручи во апсолутна смисла, во временски период од 10 години.

Дали ова е лошата вест? Па, сеуште не. Всушност, владата е таа која може на меѓународниот пазар да се задолжи релативно евтино (односно поевтино отколку повеќето домашни компании). Тоа значи дека ако владата тие пари ги инвестира – да речеме во изградба на патишта, здравствен систем, инвестиции во образованието итн. – тогаш е мошне веројатно дека секоја од тие инвестиции има принос кој е поголем од трошокот (каматната стапка) за позајмените средства. Овие инвестиции ќе го подигнат продуктивниот капацитет на економијата: инфраструктурните инвестиции ќе го направат пазарот попристапен и ќе привлечат повеќе странски фабрики, додека инвестиции во човеков капитал (образование и здравство) ќе ја направат работната сила попродуктивна. На долг рок, лесно ќе може да се отплатат средствата што некогаш биле позајмени.

Но, дали владата секогаш позајмува за инвестициски потреби? Одговорот е не, и тоа е, всушност, лошата вест. Нам, како на граѓани, често не ни беше позната намената на позајмените средства, особено при издавањето еврообврзници, згора на фактот што јавниот (надворешен) долг рапидно се зголеми во релативно краток временски период. Тоа е основната линија на загриженост во порастот и нивото на нашиот надворешен долг, а не надворешниот долг како целина.

Авторот е универзитетски професор.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Дивиденда, два слоја и ровер

Економските политики во клинч