Увозна „перестројка“ за поголем раст (Капитал, 11.02.2011)

Во 2010, споредено со 2009, извозот на стоки од Македонија се зголемил за 22,7% (во доларски вредности). Паралелно со ова, дефицитот на стоковата размена се намалил за околу 8,6% (во апсолутни вредности), главно затоа што во истиот период увозот пораснал за близу три пати помалку споредено со извозот, односно за 8,1%. Ако на ова се додаде `плусот` на сметката на услуги, тогаш може да заклучиме – Македонија, како економија водена од извозот, е на вистинскиот пат, и брзо ќе се врати на стабилни стапки на раст и брзо ќе ја намали невработеноста. Но, би било премногу добро за да последниот заклучок биде вистинит. Како мала и отворена економија, Македонија е зависна од надворешната трговија и перманентно генерира дефицит на трговското салдо, којшто благодарение на мошне поволните движења кај приватните трансфери (што ги вклучува дознаките што доаѓаат од нашата дијаспора), ги `спасува` тековната сметка на платниот биланс и фиксниот курс на денарот. За среќа, приватните трансфери се покажаа мошне отпорни на глобалната криза, но тоа не го подобри впечатокот дека тие се варијабилна и тешко-предвидлива категорија. Така, во идеални услови, `лек` за ваквата ситуација е генерирање трговски суфицит или финансирање на дефицитот со стабилни извори во финансиската сметка, односно странски директни инвестиции. Но, и едното и другото звучи повеќе апстрактно, барем во моменталниот глобален економски контекст. Затоа, да се вратиме на извозот и увозот на стоки.

Деновиве, во јавноста провејува тезата дека извозот ќе биде локомотива на економскиот раст. Секако дека подобрувањето на побарувачката од нашите трговски партнери, првенствено Германија, заедно со поволните движења кај цените на металите, ќе значат подобри денови за нашиот извоз и воопшто за нашиот економски раст. Но, аргументот е валиден се` додека увозот не почне да расте со (по)брзо темпо и особено во категориите што ја хранат финалната, а не интермедијарната потошувачка. За време на една прес конференција за слободната трговија со претседателот Клинтон, канадскиот премиер бил прашан што мисли за `увозот` на наркотици што влегуваат во Канада од САД. Откако малку подразмислил, тој одговорил дека „тоа сепак значи повеќе трговија и повисок раст“. По кратка тишина и понекоја иронична насмевка, Клинтон се наведнал и му потшепнал нешто на премиерот. „Ааа, наркотици (drugs)“, извикал тој, „мислев дека рековте камиони (trucks)“.

Настанот нема за цел да ја опишува или да прави споредби во делот на црната трговија, иако е јасно како таа може да ја уништи економијата. Главната поента со истиот е во делот на камионите. Ако една фирма увезе камион, којшто не може да го купи на домашниот пазар, бидејќи таков не се произведува и нема предуслови на краток рок да се произведе, тогаш таа набавка ја прави за целите на својот производствен процес – односно, за да може своите производи непречено да ги доставува до купувачите. Камионот ќе служи многу години, сопствениот превоз ќе го намалува трошокот на фирмата и ќе остава простор за повисоки плати и/или повисок профит. Ќе придонесува домашниот БДП да се зголемува во многу последователни периоди, а увозот ќе го зголеми само во периодот на набавка на камионот. Но, ако наместо камион, фимите увезуваат, на пример, пакуван шеќер, додаваат маржа и го продаваат во маркетите, тогаш тој ќе се потроши и ќе ја подигне потрошувачката денес, но во ниеден последователен период. Ефект врз БДП речиси и да нема, бидејќи тој шеќер не сме го произвеле ние, туку земјата извозник.

Во 2010 година, ставката `увоз на машини и транспортни уреди` се намалила за скоро 10%! Со тоа, една од главните претпоставки за континуиран и одржлив раст не е исполнета. Оттука, не само што растечкиот увоз може да ни ја намали `радоста` за растот на извозот, туку може и да ја претвори во фарса, ако тој увоз ја храни потрошувачката (примерот со шеќерот), а не инвестицискиот процес на фирмите (примерот со камионот). Престројувањето на увозот од `шеќер` кон `камион` останува одговорност на економските политики, коишто мора да се дизајнираат внимателно, со нагласување на долгорочната и системската компонента.

Верувам дека решението за ваков тип престојување лежи во опсежна програма за поддржување на преработувачката индустрија. Зошто ја споменувам преработувачката индустрија? Затоа што ние имаме поднебје и работна сила коишто се соодветни за дејностите од преработувачката индустрија. Фискалната политика може лесно да ја стимулира преработувачката индустрија да користи домашни влезни инпути –на пример, преку овозможување поголеми фискални олеснувања при понизок степен на увозна зависност на една фирма. Aко една фирма за произвдство на сокови знае дека ќе добие поголемо фискално олеснување ако ја намали својата увозна зависност, наместо да увезува шеќер од Кина, ќе се обрати во шеќераната во Битола. Шеќераната ќе го зголеми своето производство, а бидејќи и самата знае дека ќе добие повеќе фискално олеснување при помала увозна зависност, ќе бара да откупи шеќерна репка од домашните земјоделци. Земјоделството производство ќе порасне. Второ, поддржувањето на фабриките од прехранбената, конзервната, мелничката, индустријата за сокови, масло и сл. ќе го дисперзира земјоделското производство на поширока основа, па тоа освен што ќе ги елиминира вишоците од некои производи (тутун, јаболка, грозје), ќе стимулира производство на земјоделски производи за коишто имаме предуслови, а коишто не ги произведуваме или ги произведуваме недоволно – шеќер, сончоглед, пченица, `рж... И, трето, ќе се намали увозот на овие суровини и ќе се елиминира или ублажи влијанието на светските цени на шеќерот и житариците коишто ја диктираат цената на домашниот пазар и (во моментов) создаваат инфлаторни притисоци врз лебот, млекото, преработениот шеќер, маслото за јадење, и коишто допрва ќе вршат социјален притисок врз граѓаните. Сето ова поволно ќе влијае врз дефицитот на трговското салдо и/или ќе остави простор да увеземе повеќе камиони, машини, опрема, коишто се предуслов за повисок степен на обработка на производите и, во крајна линија, за повисок економски раст во иднина.

Повиокиот економски раст и животен стандард е нашата крајна цел. Замената на `непродуктивниот` увоз со домашно производство и оставањето поголем простор за `продуктивната` увозна компонента е мал дел од мозаикот за постигнување на крајната цел. Тоа со себе повлекува подобра тековна сметка и, следствено, порелаксиран амбиент за водење макроекономска политика, како и реструктуирање на индустријата кон индустрија со поширока производствена основа и со поголема додадена вредност. Потребен е мал напор за дизајнирање на ваква системска мерка и, секако, многу истрајност во нејзиното спроведување.

Авторот е економски истражувач и добитник на наградата Ogla Radzyner од Централната банка на Австрија.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Дивиденда, два слоја и ровер

Економските политики во клинч