Три препораки за нова надеж за економијата (Капитал, 28.01.2011)

Довербата пополека се враќа на финансиските пазари во Европа. Растот на бруто домашниот производ на Германија, којашто купува околу една петтина од нашиот извоз, во годината што заврши се очекува да биде над очекуваниот - околу 3.7%. Но, многумина во Европа се фатија на `јадицата` - тие сега очекуваат германската економија да го повлече остатокот од Европа што е извозно-зависен од неа (значи и Македонија) – а, со тоа целиот глобален воз - од ровот во којшто неодамна потона. Ова потсетува на една приказна на баронот Минхаузен во којашто тој наводно успеал да побегне од мочуриштето влечејќи се надвор со својата сопствена коса! Секако дека ова била една од неговите измислени приказни.

Сега, проекциите за растот на Германија во 2011 година се многу поумерени, па се очекува таа да расте со околу 2.2%. Паралелно на ова, растот во еврозоната во 2011 година се очекува да биде уште поумерен, 1.5%. Сепак, иако во моментот е во таканаречена `фаза на одржување`, таквиот раст е со значително подобрени изгледи и на поширока производствена основа. Сепак, и тој и растот на Германија во 2011 година се проектираат под светскиот просек.  Дополнително, фискалните стимуланси во 2011 ќе ги снема, пополнувањето на залихите ќе забави. Може ли воопшто да се надеваме на значително забрзување на надворешната побарувачка и, оттука, на македонскиот извоз? Веројатно, нема многу аргументи за поддршка на ваквата теза. Тогаш, што може да направи нашата економската политика, за побрзо да се вратиме на посакуваните стапки на раст од пет-шест отсто? Иако просторот за такво дејствување е ограничен, имајќи ја предвид трговската зависност на Македонија, но и поставувањето на економската политика во претходниот период, сепак ќе се обидам да дадам три мислења за тоа како да излеземе на вистинскиот пат.

  1. Фокусирање на долгиот рок. Во една прилика, главниот економист на поранешниот претседател на САД Џими Картер, предложил едноставен тест за носителите на економските политики. Тој им рекол, на двете празни полиња во следната реченица, да ги распоредат зборовите `краток рок` и `долг рок`: „Грижете се за _______, а _______ ќе се погрижи сам за себе.“ Повеќето носители на економската политика на нашите простори повеќе се грижат, за несреќа, за краткиот рок. Не треба многу убедување за тоа: на почетокот на секоја година се проектира значително ниво на државни инвестиции, но, до крајот на годината, или нивната реализација потфрлува, или тие се први на удар при секој надолен ребаланс на буџетот. Жртвувањето на оваа долгорочна компонента на државните финансии е секако во корист на краткорочната компонента.
Затоа, сега е време да се фокусираме на долгорочниот фискален проблем. Последниот податок за јавниот долг на Македонија е 34.2% од БДП, со најава за негово зголемување во годините што доаѓаат. Ова не е одржливо, освен ако средствата не се искористат во проекти со јасна среднорочна корисност за економијата, што вклучува патна, железничка, енергетска, здравствена и информатичка инфраструктура. Ако државата кредибилно му пристапи на ова прашање, тогаш ќе ја зајакне довербата на нацијата во економските политики и ќе продуцира и краткорочни позитивни ефекти!

  1. Понуда и побарувачка. Една позната книга на Џон Раул, „Теорија на правдата“, говори дека главна цел на јавната политика треба да биде пренесувањето на средствата кон оние што се на дното на економската хиерархија. Во денешниот македонски контекст, тоа би ги вклучило тутунарите, лозарите и воопшто сите над 30% граѓани што живеат под линијата на сиромаштијата. Но, не смее улогата на владата да се претвори во некакво фиксирање на распределбата на доходот, за да постигне некоја утопистичка форма на правда. Напротив, во слободно општество, луѓето треба да добијат пари ако нешто произведуваат (значи создаваат понуда), што некој друг сака да го купи (значи постои побарувачка). Ова балансирање е остварливо само на долг рок: наместо маркетиншки кампањи за да се привлечат странските инвеститори, долгорочниот фискален стимуланс може да дојде и во форма за стимулирање на домашната додадена вредност, т.е. вредноста што ја произведуваат домашните претпријатија со домашно-произведени инпути. Зошто да увезуваме шеќер од Кина, на пример? Ако со фискални повластици се стимулираат претпријатијата да купуваат шеќер што е произведен дома, тогаш ќе се зголеми побарувачката за шеќер (значи индиректно ќе се стимулира земјоделството), ќе се подигне шеќерната индустрија (за што не треба многу, бидејќи фабриката во Битола постои) и ќе се намали увозот на шеќер (значи ќе се намали надворешната ранливост на економијата). Мултиплициран ефект – подобро, здравје!

  1. Поттикнување на можностите. Наместо да се обидуваме да го поделиме економскиот колач по некоја претходно зададена структура, да се обидеме да го зголемиме економскиот колач на тој начин што ќе создадеме поголеми можности за сите. Поголемите можности ќе ја намалат разликата помеѓу богатите и сиромашните во Македонија и ќе придонесат за артикулирање на т.н. средна класа.
Еден пример е системот на образование. Двајца познати економисти од Харвард, Голдин и Кац, говорат дека ваквата разлика во доходот е последица на системот на образование којшто не произведува доволно вештини кај работната сила. Денес, во Македонија никој не би се сложил дека веднаш по напуштањето на студентските клупи, студентот е подготвен да `седне` на работно место и веќе да поседува 90% од практичните вештини што му се неопходни. Напротив, тој мора да помине низ скап и често долг процес на тренинг на работното место. Да не заборавиме, последното е трошок за работодавецот, или, во економскиот жаргон, препрека на пазарот на труд. Реформите во образованието, според ова, се приоритет број еден. Но, реформата мора да почне со градење квалитетни учители, а не градење што повеќе згради!

Втор пример е системот на јавно здравство. Многу е очигледно како здравствениот систем во Македонија ја создава и продлабочува разликата меѓу богатите и сиромашните. Системот на јавно здравство, којшто е единствено достапен за мнозинството граѓани, постојано се деградира. Еднаквите можности вклучуваат достапност на квалитетна услуга за сите. А, реформата, како и онаа кај образованието, мора да почне со градење квалитетни здравствени работници и инвестиции во соодветна здравствена опрема.

Трет, но не и најмалку важен пример е приближувањето кон европските вредности. Последното подразбира охрабрување отвореност, визионерство, демократски вредности, општествена одговорност, претприемачки дух и така натаму. Таквата политика треба да биде дневен приоритет во работењето на секое министерство, државна фирма, службеник.

Секако, ќе постојат и повеќе, и спротивставени мислења од овие. Овие беа долгорочните. И, сите три нудат можности. И, сите три балансираат помеѓу `понудата` и `побарувачката`. А, се` со цел Македонската економија што побрзо да се приближи кон своето `рамнотежно` ниво и, конечно, да заплива во помирни економски води!


Марјан Петрески е економски истражувач и добитник на наградата Olga Radzyner на Австриската Централна Банка.

Comments

Post a Comment

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Дивиденда, два слоја и ровер

Економските политики во клинч