Индекс на трошоците на смеењето (Капитал, 17,02,2011)


Според Државниот завод за статистика, Индексот на трошоците на живот пораснал за 3.2%. Повеќемина ќе прокоментираат дека инфлација од оваа големина и не е така опасна, но да се потсетиме дека само пред една година таа изнесуваше 0,1%. Кога цените растат заедно со продуктивноста, тогаш инфлација од околу 3% е дури и пожелна. Но, проценките се дека економијата се`уште функционира под својот потенцијал, па оттука порастот на цените ниту може да се смета за оправдан, ниту пак да се земе како некој ран знак дека многу брзо ќе излеземе од економското сивило, туку напротив, како загрижувачки социјален притисок врз просечниот македонски граѓанин. Во 1998 година, консултантот за хумор, Малколм Кашнер, објавил дека неговиот Индекс за трошокот на смеењето, којшто може да се сфати како пародија на Индексот на трошоците на живот, а којшто ги следи производите како гумени кокошки, Гроучо очила, Вупи перници, влезници за комедијантски клубови – пораснал за околу 3%. „Ова“, објаснил тој, „е резултат на природна пазарна лакрдија“.

Сега, нешто од овој тип се случува со цените на храната на светската сцена, а Македонија е само погодена од таканаречениот надворешен шок. Имено, на глобалниот пазар се појави недостиг од неколку инпути – пченица, масло, млеко, шеќер – а како последица на сушните периоди во повеќе региони во светот. Како резултат на `истоштените` реколти, поголемата побарувачка од понуда за овие инпути изврши притисок врз нивните цени. Индексот на храна на Организацијата за храна и земјоделие во Јануари 2011 забележа раст од 3.4% во споредба со претходниот месец (!) и го постигна своето рекордно ниво од 1990. Во истиот период Индексот на цени на житарки порасна за 3%, Индексот на цени на масла за 5.6%, Индексот на цени на млечни производи за 6.2% и Индексот на цени на шеќер за 5.4%.

Токму и ставката `исхрана` во рамки на македонскиот Индекс на трошоците на живот во јануари 2011 пораснала најмногу, 5.3% на годишно ниво. Ќе се согласите дека ова не звучи апстрактно: цената на маслото за јадење порасна од 57 на 85 денари, на шеќерот од 42 на 61 денари, на брашното од 35 на 45 денари. Дополнително, врз ваквите движења кај цените сега се надвиснуваат три ризика. Кина веќе најави дека нејзините северни делови се веќе зафатени со суша, што ќе се рефлектира и врз следната реколта. Ова укажува дека не може да се бара утеха во тоа дека реколтата се погоди таква, и треба да почекаме до следната за којашто се надеваме дека нема да биде сушна. Второ, ова се т.н. прва-рунда ефекти кадешто поскапуваат производите што директно се сврзани со инпутите со повисоки цени. Но, секако дека повеќе опасни се втора-рунда ефектите, кадешто овие ценовни притисоци ќе влезат во цената на чинење на лебот, печивата, чоколадите, соковите. И трето, постојаната закана од (понатамошно) зголемување на цените на енергенсите – зголемувањето на цената на нафтата како што глобалната економија заздравува, но и најавите за зголемување на домашната цена на електричната енергија и парното.

Во налетот на ваквите ценовни движења, многумина сега и` сугерираат на владата да преземе одредени мерки, со цел да го намали социјалниот притисок врз граѓаните од растечките цени на основните производи. Секако, нема дилема дека владата треба да ги изолира граѓаните од налетот на растечките цени, особено слоевите кај коишто учеството на основните производи во нивната потрошувачка кошничка е доминантно. Ваквите мерки вклучуваат: интервенција од стоковите резерви, намалување на фискалните давачки за овие производи, директно субвенционирање на порастот на цената и сл. За волја на вистината, владата и интервенираше со намалување на фискалните давачки за шеќерот, со важност на мерката во период од девет месеци. Но, ограничувањето на важноста на мерката само укажува дека и владата се надева на поуспешна следна реколта, што е тешко и ризично да се предвиди. Како и да е, сите овие мерки се краткотрајни, палијативни и со дејство коешто бргу ќе го снема, па дури и ако владата сака тоа да го прави по секоја цена – во идеална ситуација, стоковите резерви ќе се потрошат, а фискалната давачка не може да се намали под нула. Тогаш, како да се заштитиме од растечките цени на основните прехранбени производи?

Решавањето на вакво прашање подразбира стратешко позиционирање, што вклучува и размислувања за потенцијален проблем со растечки цени на храна и тогаш кога такви инфлаторни притисоци нема, односно пред тие да се случат. Секако, стратегијата за изолирање на инфлаторните притисоци кај храната подразбира стимулирање на домашното производство на `ранливите` производи. И, тоа не е тешко. Македонија има поднебје и работна сила коишто се соодветни за производство на пченица, пченка, `рж, шеќерна репа, сончоглед, потоа за одгледување добиток од којшто ќе се добива млеко и месо и сл. Во претходната колумна детално елаборирав дека решението за ова лежи во сеопфатна поддршка на преработувачката индустрија, чијшто развој треба да го гарантира пласманот за ваквите производи. Така, при раст на цената на маслото за јадење на светскиот пазар, ако фабриката за масло во Велес може да откупи и преработи сончоглед од домашни производители, тогаш ќе остане изолирана од светските движења на цената на маслото за јадење. Секако, владата притоа ќе помогне со тоа што барем на краток рок ќе воведе протекционистичка мерка со којашто ќе наложи првенствено задоволување на домашната побарувачка, а потоа потенцијален извоз на тој производ. И, сите ќе бидат среќни – вработените во фабриката за масло, потрошувачите на масло, па дури и државата, која нема да има `јавен расход`, туку напротив може да генерира и по некој приход од целата ситуација.
Трошоците на „смеењето“ на Македонскиот граѓанин се зголемија. Што побргу почнеме да имплементираме долгорочна и системска мерка, тоа побрзо ќе се врати оптимизмот за подобри економски изгледи на нашата земја.

Авторот е економски истражувач и добитник на наградата Ogla Radzyner од Централната банка на Австрија.

Comments

  1. А ако претпоставиме дека македонските граѓани ионака не се смееа многу...сега испраѓа дека нема да се смеат ни на кокошките пораснати во задниот дел од дворот, на очилата купени на пазар,на перниците наплонати со сунѓер, на влезниците за „непостоечките„ кина... „Ова“,како да „е резултат на дваесетгодишна (не)природна политичко-планско-пазарна лакрдија“.

    ReplyDelete
  2. Се' тоа е убаво, ама Cargill и Continental, кои, btw, практично го контролираат пазарот со жита, семиња и останати прехранбени продукти (шеќер, сол, брашно, какао итн.) се силно поврзани со разузнавачките служби, а и самите имаат инсталирано свои разузнавачки мрежи. Некои сметаат дека, иако непознати на пошироката јавност, овие компании можат да рушат влади, режими, да предизвикуваат револуции... (скорешните настани во Египет и Магреб се само дел од нивните сценарија). Во тој правец, создавањето/стимулирањето на независна преработувачка индустрија за основните прехранбени производи има и политички импакт, кој не е за потценување...
    Инаку, навистина би требало да се запраша човек, зошто досега не се искористени потенцијалите на Пелагонија, Овче Поле и Повардарието во смисла на производство и преработка на жита, маслодајни (сега веќе и суровини за биогорива) и други култури... или зошто се уништени постоечките комбинати од пред 20тина години...

    ReplyDelete
  3. pa zar nemavme slicna situacija pred samo 3 godini? i togas se zborese na golemo za toa sto treba da se napravi za da ne se povtori situacijata, se organiziraa konferencii, se pisuvaa kolumni, trudovi, kako da se namali uvoznata zavisnost, i sl. i seto toa za dzabe - za samo nekolku godini ni se povtoruva istoto... ne ucime ni na sopstvenite greski - zaklucok???

    ReplyDelete
  4. Се сложувам со коментарите „зошто се чекало во претходните години“ и одговорот е дека не знам. Ама, наместо постојано да се навраќаме на минатото, да размислуваме нанапред и да почнеме нешто да правиме, бидејќи и онака е доцна.

    Во однос на ситуацијата пред 3 години, оваа е слична, дори и полоша - тогаш економијата одеше нагоре. Увозната зависност не може да се намали преку ноќ. Зошто ништо не се прави во таа насока - не знам. Јас го кажав моето размислување како да се почне да се работи во таа насока.

    Ви благодарам на коментарите.

    ReplyDelete
  5. ma da, super sto pisuvas na aktuelni temi... mojata paralela so sostojbata od pred 3 godini bese so cel da kazam deka ne znaeme da izvleceme pouki... ne nie kako analiticari, tuku tie sto gi nosat odlukite (policy-maker-ite). premnogu sme pasivni...

    ReplyDelete

Post a Comment

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Дивиденда, два слоја и ровер

Економските политики во клинч