Науката може да ја обликува нашата иднина (Дневник, 18.01.2011)

„Ако сакаме да создадеме нов свет, тогаш материјалот ни е подготвен. И првиот свет беше создаден од хаос.“ ~ Роберт Килен

Унапредувањето на науката и технологиите што произлегоа од неа, како на пример, интернетот и сателитските снимки на сите `ќошиња` на земјата на Google Earth, неповратно го зголемија просторот и времето во коишто луѓето денес го живеат својот живот. Во последните два века, науката главно се користеше како алатка за економски растеж на нациите. Повеќемина се сложуваат дека сѐ почна од Адам Смит, чиешто проминентно научно дело „Богатството на народите“ се појави во предвечерјето на Индустриската револуција и го отвори патот на класичните економисти како Сеј, Рикардо, Мил да ги истражуваат начините како капиталистичката и работничката класа го произведуваат и распределуваат националниот доход. Подоцна, едно, исто така, големо име во економската наука, Џон Мајнард Кејнз, се спротивстави на lassais faire принципот во економијата и аргументираше во полза на улогата на фискалниот стимул за побарувачката и економскиот раст. Тоа ја извлече планетата од Големата економска депресија на 1930-тите. Следуваат рационалните очекувања на Лукас, учењето на новите Кејнзијанци, а современите лауреати на економската наука, како Стиглиц и Кругман, го зголемија досегот во областа на несовршените информации.

Откритијата на нови технологии и процеси, заедно со дострелите на економската наука, го променија економскиот релјеф на регионите во светот. Да се потсетиме на огромниот економски напредок на Јапонија во текот на претходниот половина век: од економија од среден ранг и ефтино индустриско производство, до водечка светска сила со углед на иновативен дизајн и високо-технолошко производство. На страната на дизајнирањето на економските политики и конкурентноста на производите на светскиот пазар се издвојуваат Сингапур, Малезија, Тајланд и другите слични на нив земји. А, ваквите постигнувања се резултат на нови знаења и откритија. Побарувачката за знаења денес е во доминатна мера водена од прагматичните аспекти на економскиот растеж и битката за подобар животен стандард.

Оттука, еден заклучок што произлегува од оваа дискусија е потребата од силна спрега помеѓу економската наука и економските политики, ако Македонија сака да оствари континуирани и доволно високи стапки на економски растеж што ќе го подобрат животниот стандард. Секако, како мала економија, Македонија не може да биде моќна да генерираа иновации што ќе ја донесат на границата на светските економски можности, но може да сугерира начини за прилагодување на светските иновации и најдобрите економски практики на локалните економско-индустриски услови.

И, и најдолгиот пат почнува од првиот чекор – економската наука да го пронајде своето место во нашето општествено живеење. Секако, носители на економската наука првенствено (во наши услови) треба да бидат науно-образовните институции, односно универзитетите. Секое решение на Законот за високо образование коешто ја поставува научната дејност на универзитетските работници на најмалку исто рамниште со наставната дејност, е решение што треба да добие широка и силна поддршка во универзитетските кругови. Тоа ќе овозможи различни приоди кон општествено-економските проблеми и може да отвори поширока дебата за начините за справување со нив. Така, резулатот од научно-истражувачката дејност, првенствено би бил корисен како препорака за носителите на (економските) политики, а нема дилема дека треба да заврши во меѓународни научни списанија со реноме и списанија коишто имаат соодветен импакт врз размислувањата и тековите во соодветната област.

Две корисни сугестии во конечното дооформување на предложеното законско решение за научната дејност на универзитетските работници нема да бидат на одмет. Прво, научната дејност не неопходно треба да се сфати како дејност на перманентно публикување. Еден пример е еден домашен универзитет на којшто научната дејност е поставена на исто рамниште со наставната дејност и таа опфаќа три столбови: 1. (покрај) редовни истражувања со цел нивно публикување во меѓународни списанија; 2. претставување на истражувањата на меѓународни конференции; и 3. аплицирање за научно-истражувачки проекти на отворени конкурси. По академски ранг, меѓународните научни конференции стојат пониско од меѓународните списанија, но квалитетот на претставениот труд и таму е обично загарантиран со процесот на т.н. слепо рецензирање. Квалитет на научното истражување на отворени повици (како, на пример, повиците во рамки на ФП-7 на ЕУ) е загарантиран со охрабрувањето натпреварувачки дух, предлозите за истражување поминуваат низ мошне ригорозен процес на селекција и аутпутот од истражувањето се следи низ процес на перманентно известување кај давателот на грантот. Имплементирањето на овие аспекти на научната работа во предлозите за менување и дополнување на Законот за високото образование ќе овозможи и еден преоден период до стекнувањето полн капацитет за публикување во меѓународни списанија со импакт фактор, а апликациите по отворени конкурси ќе обзебедат и дополнителен фонд на средства за финансирање на истражувањата.

Второ, научно-истражувачката дејност, по правило, бара финансиски средства за нејзино изведување. Иако средствата што може да дојдат врз основа на апликации по отворени повици кај странски провајдери се во експанзија, поддршката на универзитетите од сопствената држава мора да биде поголема и поинтензивна. Во својот буџет за 2011, државата предвидела под 0.4% од вкупните средства за научно-истражувачка дејност. Како и да е, на крајот, од малкуте, колку-толку години поминати со наука, не можам а да не се согласам со Ајнштајн дека науката е прекрасна работа, но само ако не треба со неа да се заработува за живот.

Авторот е истражувач и Млад научник на 2009 прогласен од МАНУ

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Дивиденда, два слоја и ровер

Економските политики во клинч