Шеик (Капитал, 21.10.2011)
Си бил еден шеик кој имал три жени, единаесет сина и тринаесет ќерки. Неговата амбиција од приватниот пополека се пресликала и во професионалниот живот. Уште рано во својата кариера тој го водел врховниот совет за планирање во својот емират, којшто бил задолжен за поставување и водење на главните економски и социјални политики. Подоцна, шеикот во свои раце го презел и тековното водење на бизнисот со нафта и природен гас, на државно ниво. Ваквиот развој на настаните ја направил неговата држава најбрзорастечката економија во светот. Веројатно погодувате, ова не е измислена приказна, туку станува збор за емирот на државата Катар. Проценетиот раст на катарската економија за 2011 година изнесува 21%. Не, ова не е бројка со испуштена децимална запирка! Ваков раст, всушност, значи дека доходот (по глава на жител) во земјата ќе се удвои за помалку од 5 години, што може да претставува сон на секој граѓанин и на секој економски политичар. Но, тој сон му се остварува на шеикот Хамад бин Калифа ...