Дивиденда, два слоја и ровер

 


Со економските и социјалните последици од пандемијата со Ковид-19 се занимаваме скоро една година. Анализите, пресметките и дебатата се сведува на секторската шема на шокот, ефектот од пандемијата врз приходите на населението и фирмите, и субвенциите од државата за да се зачуваат работни места и да се спаси дел од доходот на населението. Така полека навлеговме во т.н. нова нормала која, барем во моментов, се карактеризира со неколку илјади изгубени работни места, обесхрабрени работници, поголема и почеста употреба на технологијата, и мал дел работници – претежно во занимања кои бараат поголеми вештини и стручност, кои канцелариите ги заменија со работа од дома, парцијално или целосно.

Но, дел од ваквите трендови не се нови. Ковид-19 само забрза веќе-постоечки трендови, присутни во еден или друг облик долго време пред пандемијата. Оттука, новата нормала можеби и не е толку нова. Овде ќе елаборирам три вакви тренда сврзани со демографијата, пазарот на труд и технолошките промени.

Демографска контра-дивиденда

Според Обединетите нации, помеѓу 1990 и 2019, над 200 илјади граѓани ја напуштиле земјава за подобар живот во странство, со што на крајот на претходната деценија иселувањето како удел во вкупното население изнесува фрапантни 32 проценти. Паралелно со намалените стапки на фертилитет, овој тренд придонесе за значително намалување на вкупното население во Северна Македонија. Колку вкупно население има државава моментално –не знаеме, од една дегутантна причина: како општество бевме неспособни во претходната деценија да спроведеме попис. Во сите анализи, сите пресметки ги правиме со вкупно население од близу 2.1 милион жители, а сите знаеме дека таа бројка е преценета. Тоа и го набележуваме како внимателност во таквите анализи, меѓутоа тоа е веќе пристап кој е, најблаго речено, трагикомичен: знаеме дека нешто што го елаборираме е грешно, ама пак го елаборираме, затоа што немаме што друго да кажеме, освен дека неопходно е итно попишување на населението.

Населението старее. Просечниот животен век на лицата родени во 1990 се проценува на 71.2 години, додека во 2019 на 75.7 години. Но, во моментов поважно од природниот процес на продолжување на животниот век е стареењето на населението поради иселувањето младо население. Видете го следниот график: иселениците се драстично позастапени во возрасниот ранг од 20 до 50 години, што покажува дека тие се состојат од млада и зрела популација која е во најпродуктивните години за да придонесе за економскиот раст. Додека, пиковите кај деца до 10 укажуваат на зачестеното иселување цели фамилии во последната деценија. Спротивно, населението кое останало во земјата има поголема зачестеност кај возрасните групи над 55 години, што е дополнително критично ако се има предвид дека тој распоред е добиен од проценка базирана на пописот од 2002 (значи, се вртиме во круг – реалната слика од пописот 2021 ќе биде уште позастрашувачка!).


Извор: UN Statistics.

Значи, нашата млада популација интензивно се намалува по овие две основи. Во економската теорија е добро познат концептот на т.н. демографска дивиденда: голема и растечка популација од млади лица (кои во адаптирана варијанта може да ги сметаме во возрасниот опсег 20-35) е клучна за да го зголеми количникот меѓу работниците и зависното население (децата и пензионерите), и да ја влече економијата напред. Со потенцијално побавното креирање работни места, и особено стабилни и доброплатени работни места по Ковид-19, може да се соочиме со интензивиран тренд на иселување штом физичките бариери се намалат откако пандемијата ќе биде потисната со вакцината.

Но, дали ова значи дека младите се виновни што се иселуваат? Секако дека не. Дури и под теоретска претпоставка тие да сакаат да останат тука, за економијата ќе бидат предност само ако таа може да им понуди продуктивно вработување и пристојни плати. Во најмала рака, адекватен сет од активни политики на пазарот на трудот може да го залечи проблемот краткорочно, а да биде добар поттик за работната продуктивност. Во спротивно, ако не се иселат, овие лица или ќе бидат невработени, или ќе бидат т.н. NEET – ниту вработени ниту во образование или обука, или ќе прифатат каква било работа, вклучително во сивата економија, за да имаат минимални средства за живот. Ама, тоа не е живот. И, тоа ме доведува до претпандемискиот тренд број 2.

Двослоен пазар на труд

Македонскиот пазар на труд си има свои парадокси. Уште пред пандемијата, стапките на невработеност од околу 17 проценти кај вкупното активно население и околу 35 проценти кај младите (15-24) беа „конфронтирани“ со интензивната дебата дека имаме недостиг од квалификувани работници. Проблемот влече корени во два исклучително суштински процеса/политики: образованието и јавната администрација.

Образовниот систем го наследивме од поранешна Југославија, приспособен на потребите на социјалистичкиот систем, во кој поголема улога имаше дипломата наместо стекнатите вештини и практични знаења. Во меѓувреме, редица парцијални реформи и обиди за реформи оставија некаков печат врз образованието и сигурен сум дека некои од нив направиле позитивна промена. Некои други пак, како пролиферацијата на пристапот до високо обазование низ градовите и гратчињата, наместо инвестиции во неговиот квалитет во време од една деценија, само го влошија проблемот на „да се има диплома!“. Системот не успеавме да го ремонтираме во неговата целина и со фокус врз неговиот квалитет.

Според мои пресметки базирани на Анкетата за работна сила, несовпаѓањето помеѓу знаењето што еден ученик го носи од образовниот систем и вештините кои ги бара работното место се доближува до 40 проценти. Од нив, три четвртини се несовпаѓање по основа на т.н. натквалификација, односно образовниот степен дефиниран со дипломата, пазарот на трудот го вреднува пониско. Тоа го потврдува и следната табела во која се користи занимањето како апроксимација на потребната вештина за одредено работно место наспроти образовниот степен одреден од дипломата. Сивите келии се одраз на несовпаѓањето. Имено, во Северна Македонија имаме значаен контингент лица кои се високообразовани, а според вештините работат на работни позиции кои бараат најмногу средни вештини; како и лица кои се среднообразовани (најчесто со општо гиманзиско образование), но се занимаваат со елементарни односно ниски занимања.

ISCO-08

Главни групи занимања

ISCED-97 Образовен степен

Низок

Среден

Висок

Високо

Менаџери

0.0%

0.6%

0.1%

Професионалци

0.2%

1.3%

1.5%

Технички и сродни професионалци

0.0%

0.7%

14.0%

Средно

Службеници

0.1%

6.5%

3.5%

Услужни и продажни работници

0.2%

3.6%

2.1%

Вешти работници во земјоделие

1.9%

13.4%

2.5%

Занаетчиски и сродни занимања

3.8%

4.1%

0.4%

Оператори на машина и составувачи

3.3%

9.1%

0.7%

Ниско

Елементарни занимања

2.7%

11.2%

0.7%

Извор: ILO Covid-19 Observatory (forthcoming, 2021).

 

Оттука, имаме ситуација во која лицата кои имаат вештини адекватни на формалната диплома, или вештини повисоки од формалната диплома (стекнати низ искуството или низ процеси на неформално образование и обука), добро „се продаваат“ на македонскиот пазар на труд. Тие лица вообичаено спаѓаат во доменот на високо- и среднообразованите со специфични и конкретни вештини, кои заработуваат на приватниот пазар, бидејќи тој релативно добро ги вреднува. Тој е сегментот од пазарот на труд, кој го нарекувам „прв слој“ и кој е „заситен“: тешко е на пазарот да се најде специфична вештина, па дури и за пристојна цена. На овој сегмент, иселувањето си го зеде својот данок: дел од овие лица, и покрај пристојниот заработен доход во Македонија, стануваат незадоволни од редица други општествени текови: партизацијата, компромисите, навлезеноста на политиката во сите пори од животот, културолошката декаденција, испревртените приоритети... и одлучуваат да си заминат, со голема веројатност дека ќе продолжат да работат во струката. (Најеклатантен пример се, секако, лекарите.) Како последица, работодавачите тешко доаѓаат до адекватно-квалификувана работна сила. Овој проблем благо попушти со Ковид-19 кризата, со олабавувањето на трендот на креирање нови работни места и губењето на некои постојни. Но, ваквиот проблем ќе се појави назад многу брзо по зауздувањето на пандемијата.

Но, што правиме со сивите келии во погорната табела? Тие се генерално натквалификуваните работници кои стекнале одредено ниво на образование, а за кои пазарот вели дека имаат де-факто пониски (а, често и никакви) вештини споредено со сопствената перцепција. Во нормални услови, нив не би ги сметал за алармантен проблем, бидејќи тие би имале главно две потенцијални патеки што политиките на пазарот на труд треба да ги потпомогнат: првата, да го прифатат фактот дека нивната диплома не вреди колку што мислеле или колку што им било кажано, и/или, втората, да продолжат со процес на доквалификација и надградба и да ги подигнат своите вештини, или да се преквалификуваат кон занимања кои во тој момент се добростоечки. Проблемот е што во Македонија постои и трета, полесна, патека: да се вработат во јавната администрација, кадешто обично ќе добијат работно место што соодветствува повеќе на дипломата отколку на вештините.

Овој сегмент од пазарот, заедно со нискоквалификуваната работна сила, го нарекувам „втор слој“. Јавна тајна е дека, веројатно отсекогаш, а посебно во последниве 15 години, се создаде т.н. редица (queue) за вработување во јавната администрација, создавајќи погрешни очекувања кај граѓанството дека работа во Македонија нема и излезот е во политички-поддржано вработување во јавната администрација.

Така доаѓаме до маѓепсаниот круг на „вториот слој“ од пазарот на труд: слаби/килави/недоволни реформи -> несоодветно образование и недоволни вештини -> високи очекувања за работа и плата -> пазарен неуспех -> желба за работа во јавна администрација -> партизација -> недоволен капацитет за силни реформи .....

Пандемијата негативно се одразува врз „вториот слој“ од пазарот на труд: т.н. прекаријатност на работните места кои се покарактеристични кај овој тип работници се зголеми, со тенденција дополнително да се зголемува по пандемијата. Тоа не имплицира дека невработеноста ќе расте; напротив, нејзиното намалување нема да биде особено позитивен знак ако се зголемува бројот на работни места со неформален договор за вработување, со скратено работно време, на определено време итн итн. Тоа ќе го зголеми притисокот за вработување во јавната администрација.

Но, дали работниците од „вториот слој“ на пазарот на труд треба да ги обвинуваме за состојбата во која западнале? Секако дека не. Таа е резултат на текови кои во најголем дел за лицата биле зададени. Прво, тоа е образованието базирано на диплома, за кое веќе елаборирав дека можеби им дало лажна надеж. Тоа подразбира потреба од тектонска (потенцијално болна) промена, односно револуција на парадигмата: од образование кое дава дипломи, кон образование кое вградува конкурентни вештини и применливи современи знаења. Второ, тоа се политиките на раст кои треба да транзитираат од беспоштедно инсистирање на каков-таков раст кон раст доволен да креира добро-платени работни места. Тоа подразбира поддршка на продуктивни сектори и сектори кои создаваат производи со повисока додадена вредност: од составување или лон да се премине на целосно готов производ; од просто одгледување производи (бустирано со лошо-таргетирани субвенции!) да се премине кон нивно процесирање во прехранбена индустрија способна да извезува. Тогаш резултатот ќе дојде сам по себе – повисоката продуктивност ќе ја следат повисоки плати.

Нашиот технолошки напредок

Третиот претпандемиски тренд е технолошкиот напредок. Како глобален тренд, тој не ја одбегнуваше ниту Македонија пред пандемијата. Синоним за него во земјава не е роверот (кој стапна на Марс) од насловот на овој текст. Сепак, тоа се странските фабрики кои се отворија во ТИР зоните, дел од останатите технолошки-напредни извозници, фирмите во финансискиот сектор, и редица мали старт-ап компании, за кои државата започна позначајна поддршка во последните неколку години. Тие трендови се доволни за автоматизацијата на работните процеси да стане некаква закана за работните места, поконкретно за мануелните рутински занимања. Значи, вишокот работна сила, особено онаа од „вториот слој“ на пазарот на трудот е важен елемент во трошокот на производството, но не и единствениот. Автоматизацијата и дигитализацијата не одат во прилог на овој слој од пазарот на трудот.

Пандемијата потенцијално ги забрза ваквите трендови. Ранливоста на работната сила, карантините и ограниченото физичко движење наспроти географски дисперзираните вредносни синџири придонесуваат за повисока автоматизација и дигитализација на работните процеси. За време на пандемијата беа присутни и процеси на релокација на производството од Европските и Американските фирми од далечните источни пазари поблизу до нивните матични компании – тренд кој веројатно ќе продолжи во следните години.

Сепак, концентрацијата на Македонските работници во индустрии кои се соочуваат со ниска продуктивност – како земјоделството и текстилот – ќе ги ослабне ваквите трендови дома. Всушност, доминантен дел од нашите работници за време на пандемијата не можеа да се префрлат на работа од дома. Следниот графикон покажува дека уделот на работници кои можеле да ја префрлат својата работа од дома е понизок од ¼, и скоро најлош на Европскиот континент, со исклучок на Романците и Босанците. На другата страна, предводници се развиените западноевроски земји, но и Чешка која и самата беше транзициска економија. Оттука, лесно беше да се каже: па, како тоа Холандија воведе строг карантин за време на вториот бран на пандемијата, а ние не? Графиконот дава начелен одговор: Холандија затвара де-факто околу половина од економијата, а ние ќе затворевме над 75%. Оваа апсолутна разлика станува уште поголема ако се земе предвид разликата во моќта на економиите – мерена според БДП по глава на жител – да го амортизираат таквото затварање.

Извор: Dingel, J. & B. Neiman (2020) How many jobs can be done at home? NBER Working Paper 26948, Cambridge, National Bureau of Economic Research (NBER).

Ваквиот контекст произведува два повици за владата. Првиот повик се однесува на потребата за регулирање на алтернативните форми на вработување, вклучително и работењето на дигитални платформи, како и работата од дома, која во одредена мера ќе продолжи да се практикува и по пандемијата. Некаков напредок, чинам, е постигнат на ова поле во предлог Законот за работни односи. Вториот повик повторно се сведува на инвестициите во човечки капитал. Технолошкиот напредок, без оглед на пандемијата, и демографските промени кои ги елаборирав во првиот дел, несомнено бараат нови, ажурирани, прилагодливи вештини на работната сила, посебно на онаа пред која претстои долг работен век.

Конечно, пандемијата ни покажа дека обемот и квалитетот на инвестициите во клучни сектори како здравство, образование, јавни услуги и социјална заштита се исклучително значајни за да го амортизираат здравствениот, економскиот и социјалниот удар. Како исклучително значајни се покажаа и фискалниот стимул – пакетите мерки за помош на фирмите и граѓаните, и монетарниот стимул – олабавената монетарна политика која помогна ликвидноста во банкарскиот систем, која беше значајна и за граѓаните и за фирмите и за државниот буџет, да остане на високо и соодветно ниво. Целиот овој систем, колку и некому да му личи на „космодиск“, овозможи задоволителен простор за носителите на политиките спасоносно да реагираат во време на неизвесност.

Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч