Субвенција за Ринго Стар
Во 1983 година, Ринго Стар аплицирал за субвенција за реставрација во износ од 500 фунти за да помогне да се поправат украсите на покривот и градината во неговата палата од 18 век. Локалниот окружен совет на Мејденхед и Виндзор гласал за да го одбие барањето на Ринго. Во 2021 година, нето вредноста на Ринго Стар се проценуваше на 350 милиони долари, што го прави 10-та најбогата рок ѕвезда во светот.
Годинава,
граѓаните и фирмите ќе добијат малку или воошто нема да добијат финансиска
помош од владата сврзана со пандмијата, за првпат по нејзиниот удар во март
2020. Тогаш, владата, како и многу влади ширум светот, одговори на економската
закана од пандемијата со финансиски пакет од историски обем. Проектираната
вредност на тој пакет беше околу 1.1 милјарда евра, што прави 10% од бруто
домашниот производ. Владата декларира, но не демонстрира, дека реализираната
вредност била 850 милиони до една милјарда евра. Тоа секако не е точно. Ако ги
собереме исплатите за разни мерки во готовина, плус износите кои беа дадени
како даночни и друг вид ослободувања, плус износите дадени како гаранции,
доаѓаме до вредност на пандемискиот стимулус пакет од околу 600 милиони евра.
Тоа само по себе не е воопшто мала вредност и, во релативен однос е слично на
она што трошеле земји кои припаѓаат на групата со високо-среден доход. (Нејасно
е зошто владата е упорна во пропагирањето на тезата дека биле потрошени повеќе
средства. Дури ни за политички цели, за обичниот граѓанин не прави перцептивна
разлика ако му кажете 600 или 850 милиони евра).
Во 2021, поважно
беше да се занимаваме со ефектите од потрошеното. Пандемискиот економски пакет
овозможи спас за луѓето на кои тоа им беше потребно. Првенствено, тоа беа
работниците, кои добија субвенција во износ од 14.500 денари месечно за 8
непоследователни месеци во сектори и фирми кои забележаа пад на прометот
поголем од 30% споредено со периодот пред пандемијата. Finance Think, познат
домашен тинк тенк, беше единствен кој процени дека од 75.000 работни места кои
биле на раб да бидат изгубени при првиот налет на пандемијата, 60.000 биле
спасени, што е околу 10% од регистрираната вработеност (вработени кои имаат
стандарден договор за вработување). Дополнително, мерката поттикна неформалната
вработеност да падне од околу 17% на околу 13%. Тоа се многу добри вести.
Секако, нарушувањето на пазарот на труд ќе беше несогледливо ако се оставеше
овие работници да ја изгубат работата, со очекување дека рамнотежата ќе се
воспостави брзо: напротив, во моментов, пазарот на труд (мерен според обемот на
работни часови) се` уште функционира пониско од своето претпандемиско ниво, што
укажува дека некои загуби во такво сценарио ќе беа трајни.
Другите три
клучни социјални мерки вклучуваа времено олабавување на критериумите за
добивање гарантирана минимална помош, за влегување во системот на осигурување
од невработеност и еднократните парични помошти во два наврати (јуни и декември
2020). Тие оневозможија доходот на ранливите слоеви од населението да се намали
до ниво на кое тие би биле втурнати во апсолутна сиромаштија. Моите проценки
засновани на моделот МК-МОД (изложени во труд кој наскоро ќе излезе во
меѓународно списание) покажуваат дека ако не биле овие пакети за спасување на
доходот, во најсиромашниот децил тој ќе се намалел за 40%; со пакетите,
намалувањето изнесуваше најмногу до 10%.
Во 2022, поважно
е да се занимаваме со несаканите ефекти од владините мерки. Ќе издвојам важни
две. Првата е што, како и голем број други земји, Северна Македонија мораше да
се задолжи со средства од надвор, за да буџетот остане ликвиден на ниво да ја
овозможи поддршката за економијата и здравствениот систем. Да потсетам дека во
март и април 2020, финансиските пазари замрзнаа, под притисок на големата
неизвесност и непознаницата „што е ова?“ и „како може да се развива?“. Замрзна
и домашниот финансиски пазар – една од аукциите на Министерството за финансии
на домашни хартии од вредност во април 2020 беше прилично неуспешна, иако таа
ситуација потоа брзо се нормализираше. ММФ реагираше многу брзо и првите
средства дојдоа оттаму, а со олабавувањето на ситуацијата на приватните пазари,
лесно и релативно евтино во мај 2020 беше издадена и еврообврзница. Вкупното
дополнително позајмување поради пандемијата надмина една милјарда евра, со што
јавниот долг ја надмина психолошката граница од 60% од БДП. (Дополнително зачудува
инсистирањето на владата да каже дека за мерките потрошила над 1 милјарда евра,
имајќи предвид дека згора на финансирањето на потребите сврзани со пандмијата,
мораше да се финансира и „регуларниот“ буџетски дефицит, што значи дека
потребата за финансирање, всушност, би била близу 1.5 милјарди евра, што не
прави математичка логика).
Позајмувањето
беше неопходно, релативно евтино и оправдано. Секако, на темава има различни
видувања во јавниот дискурс. Но, јас тргнувам од проста логика: или ќе
позајмевме и ќе ги спасевме работните места и доходот на граѓаните, како што и
направивме (и секако, ја намаливме грижата дали ќе имаме пари да го финансираме
здравствениот систем), или немаше да позајмиме, долгот немаше да се зголеми,
ама ќе имавме плус 60.000 невработени и неколкукратен пораст на апсолутната
сиромаштија. Поважно е да знаеме како ќе го сервисираме долгот. Недвосмислениот
одговор е: фискална консолидација. За волја на вистината, фискална консолидација
има во последните неколку години. Дали таа е доволна? – Секако не е. Што може
да се направи за да фискалната консолидација биде поефективна? – Неколку
чекори. Прво, амбициозни и конкретни чекори (наместо планови и кампањи) за
зацрвстување на институционалниот поредок и владеењето на правото ќе обезбедат
редуцирање и елиминација на сите „истекувања“ од буџетот во „сиви зони“. Второ,
посветена акција за намалување на сивата економија ќе ја прошири даночната
база. Трето, подигање на институционалниот капацитет за поефикасна
имплементација на капиталните инвестиции на државата ќе ја зајакне
конкурентноста на економијата, ќе го зголеми мултипликативниот ефект, и ќе повлијае
врз посилна даночна база на среден до долг рок. Четврто, годинава ќе се врати
темата за зголемување на даночните стапки (иако зголемување настана кај
даноците на имот) и прогресивниот персонален данок. Последново е правилната
насока во која треба да се движиме, иако без резултати од првите три, повторно ризикува
да заврши како идеолошко фијаско. (Згора, лично мислам дека владата го изгуби
кредибилитетот по однос на прашањето за прогресивниот данок, и неговото
ре-воведување ќе и’ оди
тешко без да предложи решение за прогресивно оданочување во изборна програма и
да го провери на избори.)
Вториот несакан
ефект од големото трошење во време на пандемија е оној врз потрошувачката. Ова
е повеќе глобален отколку стриктно локален ефект, но со импликации за нашата
економија. Имено, од средината на 2021 видовме цунами-бран на потрошувачка,
посебно евидентен во сектори кои страдаа од затварањата, како превозот и
туризмот. Вишокот потрошувачка се јави првенствено заради т.н. присилно штедење
кај одредени сегменти од популацијата. Кај нас, да потсетам, платите растеа во
2020 со солидно темпо: дел поради субвенцијата на социјалните придонеси за раст
на платите во ранг од 600 до 6.000 денари, дел поради повисоката минимална
плата, дел поради солидниот раст на некои сектори кои останаа недопрени од
пандемијата (најеклатантен пример се ИКТ и финансии). Кредитната поддршка,
особено на населението, остана скоро на истото ниво, а и дознаките не се
намалија како што првично се очекуваше. Штом попуштија стегите на пандемијата,
голем дел од присилното штедење се ослободи во потрошувачка. Повисоката
потрошувачка е недвосмислено сврзана и со владините мерки за поддршка на
доходот. Додека тие главно ги таргетираа посиромашните слоеви кадешто
инциденцата на присилно штедење е многу ниска, некои од нив – првенствено
главната мерка од 14.500 денари по работник – воопшто не беше регресивна.
Всушност, според истата моја студија што ја спомнав погоре, најголема
искористеност мерката има помеѓу средната класа (4-7 децил од дистрибуцијата),
иако средства од мерката се слеале и кај подоходовните слоеви. Значи, во
најмала рака, дел од овие средства отишле во присилно штедење.
Овој бран на
потрошувачка на глоблано ниво, во втората половина од 2021 донесе два проблема:
растечки цени на многу добра и услуги, од кои дел – оние кај храната – посебно
се важни за посиромашните слоеви од населението; и застој во синџирите на
снабдување, кој освен што додаде кон растот на цените, предизвика и проблеми во
снабдувањето со добра (најсвеж пример е испораката на нови автомобили) и
варијабилност во интензитетот на работа кај повеќе индустрии (кај нас, тоа
најмногу се почувствува во ТИРЗовите).
Оттука, може да
заклучиме дека нашите граѓани, како и граѓаните на многу други земји, го
почувствуваа и доброто и лошото од двоецот пандемија – спасувачки владини
пакети. Таа ситуација ќе потрае барем во дел од 2022 година. Но, во моментов
тркалата на економската машина не чкрипат толку многу за да предизвикаат нова
доза владина помош. Сега, економијата се движи со релативно солидно темпо:
растот и во 2021 и во 2022 ќе изнесува околу 4%, што е рамно на нашиот
потенцијален БДП (значи, немаме негативен производен јаз, во макро-жаргон).
Поради тоа, а и затоа што веројатно омикрон е помалку опасен од претходните
варијанти, идејата за продолжување на владиниот стимулус - во смисла на
социјални субвенции – се чини целосно непотребна. (Ова не се однесува на
поддршката која во форма на субвенција ја добиваат најранливите домаќинства за
да им се компензира ударот од енергетската криза, која ионака не е сврзана со
ефектите од пандемијата за кои говорев во оваа колумна.)
Како и Ринго Стар
на почетокот од оваа колумна, често е подобро да не добиете субвенција, за да
може во пазарни околности, со своите знаења, вештини и компетенции да го
реализирате својот (скриен) потенцијал кој ќе биде вреднет многу повисоко. Без
оглед што тежнееме кон постојано жалење и барање проблемите да ни ги реши некој
друг, пазарната конјуктура во моментов не е воопшто лоша. На пазарот на труд се
бара добар работник повеќе, а платите имаат нагорна тенденција, потпомогната со
владините субвенции, но и од пазарните сили кои вредните и соодветно-едуцирани
работници денес ги ценат многу повеќе од вчера, а многу помалку од утре.
Авторот е економски истражувач и професор.
Comments
Post a Comment