Економските политики во клинч
Тешко беше да се предвиди дека 2022 на економски план ќе биде полоша од
2021. Економијата во 2021 беше генерално добра, со раст околу потенцијалниот, по масивната рецесија во 2020.
Ребалансирањето на понудата и побарувачката поради нарушените синџири на
снабдување за време на и по пандемијата и недоволното производство на
електрична енергија (од обновливи извори) во Европа почнаа да притискаат врз
цените од летото 2021, но до крајот на годината доминантното убедување беше
дека тие ценовни притисоци се главно од времен карактер и ќе исчезнат како што
економијата ќе се нормализира. Во глобалните економски кругови, ризиците од
значајни геополитички потреси врз економиите, од типот на руската инвазија врз
Украина, останаа потценети. Во круговите на носителите на политиките, тие
ризици беа дури и занемарени, што зачудува ако се има предвид дека
разузнавачките информации говореле уште во октомври-ноември 2021 дека нападот
врз Украина е извесен за крајот на февруари 2022. Оттука, шокирачки беа сликите
од руските тенкови и хеликоптери над Украина утрото на 24 февруари годинава.
Ваквите тектонски геополитички поместувања (ќе) имаат масивни економски
последици за светот, особено за мали земји како нашата. Главниот ризик во
моментот е стагфлацијата којашто надоаѓа, но и недоволната свесност за
нејзиното потенцијално траење и последици. Војната во Украина прошири
неизвесност врз пазарите и шок врз цените на енергентите и примарните производи
во момент кога побарувачката не беше доволно закрепната по пандемијата, а
притисоците врз цените веќе постоеја, и го направи притисокот врз изгледите за
растот надолен (стагнација), а притисокот врз цените нагорен (инфлација).
Негативните последици се, секако, најголеми за руската економија, поради
наметнатите санкции, и за украинската економија, поради военото разорување. Но,
следна на удар е економијата на Европската Унија, која е се’ уште високозависна од трговијата со
Русија и од рускиот гас. Тоа е осоебено случај со Германија, економската
локомотива на ЕУ. Макро-ефектот е негативен и за САД, иако тие во последните
години станаа нето извозник на енергија. Неодамна, кривата на принос во САД
стана инверзна, што упатува дека ризикот од стагфлација многу веројатно ќе се
материјализира и ќе кулминира во временски распон од 20-24 месеци, односно дека
последиците од случувањата денес особено ќе ги почувствуваме следната 2023
година и потоа.
За нас, значајно забавување на надворешната побарувачка, која во најголем
обем доаѓа од ЕУ, и доминантно од Германија, значи директно и брзо пренесување
на негативниот шок од воениот судир во домашната економија. Веќе започнаа
надолни ревизии на првично проектираната стапка на раст на македонската
економија од 4%, на ниво кое моментално е околу 1 процентен поен подолу, што не
е драматично, меѓутоа е намалување за една четвртина, и со голема веројатност
да биде и поголемо. Притисокот врз
цените на енергијата и примарните производи на европскиот пазар ќе остане
нагорен, што во услови на висока увозна зависност за нас значи дека и цените во
домашната економија ќе растат. Во крајна линија, цените ќе се стабилизираат, но
околу новите, повисоки нивоа, иако кога тоа би се случило сега е тешко да се
прогнозира. На глобалниот и европскиот пазар се затегнаа и финансиските услови,
што ќе придонесе и трошокот за финансирање на дефицитот и рефинансирање на
долгот да се зголеми.
Зошто е оваа ситуација „клинч“ за носителите на политиките во земјава? Ќе
се осврнам на двете главни економски политики: монетарната и фискалната.
Во услови на неповолни изгледи за растот и притисок врз цените кој доаѓа од
глобалните пазари, централните банки се во ситуација ниту да реагираат ниту да
не реагираат. Ако централната банка се држи строго до својата примарна цел за стабилни
цени, реакција е потребна, како што имаше минатата недела од Народната банка.
Се отвора во јавниот дискурс дебата дека тоа ќе ги поскапело кредитите, па
луѓето помалку ќе трошеле, па тоа ќе ја сузбиело инфлацијата. Се разбира, ова
го сметам за некаква дебата „по автоматизам“, која целосно е неточна.
Економијата не ни е се’ уште на претпандемиското
ниво, камо ли на ниво кое би значело некакво прегревање. Напротив, тенденцијата
е обратна, како што пишував погоре. Но, реакцијата на Народната банка е
неопходна за да ги смири, колку-толку, инфлациските очекувања, кои се важен
елемент во формулата за инфлациските остварувања. На пример, растот на цената
на маслото за јадење е примарно движен од недостигот на суровина и рафинирано
масло, но и од тоа што граѓаните почнаа масовно да купуваат масло во големи
количини, антиципирајќи дека неговата цена дополнително ќе расте (што државата
се обиде да го сузбие со мерки на замрзнување на цените и маржите).
Ако централната банка во својата функција на делување се грижи и за растот,
или во најмала рака, за волатилноста на производството, тогаш одлуката за
пораст на каматната стапка треба да се одложи или порастот да биде значајно
умерен, што е повторно во линија со потегот на Народната банка од минатата
недела. Всушност, кога и во колкава мера е потребна реакција од централната
банка во вакви околности е, би рекол, работа на централно-банкарска вештост и прецизност,
бидејќи комбинира такт со кој изгледите за растот нема да се „убијат“, и умешност
да не се „откотват“ инфлациските очекувања, и така да се долее масло на огнот
од стагфлацијата.
Одговорот на фискалната политика е уште потежок. Во текот на пандемијата со
Ковид-19, нашиот фискален простор се истроши како последица на оправданото трошење
да се спасат работните места и фирмите, пришто јавниот долг порасна за околу 10
процентни поени од БДП, што е еднакво на дополнително нето задолжување од над
една милјарда евра. И иницијално планираниот буџетски дефицит за 2021 на крај беше
продлабочен, и покрај добрите намери за побрза фискална консолидација. 2022 во
тој поглед ќе биде уште полоша, бидејќи уште сега, во април, е јасно дека
иницијално-планираниот буџетски дефицит ќе стане уште подлабок.
Непосредно по руската инвазија врз Украина, владата презеде редица мерки за
помош на граѓаните во контекст на ценовниот шок, намалувајќи ги даночните и
царинските давачки кај производите најисложени на ценовните промени. И тогаш, и
сега сметам дека фискален стимул од овој тип и обем е погрешна политика за
одбрана од стагфлациски шок (иако изразив и разбирање дека дизајн на
таргетирани мерки ќе бараше повеќе време). Секако, тој стимул ќе влијае во
насока на намалување на негативните ефекти од шокот врз доходот на граѓаните,
но ризикува да го зголеми инфлацискиот притисок, од две причини. Првата е
поради линеарноста на мерките, па помош при купување производи преку намалување
на ДДВ добиваат и граѓаните за кои и мала промена во цената може силно да го
еродира животниот стандард, но и оние кои и со тоа и без тоа можат без проблем
да си ја финансираат сопствената потрошувачка. Втората причина е поради фактот
што владата се соочува со притисоци од разни општествени сегменти за пораст на
платите, откако тие видоа дека платата на еден ранлив општествен сегмент, примателите
на минимална плата, триумфално порасна за 18.4%.
Оттука, понатамошен притисок за раст на буџетските расходи, во услови на
закана од значајно забавување на растот на буџетските приходи, ќе не’ доведе во ситуација на драматично висок
буџетски дефицит, потреба од ново позајмување и нов пораст на јавниот долг.
Дополнително, затегнатите финансиски услови на глобалните и европските финансиски
пазари ќе значат дека тоа позајмување, како и позајмувањето да се рефинансира
постојниот долг, сега ќе бидат значајно поскапи од претходно.
Негативните последици од руско-украинскиот конфликт ниту ќе бидат
привремени, ниту ќе не’ избегнат.
Напротив, нашата економска „муниција“ за да се справиме со стагфлација од
поголеми и подолготрајни размери е значајно ограничена. Клинчот за економските
политики може да станува само потежок за менаџирање, па неопходни се мудри и
разумни потези од сите страни.
Марјан Петрески,
економист
Гледам овој пост е напишан пред точно една година. Се прашував дали сè помина добро. Позајмување од Discover. Дали сте имале финансиски проблеми? Дали некои позитивни заемодавачи ви нудат заем? Верувам дека Педро Џером и неговата компанија за заем со која работев за да го финансирате мојот бизнис, дали сте имале некакви финансиски проблеми обидувајќи се да добиете заем или да добиете флексибилна отплата на заемот? Тогаш Педро и неговата компанија за заем ќе ги ценат овие прашања за заеми или поединечни заеми или корпоративни заеми, затоа сакам да ви кажам однапред благодарам Педро Џером и неговата компанија за заем што ми дадоа заем со стапка од 2%. Контактирајте со Педро Џером и неговата компанија за заем на е-пошта: pedroloanss@gmail.com. WhatsApp +18632310632
ReplyDelete