Грчка драма (Капитал, 11.11.11)


Повеќето од нас знаат дека драмата потекнува од Грција и означува "акција", односно комбинација на приказна од конфликти и емоции преку акција и дијалог. Драмата има две маски или лица - комедија и трагедија. Слично на ова, инвеститорите и трговците уште еднаш се сведоци на драма во финансискиот свет, благодарение на Грците. Европската должничка криза се прошири низ целиот инвестициски свет. Само пред неколку недели, кога над Грција јасно се провиснуваше банкрот, инвеститорите почнаа потрага по банки кои ќе може да откупат дел од грчкиот долг. На пазарот се прошири страв дека пропаст на уште една банка од типот на Леман брадрс ќе предизвика повторно замрзнување на кредитите, дури и полошо од она во 2008. Згора на ова, масло на огнот долева(ше) ситуацијата во Италија и Шпанија.

Откако на Саркози и Меркел им стана јасно во каква заложничка драма се држат граѓаните на Европа од страна на Грците, двајцата почнаа да коваат план за решавање на длабоката криза во која тоне Грција, а со тоа ја повлекува и целата еврозона. И, почна серија од мерки: докапитализација на банките, зајакнување на издашноста на Европскиот Фонд за Финансиска Стабилност; и 50% отпишување на грчкиот долг. После ова, на пазарите завладеа оптимизам дека најлошото е веќе поминато.

Да не заборавиме дека Грција не само што на светот му ја даде драмата, туку му ја даде и демократијата. Она што Грција се обиде неодамна да го направи е чист пример за тоа. На ноќта на вештерките, се случи нешто неочекувано. Грчката драма доби нов заплет со одлуката на Папандреу да ги праша граѓаните на референдум, како врвен демократски чин, за мерките за штедење, а во очај да ја спаси својата политичка кариера и да ги смири граѓаните. Пазарите на ова реагираа со остри падови и ширење повторен песимизам, а главата на Саркози и Меркел почна да `чади`. Ваквиот потег на Папандреу, не само што го стави на коцка планот за спас на Грција и еврото, туку и повеќе ја доближи Грција до банкрот, наместо да го направи спротивното. Секако, овој потег го навлече и гневот на сите Европејци, така што фондовите за спас беа веднаш замрзнати до моментот додека Грција го прифати планот за штедење. Во спротивно, Грција ќе биде исфрлена од еврозоната. Последното го премисли Папандреу и идејата за референдум пропадна. Сепак, инвеститорите беа на работ на нивната трпеливост кога требаше да се гласа доверба на владата. Ако Папандреу го изгубеше тоа гласање, тоа ќе значеше одложување на гласањето за пакетот за спас, а тоа ја зголемува веројатноста за банкрот. За среќа, Папандреу го преживеа гласањето, но малку подоцна, под притисок на меѓународната заедница тој поднесе оставка, како услов за формирање влада на национален спас.



Како и во секоја драма, инвеститорите ќе продолжат да искусуваат шокови, коишто пазарот ќе го туркаат нагоре и надолу. Моментално, се исчекува формирањето на новата грчка влада на национално единство. Ако неа ја предводи Лукас Пападмос, поранешниот вицегувернер на Европската Централна Банка, тогаш тоа е најсилен сигнал дека Грците ќе работат напорно за да го зачуваат еврото, како историска придобивка и постигнување на нацијата. Оттука, има шанси кризата да се разреши на позитивен начин, а економската наука покрај „критиката на Лукас“, сега да го добие и „спасот на Лукас“. На светлата страна, на глобално ниво, централните банки ширум светот почнаа да имплементираат стимулативни пакети. На пример, Русија, Турција, Индонезија, Бразил, Австралија и од неодамна, Европската Централна Банка, ги намалија каматните стапки. Кина, исто така, сигнализираше дека рецесискиот циклус се приближува кон крај. Сепак, Италија и Шпанија треба да се гледаат внимателно, бидејќи ризиците во овие земји може да се зголемат.

Грците го користат зборот "комедија" кога на сцената игра драма со среќен крај. Како што грчката драма продолжува да го држи вниманието на светот, само времето ќе покаже дали оваа драма ќе биде комедија или трагедија. Оваа разврска веројатно треба да ја видиме денес или најдоцна во текот на претстојниот викенд.

Авторот е економски истражувач

Comments

Post a Comment

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер