Должничка перница (Економија и Бизнис, Декември 2011)


Еден ден, еден римски благородник умрел, оставајќи зад себе огромни долгови што не биле познати за време на неговиот живот. Откако разбрал дека имотот на благородникот ќе се продава на аукција, Јулие Цезар му наложил на агентот да ја купи перницата за спиење од човекот. Зошто? "Таа перница мора да била особено погодна за спиење", објаснил тој, "ако нејзиниот последен сопственик, и покрај неговите долгови, можел да спие на неа."

На крајот на октомври оваа година, јавниот долг на централната влада изнесуваше 25.7 проценти од бруто-домашниот производ, од коишто околу 19 процентни поени отпаѓаат на надворешно задолжување, а остатокот од околу 7 процентни поени на внатрешното задолжување. Овие цифри не ги вклучуваат задолжувањата на јавните претпријатија, така што ако се земе и тоа задолжување, цифрата сигурно би се искачила некаде над 30 проценти од БДП. На крајот од првото полугодие, пак, на оваа година вкупното надворешно задолжување и на јавниот и на приватниот сектор изнесува нешто над 60 проценти од БДП. Во јавноста често се пласира тезата дека ваквото ниво на задолжување е соодветно, пришто ваквата теза се поткрепува со фамозниот Мастрихтски критериум за максимален бруто јавен долг од 60% од бруто домашиот производ. И, ќе бидеме добри, ако ја завршиме приказната тука или, ако едноставно, сакаме да веруваме во тоа. Но, приказната е многу покомплексна, со многу повеќе аспекти коишто треба да се разгледаат.

На денешницава, повеќето семејства имаат некакво задолжување кон банките. И, според Толстој, сите среќни (читајте, незадолжени) семејства наликуваат едно на друго, но секое несреќно (задолжено) семејство е несреќно на свој начин. Зошто би било тоа така? Затоа што, доколку доходот (платата) на тоа семејство се намалува или стагнира, а долгот расте, тогаш способноста за отплаќање на тој долг се намалува. Па, така е и со државата. Има држави, како Сингапур, кои имаат повисоки нивоа на задолжување од нашето, но имаат повисоки стапки на економски раст, што им овозможува поголема способност во иднина да го отплатат тој долг. Оттука, дури и нивото на долгот да не` задоволува, тогаш не можеме да не размислуваме за тоа како ќе го отплаќаме во иднина. Од каде пари за отплата, ако на среден рок нашава економија не може да постигне задоволителни стапки на економски раст, фамозните 5.5-6.5%?


Второ, која е цената на задолжувањето на државата? Сте се соочиле со ситуација да обиколите повеќе банки пред да се задолжите, барајќи кредит со децимално пониска каматна стапка? Верувам дека во повеќето случаи, ова вака и било. Епа, исто е и за државата. За жал, во моментов, ситуацијата на финансиските пазари е таква што надворешното комерцијално задолжување е скапо. Никој носител на економски политики нема право да ги задолжува идните генерации со скапи кредити. Чуму ќе ни е буџетски дефицит (за наводно да го поддржиме развојот), ако голем дел од него, целиот или дури и повеќе од дефицитот го правиме за да плаќаме камати на минати задолжувања? Добро, алтернативата е да се задолжиме некомерцијално, кај ММФ, да речеме. Но, ММФ од нас бара одредени услови, пред се ограничувања во делот на пролиферацијата на државните трошења во цели кои може да го изедат, а не да го помогнат економскиот раст. И, сега?

Алтернатива на тоа надворешното некомерцијално задолжување е домашното задолжување. Дури и ММФ, поради овие аспекти што овде ги опишав, по својата последна мисија неодамна порача да се зајакне делот од финансирањето на буџетскиот дефицит на домашниот пазар. Што имплицира ова? Ова имплицира дека државата треба да ги доразвие инструментите на пазарот на домашни обврзници, воведувајќи обврзници со подолги рокови (главно, пет- и десетгодишни обврзници). Како економист што доаѓа од академија, мора да кажам дека ова и не е така лошо. Имањето обврзници со различни рокови на доспевање ќе ни овозможи да имаме целосна (копмплетна) крива на приноси (т.н. yield curve), која игра важна улога при економското предвидување (меѓу другите работи). Имено, ако кривата е растечка, тогаш пазарите очекуваат дека каматните стапки во иднина ќе растат, што пак синализира дека се движиме кон експанзивен циклус (поради позитивната каузалност помеѓу растот и каматната стапка). И, обратно, штом видиме инвертна крива, веднаш знаеме дека нешто не чини и дека веројатно се движиме кон фаза на економско сивило. 

Е, сега, на ова, бизнисмените веднаш ќе скокнат и ќе речат – државата да не ги извлекува парите од економијата! (Односно, да не ги извлекува парите од банките, туку да ги остават тие пари за кредити за нивните проекти). Чекајте, чекајте... Овој аргумент треба еднаш засекогаш да се заборави, оти веќе ми се смачи да го слушам. Па, која банка не би поддржала добар проект? Зар ќе ги дава банката тие пари на владата и на Надорната банка, кои во основа ќе и понудат понизок принос? Или: Народна банка да не извлекува пари од економијата! Па, ако има вишок пари, за кои нема добри проекти за да се финансираат, сигурно дека ќе извлекува. Ако не го прави тоа, тогаш, ултимативно ќе настанат инфлаторни притисоци, па тогаш каде ни е крајот. Затоа, доста зборувавме за пари. Ај да зборуваме за добри проекти, мислам дека ќе биде полезно. Ако зборуваме за добри проекти и добри идеи, ниту владата, ниту Народната банка, ниту кој било друг ќе ни биде виновен.

Покрај способноста за отплата и цената што треба да ја платиме за задолжувањето, последна значајна работа е, секако, за што ќе ги трошиме парите. Секако, може за дома да си купиме уметничка слика, ама таа нема да ни генерира приход нам или на нашите деца, за да можат во иднина да го отплатат долгот што сме го направиле. Може да ги искористиме и за да си ја збогатиме потрошувачката кошница, па наместо некое ефтино чоколатце увезено од Турција, да си купиме Нестле. Добро, во моментот ќе бидеме позадоволни (или, економски кажано, нашата потрошувачка корисност како домаќинство ќе се зголеми), ама од каде пари утре да го отплатиме долгот? Епа, тоа е целата суштина. На ниво на државата, парите ќе се оплодат и ќе овозможат отплата на долгот, само ако се намеуваат за одредени потреби. На пример, ако ги подобриме патиштата и изградиме нови, тогаш ќе бидеме поатрактивни за странските инвеститори. Поголем прилив на странски инвеститори ќе овозможи нашиот бруто производ во иднина да расте повеќе, па оттука и поголема способност за отплата на долгот. Ако го подобриме здравството, тогаш работната сила ќе ни биде поздрава и попродуктивна, повеќе ќе произведува и ќе ја зголеми отплатната способност на државата. А, и докторите нема да се плашат кога издаваат боледувања (мала дигресија). Ако го подобриме образованието, ќе имаме пообразована работна сила, со вештини кои одговараат на потребите на бизнис секторот, а не работна сила со диплома на хартија (или, евентуално, во рамка). Ако го подобриме енергетскиот систем, ќе го намалиме увозот на струја, па девизите што ни преостануваат ќе ги насочиме кон отплата на задолжувањата од минатото. И така натаму, и така натаму. А, да, да не заборавам... Парите од новото задолжување секако може да се вложат и во поттикнување на претприемачкиот дух. Нашата економија може да ја извлечат само малите и средни претпријатија, и нивното креирање треба да биде стимулирано и поддржано преку вакви кампањи.

Според тоа, дали сегашниот јавен долг е висок или не, не е важно. Само, носителите на економските политики, нека се осмелат, нека го направат првиот чекор, и нека објаснат на каков начин размислувањето за овие три аспекти: способноста за отплата на долгот, висината на цената платена за новите долгови и намената на парите од новите кредити, се вклопува во целата оваа приказна. Во спротивно, перницата од почетокот на оваа колумна нема да има кој да ја купи, ако ја понудат на аукција. Јас секако нема да ја купам, бидејќи и онака не трошам пари за такви неразвојни работи.

Авторот е економски истражувач

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер