Пазарење 2 (Економија и Бизнис, Март 2012)
Во март 2001 година, Ал
Гор се сретна со Џорџ Буш и голем дел од неговите помошници, за
да разговараат за проблематичната економија. Тие почнале да испитуваат
еден графикон кој ја илустрирал длабочината на рецесијата. Тогаш, Гор
почнал да шпекулира за проекцијата на економскиот раст: "Тој би можел
да изгледа како стап за хокеј", рекол тој. По неколку
мига се премислил: "Сепак, тој би можел да изгледа како U ….. тој би можел
да изгледа како V ..... или, ако работите навистина се влошат, тој
би можел да изгледа како W.....".
Во четвртиот квартал од
2011 година, Македонската економија порасна за само 0.2% на годишна основа.
Ваквиот раст ‘овозможи’ вкупната 2011 да се
заврши со 3.0% економски раст. Да се потсетиме, некои економисти на почетокот
од годината веруваа во стапка на економски раст од 2.5%, а владата веруваше во
3.5%. До крајот на годината сите се придвижија до владината проекција од 3.5%,
но годината се заврши со 3.0%. Зошто се случи ова? Веројатно затоа што
четвртиот квартал од 2011 година ги изненади сите: под влијание на мошне
негативните случувања во еврозоната, но веројатно и поради порано сивите
изгледи за американската економија и се’ повеќе растечката цена на нафтата, не само што
нашиот извоз се намали, туку и на домашен план довербата на потрошувачите
еродираше. Така, четвртиот квартал донесе само 0.5% пораст на извозот,
споредено со 80 пати поголем раст во истиот квартал пред една година (40.1%) и
само 1.6% раст на потрошувачката на домаќинствата. Дури и инвестициите
забележаат ‘благ’ пораст од 12%, што може
и да сугерира дека фискалната сила на владиниот градежно-инвестициски балон
пополека се издишува....
После неколку квартали
благ пораст, во четвртиот квартал од 2011 година, и невработеноста се зголеми
на 31.8% од 30.9% пред една година. Се сеќавате, се радувавме како мали деца
дека наводно кризата нас не не погодила, бидејќи сепак невработеноста следела
опаѓачки тренд. Само, или забораваме или не сакавме да ја признаеме економската
теорија којашто големо значење придава на временското задоцнување, коешто
очигледно кај невработеноста одиграло голема улога. Ќе се согласите, ако сте
работодавец, при првиот налет на кризата ќе помислите ‘ајде, може ќе помине’, па го скратувате
работното време, праќате работници на
привремен принуден одмор или кубурите некако, само да не се соочите со
социјалниот револт на отпуштените работници. И, така квартал за квартал, ама
ако видите дека кризата не си оди, ќе мора да отпуштате работници, за да не
отидете во стечај. Епа, ете, затоа е временското задоцнување и тоа сега се
ефектуира.
Но, 2011 година е веќе
зад нас. Она што е пред нас е поголем дел од тековната 2012 година. Во една
поранешна колумна предупредив на ризиците при прогнозирање на економската
активност во турбулентни и неизвесни времиња. Денес, која и проекција да ја
прифатиме како реална за 2012 година, без оглед дали е 4% или 2%, не може да
избегнеме од фактот дека таа е опкружена со огромен степен на неизвесност. Статитстички,
интервалот на доверба на ваквата проекција е мошне широк. Всушност, како што се
случи и во четвртиот квартал од 2011: проекцијата за тој квартал беше опкружена
со голема неизвесност, односно изразени надолни ризици, коишто на крајот и се
материјализираа и не ја дадоа стапката на раст околу која сите постигнавме начелен
консензус. За годинава пак, повеќе од јасна е материјализацијата на истите
надолни ризици: контракцијата на извозот недвосмислено започна, а тоа повлече и
бран на пад на индустриското производство... Довербата на потрошувачите и
инвеститорите е разнишана, имајќи ја предвид несигурноста на финансиските
пазари предвизвикана од должничката криза во еврозоната. Имено, иако Грција,
нашиот голем инвеститор и трговски партнер, беше повторно ‘наполнета’ со свежи пари, тоа не
го елиминираше ризикот од банкрот. И, уште полошо, ваквата ситуација и понатаму
ќе перзистира, до предвремените парламентарни избори, па потоа додека не се
формира влада, па потоа додека таа влада не се согласи на мерките за штедење...
Звучи доста долгорочно, зар не?
Згора на ова, глобалната
економска машинерија сега почна да ја губи својата сила, па меѓународниот
монетарен фонд изврши линеарна надолна ревизија на своите проекции. Светскиот
раст сега се проектира на 3.25%, што е надолна ревизија за 0.75 процентни
поени, додека ревизијата на растот за Централна и Источна Европа е само 1.1%.
Па, добро, нели до неодамна тврдевме дека овие земји брзо ја пребродија кризата
и брзо се вратија на патеката на економскиот раст? По се’ се чини, дека таквото
однесување не било робустно, туку проследено со одредени ризици коишто се
манифестираа со одредено временско задоцнување.
Дополнителна неизвсност
во моментот секако претставуваат изворите на пораст на цените. Ќе се согласат
граѓаните. Иако сите се надевавме дека со смирувањето на ситуацијата во Либија,
понудата на сурова нафта ќе се нормализира, се испостави дека имаме нова ‘кризна’ состојба на геополитички план,
сврзана со Иран и Сирија, која веројатно нема да и даде мир на цената на
нафтата. И, вистина, литар бензин во Македонија го достигна плафонот, 89
денари. А, само пред 3 години, во првиот налет на кризата, цената на нафтата на
светските берзи се намали, поради забавувањето на глобалната побарувачка. Е,
сега е сосем спротивната ситуација. И покрај тоа што засега цените на храната се
стабилни, а нема притисоци врз инфлацијата од страната на побарувачката поради
глобалното забавување, порастот на цените на нафтата е толку голем што во
целост ги апсорбира овие надолни притисоци. Се ми се чини дека комбинација на
пад на економската активност и инфлација се викаше стагфлација, нели?
Оттука, забавувањето на
глобалното производство и перзистентниот нафтен извор на инфлацијата создава
значителна неизвесност во предвидувањето. Секако, сега може да почнеме повторно
да се пазариме, за половина или еден процентен поен, но реалноста е неумолива –
надолните ризици за растот сега се на сцена. Разнишаната доверба на
потрошувачите и порастот на цените и понатаму негативно ќе се одразува врз
потрошувачката на домаќинствата. Побавното полнење на буџетот проектиран врз
преоптимистички претпоставки ќе го ограничи просторот за фискален маневар, па и
јавната потрошувачка ќе мора да се намали. Намалувањето на довербата на
домашните инвеститори, поради падот на надворешната побарувачка и контракцијата
на изворите за финансирање на нивните проекти, негативно ќе влијае врз нивните инвестиции. Најавените странски
инвестиции неминовно повторно ќе се соочат со потреба за одложувања, но дури и
да не е така, оние коишто се во фаза на градба во 2012, само ќе го зголемуваат
увозот, негативно придонесувајќи за економскиот раст, најмалку до моментот
додека почнат со производство. Сосем е јасно дека извозот забави, и таквото
забавено однесување на истиот веројатно ќе потрае барем неколку квартали.
Оттука, ако претходно се пазаревме дали растот ќе биде еден процентен поен
погоре или подолу од некоја бројка што ја сметавме за веројатна, сега можеме да
се пазариме колку пониско би можел да биде растот од некоја веројатна бројка
која во моментов се ми се чини е околу 1.5%-2%.
Според сето ова,
веројатно и не е толку важно дали нашата економска активност сега има форма на U, V или W, како што неколкупати
се премисли Ал Гор во почетокот на оваа колумна. Сигурно е дека кај сите овие ‘форми’ на економска активност,
економијата е во долниот дел од буквата. Уште едно е сигурно: овие букви стојат
кон крајот од абецедата. Прашањето сега е: каде плови овој брод? Ова прашање
треба да ни го одговорат носителите на економските политики, преку некаква
акција за ‘спасување’ на стандардот на
граѓаните, како на пример: зголемување на социјалните трансфери за социјално
најранливите категории граѓани, социјално згрижување на оние што ќе останат без
работа како последица на кризата, враќање на одредбата за финансирање
технолошки вишок пет години пред пензионирање, намалување на фискалните давачки
за нафтените деривати, па дури и субвенционирање на дел од трошокот на фирмите
за енергенси, со цел граѓаните да не се соочат со бран поскапувања од втора
рунда кај широка палета производи... Ако не се случи брз и решителен одговор на
економските политики, тогаш се плашам одговорот на погорното прашање да не испадне
како во оригиналната песна “....куд плови овај брод којим смо кренули, од свега
само знам – повратка нема....”.
Авторот е економски истражувач
Comments
Post a Comment