Младите и вработувањето (Економија и Бизнис, Април 2012)
По напуштањето на позицијата државен секретар
во 1953 година, Дин Ачесон бил запрашан за своите идни планови. „Јас несомнено
ќе барам она што е среќно познато како добитно вработување,“ возвратил Ачесон,
„што со задоволство можам да кажам дека не е имање работна позиција во јавната
администрација."
На
крајот на минатата година, скоро 60% од младите во Македонија биле невработени.
Споредено со истиот период од 2010, невработеноста кај младите се зголемила за
цели 9 процентни поени, од 50.5% во 2010 на 59.4% во 2011. Ваквите бројки ја
надминуваат и психолошката граница од 50% невработени млади во Шпанија и Грција
и 30% во Португалија и Италија (четирите најпогодени земји од кризата). Со ова,
и нашите млади влегуваат во ризикот да бидат „изгубената генерација“, која
тешко може да закрепне од последиците на невработеноста и лошиот животен
стандард, и претставува голема цена што општествата ќе треба да ја платат во
годините што доаѓаат.
Но, на светско ниво младите луѓе презедоа
акција, без оглед дали станува збор за движењето „Окупирај го Вол стрит“ или
масовните протести низ Арапскиот свет, акција која ги става на удар уништените
можности и неисполнетите надежи. Кај нашите млади, пак, отсуството на желбата
вака-лошите изгледи да се променат стои наспроти присуството на желбата за работа
во јавната администрација, која сеуште се чини добитна комбинација, спротивно
на мислењето на Ачесон од почетокот на оваа колумна. Претприемачкиот дух е на
ниско ниво, и покрај разновидните стимулативни мерки – ретко кој се решава да
отпочне свој бизнис.
Но, не е проблемот само на страната на
младите. Младите луѓе е најлесно да се отпуштат кога работите тргнуваат на
лошо. Тие се релативно неискусни и со слаби работни вештини, а и во многу земји
законодавството овозможува младите да бидат полесно „отпустливи“. Сето тоа ги
прави лесна мета за работодавците кои сакаат да заштедат во време на криза.
Секако, невработеноста кај младите со себе носи одредени директни трошоци, како
што се: зголемување на надоместите за невработеност, намален приход од данок на
доход и сл. Но, во Македонија овие не се толку важни, затоа што голем дел од
младите и онака не беа вработени пред кризата – перспективите за младите во
Македонија скоро и никогаш да не беа светли.
Оттука, она што може да се случи (или веќе се
случува) е реализирање на потенцијалот на индиректните трошоци од
невработеноста кај младите. Прво, тоа е емиграцијата, главно кај амбициозните
млади луѓе кои лесно може да ги проценат перспективите дома –вработување по роднински
и политички врски, тешко напредување, па дури и „overeducation”, односно многу
малку работни места за високо едуцирани и тресно специјализирани кадри. На
ваквите луѓе, кои сеуште не створиле семејство, најлесно им е да ја напуштат
земјата трагајќи по подобар живот. Тоа на Македонија и се случува континуирано
во последните 20 години. И, никој ништо не презема. Многумина „лидери“, и
политички и бизнис, дури и не кријат дека треба „чување од тој што знае многу“
и дека се среќни кога теренот од нив е чист. Но, сите тие забораваат дека
носители на промените се младоста, амбицијата и знаењето. Без нив, каде ли ќе
бидеме по 20 години?
Друг трошок од високата невработеност кај
младите е криминалот. Ќе се сетите на ланските нереди во Англија – секако,
избрзана е оценката дека за тоа се виновни младите, но да се каже дека нема
поврзаност со криминалот воопшто, изгледа малку преоптимистички. Теоретски е
покажано дека кај младите дечки има поголема веројатност да го прекршат
законот. Некои истражувачи дури и емпириски покажуваат дека постои каузална
врска помеѓу зголемената невработеност кај младите и зголемувањето на
криминалот, особено грабежите и наркотиците. Спротивно на тоа, не е најдена
таква врска со вкупната невработеност.
Секако, последен, но не и најмалку важен ефект
од невработеноста на младите е личниот ефект – економски, здравствен и
емоционален. Обесхрабреноста да се учествува на пазарот на труд потоа води кон
страв да се влезе во каков било работен однос подоцна, па ги зголемува
изгледите дека таа невработеност може да се претвори во долгорочна
невработеност. На крајот на краиштата, тоа ќе му наштети на растот.
Кој треба да биде одговорот на политиките на
ваквата состојба? Онаму кадешто пазарите на труд се пофлексибилни, а кадешто се
вбројува нашиот, акцентот на политиките треба да се стави на стекнувањето
вештини од страна на младите луѓе. Системот на образование што го наследивме од
поранешна Југославија е базиран на стекнување теоретски знаења, барем во
општествените науки. И јас самиот сум образован во тој систем и кога отидов да
студирам постдипломски студии во странство доживеав шок. Не само што во дотогашните
студии недостасува(ло) применета компонента, туку тие и не не` учеа на некои
основни човечки вештини, како на пример вештини за комуникација, особено пишана
комуникација. Приватната образовна иницијатива, барем за онаму за кадешто знам,
сега се труди да ги смени тие состојби, ставајќи акцент на применетата
компонента и на градењето (т.н. меки) вештини. Но, државата тука мора активно
да се вклучи, пред се преку дизајнирање и спроведување активни и конзистентни
политики. По мое лично убедување, политика за пролиферација на државното високо
образование и за зајакнување на земјоделството не се меѓусебно конзистентни
политики. Кој образован со универзитетска диплома ќе сака да оди да работи на
нива? Дополнително на тоа, иако имањето универзитетска диплома, по дефиниција,
ги зголемува шансите за вработување, сепак сведоци сме на веројатно највисоката
стапка на невработеност меѓу оние со високо образование, воопшто.
Вториот пункт на којшто државата треба да се
фокусира е законско решение со коешто програмите за изведување пракса и
волонтерство ќе се направат задолжителни. Практичната работа и волонтерството,
не само што може значително да ги подобри перспективите на младите луѓе,
односно тој ангажман потоа да прерасне во платено работно место, туку и
повеќестрано нив ги социјализира – да ги стави во контекст на организација,
тимски дух, смаопочитување и почитување на другите, но и да помогне во градењето
на нивните вештини кои можеби немале можност да ги стекнат во текот на
образованието. Ова може да биде и добра подготовка за отворање сопствен бизнис,
бидејќи ќе го изгради и претприемачкиот дух. Секако, државата оваа цел не може
да ја постигне без активно учество на бизнис секторот. Бизнис секторот треба да
го искористи потенцијалот на практикантите и волонтерите, а не да ги гледа како
средства за извршување на најтехничките и споредни работи во фирмата.
Конечно, секојдневното подобрување на
средината во којашто живеат младите – инфраструктурата, пристапот до
финансиските пазари, управувањето коешто води сметка за младите, здравствената
заштита, политиките на пазарот на труд кои не прават родова дискриминација и
сл. – полека но сигурно ќе придонесе кон подобри перспективи за младите луѓе во
Македонија, а со тоа ќе ја осигури и нејзината иднина.
На крајот на краевите, светот останува на
младите. Тие треба да бидат носители на промените, вклучително и на промените
на коишто го ставив акцентот во оваа колумна. И, нека го послушаат Ачесон дека
добитното вработување сепак не е во јавната администрација.
Авторот
е економски истражувач.
Comments
Post a Comment