Главатарот и инфлацијата (Економија и Бизнис, август 2012)
Си било
еднаш едно племенско општество во далечна Индија. Еден ден, по повод
неодамнешниот пораст на цените, главатарот за земјоделство, г-дин Павар рекол: „Монсуните
се поволни, инфлацијата ќе се симне до октомври, штом пристигне новата реколта“.
Три месеци подоцна, главатарот за финансии, г-дин Пранаб рекол: „Министерството
за финансии ги презема сите мерки и инфлацијата ќе се смири до јануари идната
година“. Во јануари идната година, главатарот за нафта, г-дин Синг рекол: „Инфлацијата
ќе биде под контрола до март“. Замислете што рекол главатарот над главатарите,
г-дин Датагупта во март: „Инфлацијата е знак на прогрес“.
Цените
на меѓународно тргуваната пченка и соја достигнаа нов рекорд во јули 2012,
следствено на незабележаното лето во САД и Источна Европа во смисла на високи
температури и недостаток на врнежи. Цените на пченицата исто така се искачија
на нивоа споредливи со рекордите од 2011. По двомесечен пад во мај и јуни,
индексот за цени на храната на Светската банка се искачи за цели 10% во јули.
Дополнително, индексот покажува дека ценовното зголемување кај храната е главно
широкораспространето меѓу стоките за храна, освен кај оризот каде е забележан
пад на цената за 4%. Наспроти тоа, цените на пченката и пченицата се зголемија
за 25% секоја, цената на шеќерот 12% и цената на соиното масло 5%. Се` на се`,
цените на храната помеѓу април и јули оваа година пораснале за цели 7% на
глобално ниво. На домашната сцена, маслото за јадење порасна од 78 на 92
денари, брашното од 30 на 40 денари, шеќерот од 44 на 50 денари и слично.
Ваквите
зголемувања на цените на храната ги `отпревртеа` изгледите за поволни ценовни
движења кои меѓународните финансиски институции ги прогнозираа порано. Оттука,
повторно се покажа дека никој не може да го предвиди приносот од реколтата,
освен можеби баба Ванѓа од Бугарија, со оглед дека тој принос е зависен во
голем дел од временските услови. Освен во многу делови од САД, сувото лето во
Русија, Украина и Казахстан придонесе производството на пченица да падне за
10%. Сувите монсуни во Индија, пак, придонесоа за 2.5% помала во обем жетва од
она што беше првично планирано. Уште позагрижувачки, повторната појава на Ел
Нињо во следните два месеца може да доведе до мошне негативни ефекти врз
жетвите во Австралија. За среќа, на спротивната страна е фактот дека досега
годинава не е забележан бран на забрани за извоз (како што тоа го направи
порано Србија со пченицата), а во таа насока оди и сеуште слабата глобална побарувачка,
главно генерирана од сеуште незакрепнатата економија на еврозоната, како и
забавениот раст во Кина и земјите во развој.
По
зголемувањето во средината на 2008, меѓународните цени на нафтата следеа
надолен тренд во следните неколку месеци. Но, растот почна повторно и всушност
се претвори во постојан пораст во последните три години, оставајќи ги
меѓународните цени на крајот од 2011 на околу 80% од највисокото ниво во 2008.
Во текот на 2012, и особено во вториот квартал од годината, цените на нафтата
се движеа нагоре и надолу, за да во јули 2012 забележат загрижувачки растечки
тренд. Во домашната економија, цените на нафтата и нафтените деривати забележаа
неколкукратен последователен пораст, така што цената за Еуросупер 98 моментално
е близу 90 денари за литар. Паралелно со овој процес, порасна цената на
струјата, веројатно како последица на поскапиот увоз на струја, а детерминирана
од сушниот период и помалото производство, се укина ефтината дневна тарифа и се
зголеми цената на парното греење.
Во која
мера овие меѓународни зголемувања на цените ќе се пренесат врз домашните цени?
Покрај тоа што во моментот порастот на домашните цени е видлив во продавниците,
на бензинските пумпи, на сметките за струја и парно, важно е да се знае од што
зависи `поместувањето` на домашните цени. Па, да бидеме начисто: 1. Од тоа
колку земјата зе потпира на увоз; 2. Од тоа колку земјата дозволува порастот на
меѓународните цените да се преточи во домашните цени; и 3. Од капацитетот на
земјата да се заштити од надворешни шокови.
Во
нашиот случај, јасно е дека Македонија е високо-зависна земја од увоз.
Македонија нема извори на нафта, па мора да увезува нафта. Меѓутоа, Македонија
увезува пченица, шеќер, масло за јадење, струја... А, услови за нивно
производство дома, има. Наместо со таргетирана земјоделска политика да го
насочиме земјоделското производство кон култури кои се покажаа како `критични`
во поглед на цените во последните години, ние имаме стихијна политика на
субвенции, само за да го мотивираме избирачкиот порив на нашите гласачи.
Наместо да инвестираме во хидроцентрали (Бошков мост, Чебрен, Галиште, мали
хидроцентрали по Вардар), ние фрламе пари во бронза и мермер...
Второ,
шокот што произлегува од меѓународните цени директно ќе се пренесе врз
домашните цени доколку не интервенираат владата и нејзините агенции со цел да
ублажат барем дел од ваквиот шок. На пример, според неодамнешна студија на
Светска банка, загрижувачки тренд во некои земји е оптовареноста на нивниот
буџет со субвенции на трошоците за нафта. Но, тоа покажува дека владите
директно, преку субвенционирање на трошоците на фирмите и земјоделците за
нафта, или индиректно, преку намалување на акцизата на нафтата и нафтените
деривати, се грижат за стандардот на своите граѓани. Второ, многу влади, преку
преговори и соодветна регулација, им овозможуваат на своите граѓани да останат
изолирани од порастот на цената на струјата, а во некои земји, како Србија,
ефтината тарифа на електричната енергија беше вратена со цел да се задржи
животниот стандард на граѓаните од понатамошно уништување. На планот, пак, на
стоките за храна, владите најчесто директно интервенираат на пазарот,
понудувајќи количества од стоковите резерви на државата, со цел да воспостават
рамнотежа на пазарот која нема да биде погубна врз цените. Што од ова во
моментот се случува кај нас?
Трето,
капацитетот на земјата е важен при заштитата од надворешните ценовни шокови.
Капацитетот може да се сфати во најширока смисла, но во голем дел се однесува
на фискалниот капацитет – владите да интервенираат на пазарот, како што
зборував погоре. Фискалниот капацитет пак е одреден од нивото и динамиката на
зголемување на јавниот долг. Поточно – ако државата треба да се откаже од дел
од јавните давачки (на пример, акцизи на нафтените деривати), или ако треба
директно да субвенционира некои трошоци на населението, или ако треба да го
субвенционира трошокот за производство или увоз на струја, дали тоа нема да го
загрози нормалното функционирање на буџетот и дали евентуалната буџетска дупка
ќе може да се финансира брзо и ефтино? Проблемот е што ова прашање во
Македонија не се ни поставува, туку јавното задолжување сеуште финансира некои
лукративни потреби на владата.
Според
сето ова, проблемот на нашето секојдневие и животен стандард е всушност проблем
за кој ние не дискутираме. Прашањата: Зошто платата што ја примаме се повеќе и
повеќе не ни е доволна за нашите потреби за храна? Зошто сметката за струја ни
е толку висока? Зошто секој понеделник плаќаме поскап бензин? - остануваат ниту
прашани, ниту одговорени. Додека тоа е така, можда ќе се појави некој јунак и,
како на почетокот од оваа колумна, ќе не` убеди дека порастот на цените е знак
на прогрес. Баш да видиме.
Авторот
е економски истражувач.
П.С.
Неодамна провеја во јавноста смирувачки тон како од `точно време` според кој
граѓаните не треба панично да реагираат на порастот на цените на прехранбените
производи, струјата, бензинот... Само, тој тон не ни кажа, кога на граѓаните
одвнатре ќе им дојде панично да изреагираат кога ќе останат гладни или во
темница, како всушност да изреагираат?
Comments
Post a Comment