Сиромавиот, бизнисменот и министерот (Економија и Бизнис, Септември 2012)

Си биле сиромавиот, бизнисменот и министерот и пловеле заедно на далечен пат. Но, наеднаш доживеале бродолом и наскоро околу нив почнала да кружи една ајкула по име рецесија. Ајкулата веднаш го изела сиромавиот. Бизнисменот почнал да размислува за разни мерки како да се извлече од ајкулата, но безуспешно, бидејќи за кратко ајкулата го изела и него. Министерот почнал сериозно да се загрижува, бидејќи сега ајкулата тргнала кон него. Но, наместо да го изеде, ајкулата го качила на својот грб, го донела до брегот и го пуштила. Министерот прашал: „Како тоа не ме изеде и мене?“, а ајкулата одговорила: „Професионална учтивост!“.
Во вториот квартал од 2012 година, Македонската економија влезе во рецесија. Во литературата, последователен пад на економската активност во два квартала се дефинира како рецесија. Но, статистиката само го потврди тоа што граѓаните и фирмите го зборуваат уште од крајот на минатата година, кога потиснатата економска активност првпат значително се почувствува: граѓаните се потешко врзуваат крај со крај, вработените од нив се соочуваат со отпуштања во индустријата и другите сектори или со стагнација или намалување на нивната плата, додека фирмите се гушат во растечката неликвидност во економијата и, и самите тие, едвај врзуваат крај со крај. Згора не се, во третиот квартал, цените на некои основни прехранбени производи и цените на домувањето пораснаа, дополнително погодувајќи го и онака тенкиот домашен буџет. Но, она што „како од пушка“ можевме да го слушнеме е дека рецесијата е увезена, односно дека Македонија не може да се оттргне од она што се случува на европската економска сцена. Наспроти ова, критиките упатени на сметка на владата укажуваа дека за состојбата во којашто сме се нашле е единствено одговорна владата со своите политики. Но, како и обично, вистината е некаде на средина.
Она што во последната деценија ги карактеризираше земјите во развој како Македонија беа три процеса: конвергенција, поврзаност на бизнис циклусите и раслојување. Првиот процес на конвергенција подразбира дека земјите во развој, како резултат на нивната трговска и финансиска интеграција во светска економија, ќе растат по стапка на раст на нивниот бруто производ поголема од онаа во развиените економии, пришто со текот на времето, јазот во доходот помеѓу нив ќе се затвори. Ова, првенствено, ќе се случи затоа што земјите во развој во процесот на конвергирање увезуваат и адаптираат технологија и know-how. Второ, голем број земји во развој искусија побавен раст на населението во последните две децении, што овозможи доходот по глава на жител да расте побрзо. Трето, голем број од земјите во развој овозможија поголем удел на инвестициите во нивниот БДП, често достигнувајќи и бројки близу 30%. Овие фактори го траектираа т.н. долгорочен раст на земјите во развој и овозможија тие да постигат стапки на раст повисоки од развиените земји, како би можеле да ги стигнат. Според овој процес, одговорноста за (по)силен раст и побрза конвергенција на земјите во развој кон развиените земји лежи само на страната на владите и нивните економски напори. Тука би можеле да се издвојат структурните политики за зголемување на финансиската отвореност, структурни политики за зголемување на конкурентноста на домашните производи, реформите на финансиските системи, напорите за трговско интегрирање преку прифаќање на правилата на СТО, напорите за зголемување на уделот на инвестициите во вкупното производство, а со тоа и за зголемување на вкупната продуктивност на трудот и капиталот, па дури и напори за намалување на политичкиот ризик и, оттука, намалување на ризичната премија на каматните стапки, што често беше проблем на нашите простори. За несреќа, емпириските разултати не говорат дека ваков процес на конвергенција во Македонија отпочнал, иако, интуитивно, некои економисти тврдат дека зачетоци на процесот на конвергенција може да се најдат по 2005-6 година, со тоа што некои напори, како на пример тие за зголемување на уделот на инвестициите во БДП започнаа и многу подоцна. Според ова, „разделбата“ на долгорочните економски движења меѓу земјите во развој и развиените земји им дава(ше) простор на владите да водат политики кои ќе создадат за граѓаните подобро место за живеење, без притоа да биде потребно таков силен раст да постои и кај главните трговски партнери.


Вториот процес – поврзаност на бизнис циклусите – е спротивен на првиот во смисла на неговата краткорочност, како и во поглед на неможноста на владите да спречат бран од глобална еуфорија или рецесија да се преслика врз нивната економија. Имено, на почетокот на кризата некои домашни економисти веруваа дека некои земји ќе останат изолирани од кризата, па дури и дека ќе добијат од неа. Верувам дека од денешна перспектива, дури и да имале намера да ја сокријат вистината, сфаќаат дека таквата изјава сериозно го поткопува нивниот експертски кредибилитет. Глобалното забавување кон крајот на 2008 покажа дека она што година-дена пред тоа почна на Волстрит брзо се распространи низ целиот свет. Земјите во развој забележаа поблаго забавување од развиените економии, што ги подгреа размислувањата за дивергенција наспроти конвергенција, меѓутоа повторното забавување на светската економија кое се случува во овој период покажа дека сепак тоа било само илузија. Имено, економските анализи укажуваат дека откако ќе се изолира трендот (оној од процесот на конвергенција), она што останува, а што се нарекува циклична компонента, покажува значителна поврзаност меѓу економиите, и тоа со тенденција поврзаноста да јакне и да станува се` посложена. Имено, светот денес е економски испреплетен, така што бизнис циклусите едноставно „патуваат“ од земја до земја. Наспроти процесот на конвергенција, процесот на циклична поврзаност е главно движен од краткорочни фактори, како што се трговските врски, поврзаноста на капиталните текови и довербата меѓу инвеститорите и потрошувачите. Сосем е јасно дека падот на побарувачката од Германија директно ќе се рефлектира врз нашиот извоз, затоа што голем дел од него се пласира на Германскиот пазар. Исто така е јасно дека ненадејното запирање на капиталните текови (најчесто во форма на странски инвестиции, но и во форма на неможност за лесно позајмување на светскиот финансиски пазар од страна на владите), придонесе за побрзо забавување на економската активност на домашен терен. Третиот фактор којшто често го занемаруваме, а е мошне важен се т.н. животински инстинкти, односно брановите на оптимизам и песимизам кои многу брзо се шират на финансиските пазари меѓу инвеститорите, но и на пазарите на стоки и услуги меѓу потрошувачите. Според ова, се` поизразената поврзаност на цикличните движења во економиите, ги оневозможува владите да ја заштитат својата економија од рецесија кај своите трговски и финансиски партнери.
Третиот процес – раслојувањето – се однесува на дивергенцијата помеѓу сиромашните и богатите. Имено, сиромашните стануваат се` посиромашни, а богатите се` побогати. Показател за првото е дека сиромаштијата во Македонија изнесува растечки 30% од населението, а показател за второто е дека најбогатите 10% од населението зафаќаат околу една треина од вкупното богатство. Делумно, концентрацијата на доходот кај мал број граѓани може да се должи и на отсуство на процесот на конвергенција, меѓутоа генерално е последица на водење неправилни економски политики. Да наведеме неколку: рамномерното оданочување на доходот, високите социјални придонеси кои претставуваат голем товар главно за „пониските“ работни места, експанзија на пазарите кадешто „по дефиниција“ доходот се концентрира кај мал број луѓе, како што се телекомуникациите, намаленото влијание на синдикатите, инвестирањето во квантитет, а не во квалитет во образованието и многу други. Според ова, присуството на процесот на раслојување помеѓу богатите и сиромашните, е главно одговорност на владините политики – политики кои го затвараат ваквиот јаз ќе придонесеа за поблаго чувствување на тековната рецесија од страна на населението.
Како заклучок на овие размисли произлегува тоа дека во глобализиран свет, светските и регионалните влијанија брзо се пренесуваат врз домашната економија како резултат на поврзаноста на бизнис циклусите и, по таа основа, тековната рецесија е увезена. Но, два други процеса не ги ослободуваат владите од целосна одговорност за сегашната состојба: „(не)инвестирањето“ во долгорочен раст со цел побрзо доближување до економското ниво на развиените земји и „(не)инвестирањето“ во политики кои го затвораат јазот меѓу богатите и сиромашните. Оттука, владата не треба да биде среќна ако во ајкулата од почетокот на оваа колумна стекне нов деловен партнер, туку ако што поскоро ја спречи да ги изеде сиромавиот и бизнисменот.

Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер