Сиромавиот, бизнисменот и министерот (2) (Економија и Бизнис, Октомври 2012)


Се сеќавате на случката со сиромавиот, бизнисменот и министерот од септемвриската колумна? Е, таа приказна не завршила тука. Воскликнат од тоа дека си стекнал ново другарче, министерот се вратил во владата и ја прераскажал својата фасцинантна приказна. Кога тоа го слушнал премиерот, се израдувал и почнал да кова теорија дека всушност нападите од ајкулата по име рецесија се предизвикани од ништо друго, туку само од човечки страв. И, така, тој почнал да си практикува јога, за да го намали чукањето на срцето кога плива со ајкули во немирни води, а со цел ајкулите да поверуваат дека и тој е предатор. „Јас сум способен да го разберам јазикот на ајкулите“, тврдеше често тој, „и затоа никогаш не сум бил гризнат“.
Кусо време потоа, додека премиерот си вршел истражувања на далечен остров во март, возрасна бик ајкула ги зарила своите заби длабоко во неговата десна нога, хоспитализирајќи го најмалку за следните четири години. "Тоа беше несреќен случај", изјави подоцна тренерот по јога. "Тој ја одредуваше веројатноста од гризнување врз основа на она што тој мисли дека знае за однесувањето на ајкулата, но нема докази да ја поддржат неговата теорија. Тој е повеќе демагог отколку вистински лидер."


Во првата половина од годинава, дефицитот на државниот буџет се искачи на 3.6%. Проекцијата за годинава, пак, беше 2.5%, а неодамна се зголеми на 3.5%. Значи, во првата половина од годината, остварувањето е над новата проекција. Според Кејнзијанската економска мисла, улогата на државата во економијата треба да биде засилена во време на рецесија. Ова, по автоматизам, значи зголемен буџетски дефицит и по таа основа, зголемувањето од 2.5% на 3.5% или 4% е оправдано. Но, само на прв поглед. Подеталното разгледување на проблемот укажува дека ваквиот потег е всушност `возење` по тенок мраз, пливање со ајкули, и многу повеќе демагогија отколку вистинско лидерство. Еве зошто.
Прво, причината за повисоко остварување во првата половина од годината споредено со планираниот дефицит, всушност се должи на погрешната проекција за економскиот раст во 2012 година. Посакуваниот раст беше 4.5%, во услови кога беше извесно дека таа проекција е доста висoка, бидејќи во тоа време немаше разрешница за европската должничка криза (како што нема ни сега), а забавувањето на глобалната економија беше евидентно. Со текот на времето следеа само надолни корекции на проекцијата, поради се` поголемата изразеност на овие два ризика по растот. Моменталната проекција за 2012 се движи околу позитивна нула. Тоа значи дека проекцијата била промашена за повеќе од четири процентни поени. Е па, таквото однесување ќе ги надува и буџетските приходи, кои потоа ќе се соочат со под-реализација, односно остварените приходи ќе бидат под планираните. Ако не сакате да го намалите трошењето, тогаш ете ви поголема буџетска дупка во првата половина од 2012. Со оглед на најавата дека нема да има намалување на трошењата (односно надолен ребаланс), произлегува дека по основа на погрешното проектирање, буџетскиот дефицит ќе остане на нивото од помеѓу 3.5 и 4% од БДП.
Второ, за што се наменети вишокот потрошени пари? Замислете дека во вашето домаќинство сте потрошиле повеќе од вашата заработка во месецот и за вишокот потрошени пари сте подигнале кредит. Значи, вие сега сте поголем должник, но знаете за што сте ги потрошиле парите од кредитот? Веројатно знаете или најчесто знаете. Но, носителите на политиките не ни кажале каде државата ги троши позајмиците. А, позајмиците еден ден ќе треба да ги враќаме сите ние. Ако парите не биле потрошени за создавање нови работни места, тогаш нашата отплатна способност се намалува. Но, без оглед на тоа, позајмиците ќе мора да ги вратиме. Кога истото ниво на национален доход ќе биде оданочено повеќе, за да може позајмиците да се вратат, тогаш тоа ќе доведе до намалување на куповната моќ на населението, која во моментов и онака е на многу ниско ниво.
Трето, доживеавме економските лидери да ни кажат дека долг кон претпријатијата по основа на невратен данок на додадена вредност сепак постоел. Добро. Било што било. Сега долгот ќе се враќа. Од каде? Па, од нови позајмици. Купи ден, помини. Но, ако буџетскиот дефицит веќе достигнал 3.5%-4% заради промашените проекции, тогаш колкав ли ќе биде кога тие пари ќе се исплатат? 5%, 6%, 10%? Никој не може да каже, бидејќи знаеме дека државата должи кон стопанството, но всушност не знаеме колку. Но, сигурно знаеме дека буџетскиот дефицит ќе биде многу поголем од планираниот. Секако, ако не почнат фактури да се кумулираат кон некоја друга целна група.
Од сето ова произлегува дека не е важно колкав дефицит ќе покаже државата на крајот од годината. Односно, не е важен експлицитниот дефицит. Прашањето кое е поважно во економски контекст како денешниот е имплицитниот дефицит, којшто се добива кога на експлицитниот дефицит ќе се додадат сите преземени а неплатени обврски на државата за тековната година, како и обврските што ги презема кон одредени целни групи за иднината, како на пример кон пензионерите, имајќи предвид дека во голем дел тековната генерација вработени ја финансира тековната генерација пензионери. Имплицитниот дефицит е тој што може да создаде, да го наречеме, фискален меур. Кога тој меур ќе пукне, никој нема да не` спаси од ликовите што сега ни се смешкаат на плоштад...
Но, како земјите го решија проблемот на неконтролирано трошење, особено за проекти кои не ја зголемуваат отплатната способност на една земја? Многу земји усвоија долгорочни ограничувања на клучните буџетски агрегати преку квантитативни лимити на дефицитите, долгот, трошењата, па дури и приходите. Овие лимити познати како фискални правила може да помогнат во олеснување на притисоците за прекумерно трошење и така да осигураат фискална одговорност и транспарентност, како и одржливост на јавниот долг. Токму усвојувањето на вакви правила во рецесиски времиња како денешното може да овозможи да се зајакне кредибилноста на долгот и одржливоста и транспарентноста на дефицитот. Една студија на ММФ документира дека во 1990 година само 5 земји имале ваков тип на фискални правила, а во 2012 тој број е 75, со тоа што бројот на земјите во развој со јасно фискално правило многу брзо го достигна бројот на развиени земји. Некои земји, дополнително на основниот фискален лимит, поставија правило за прилагодување на истиот кон бизнис циклусот, а на многу места фискалните правила се придружени и со институционални аранжмани, како што се фискалните совети како независни тела составени од сите чинители во процесот. Нивната главна задача е да го набљудуваат спроведувањето на фискалната политика и да ја зголемуваат јавната свест за влијанието што буџетскиот дефицит го има врз благосостојбата на населението и здравоста на вкупната економска политика.
Но, „цената“ на фискалниот лимит е што нема да има непотребни трошења, луксузирања и скриени долгови. Ризикот дека некоја идна генерација ќе треба да ги отплаќа каприците на некоја претходна генерација ќе биде елиминиран или сведен на минимум. Ете затоа сегашното `пливање` е всушност пливање со ајкули во немирни води. Бидејќи се испостави дека основната теорија на владата, според која ајкулата ќе ве касне само ако се плашите, всушност е погрешна, само прашање е на време кога таа ајкула може да ги покаже своите заби. Фискалното лимитирање и транспарентност би било вистинско лидерство – се` друго е чиста демагогија.
Инаку, сакате да ја знаете најраспространетата теорија за напад на ајкула? Таа тврди дека ајкулите се во потрага по бледо-обоен плен во матни води, дека ги привлекува незаштитена кожа и дека нападот нема никаква врска со стравот. А, можеби се запрашавте на крајот од оваа колумна каде се сиромавиот и бизнисменот од насловот. Па, нели нив ги изеде ајкулата уште минатиот пат...

(Авторот е економски истражувач.)

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер