Гангнам стајл, енгри брдс и крајот на светот (Економија и Бизнис, Декември 2012)


Се ближи крајот на уште една календарска, економска, фискална, или каква сакате, година. И, по редослед на нештата, сите пополека не` зафаќа празнично расположение, и како и лани, доста е од сериозни економски четива. Декември е месец за сумирање на сработеното и размислување што да промениме во новата година за да живееме подобро. Овомесечнава колумна ќе направи преглед на настаните и лицата кои ја обележаа годината која пополека изминува.

На глобално ниво, годината ја започнавме со веста дека кралицата Елизабета II го одбележува својот дијамантски јубилеј, односно 60 години од моментот на стапување на престолот на Обединетото Кралство, Канада, Австралија и Нов Зеланд (со тоа станувајќи и шеф на Комонвелтот). По тој повод се одржаа прослави низ сите овие земји. Подоцна низ Лондон се одржаа и редица настани со концерти, поморска парада долж Темза и слично. Овој момент ми остави впечаток како манифестација на грандизоноста и величенственоста на Обединетото Кралство, кое до пред сегашнава криза имаше една од најсилните економии во светот со бруто домашен производ по човек од 46.000 американски долари и стапка на сиромаштија од 12%. На локално ниво, пак, слично, ние си прославивме мини дијамантски јубилеј – шест години од втронисувањето на една политичка структура и машинерија, која по повод тој јубилеј, најави комплетирање на еден, исто така, грандиозен и раскошен проект, составен од бронза, камен, мермер, лукративни згради и илуминирани едифиции. Така, сега и ние како кралицата Елизабета II почнавме да се чувствуваме како жители на велелепно барокно царство, кое до пред кризата беше една од најслабите економии во светот и во текот на кризата стана уште послабо. Според тоа, 2012 ќе ја одбележи крахот на една надувана, кршлива и фасадна економска политика: економијата ќе заврши со нула, невработеноста ќе остане околу 32%, сиромаштијата нема да се симне под 27%, странските директни инвестиции на минимум, година кога сиромашните станаа уште посиромашни, а богатите уште побогати. Сето тоа зачинето со повисоки цени за струја, парно, леб, масло, шеќер, бензин и се` друго.



Прашав  минатата година – ќе прашам и оваа година: има ли таа економска политика контратежа – нешто што ќе рече: пловиме во лоши води, но еве сосем нов концепт на економска политика кој навистина ќе ни донесе подобар живот? Всушност, да не заборавиме дека поминавме низ едно работно лето. Какво-такво, тоа веројатно придонесе бруто домашниот производ да биде 0%, наместо -0.5%. Затоа, оние првите треба да бидат благодарни. Економијата ќе отидеше по-вода, ако не беше работното лето. Ефектите од работното лето може да се видат во неодамнешните мерења на рејтингот. Наместо невизионерството за нов и свеж економски концепт, видовме концепт во којшто главната порака е дека ние сме силни да го блокираме донесувањето на буџетот, па ќе треба да преминете на времено финансирање. Исти мерки како вашите. Па, зарем дотука е досегот на визијата за оваа земја? И, тоа ви е како девојка која е кул во текот на денот, стаклена девојка која знае да ужива во слободата на шолја кафе, но девојка која станува жешка кога доаѓа ноќта.... А, наспроти неа е момче кое е исто така кул во текот на денот, момче кое го пие кафето на екс пред да се излади, но момче кое `пука` од `вруќина` кога ќе дојде ноќта. Погодувате??? Гангнам стајл!!! Па, ние во 2012 си живеевме во гангнам економски стајл. Тоа според мене е настан број еден кој ја одбележа годината. Ние фрламе пари за Скопје 2014 – вие фрлате пари за работно лето; ние креиравме буџет со поголеми пензии – вие го блокиравте неговото донесување во Собрание; ние земаме нов кредит – вие тоа го блокирате во Собрание – ние се закануваме дека ќе издадеме еврообврзница со висока камата... Гангнам македонски стајл. Без крај.

Гангнам стајл ме доведува до вториот важен момент којшто на глобално ниво ја одбележува 2012 година. Додека едно утро во октомври го пиев утринското кафе, ме `стрефи` веста дека 21.12.2012 ќе биде крајот на светот. Древните Маи имале свој календар поделен на т.н. бактуни, и последниот бактун завршувал на 21 декември оваа година. Се дискутираат разни закани кои може да се случат на овој ден: од поларен пресврт на Земјата, глобален крах на компјутерскиот систем, климатска катастрофа или општа катаклизма. На некои ток-шоуа се предвидува дури и второто Христово доаѓање. Некои, во паника, тргнаа да купуваат храна, или да градат барикади околу своите домови, или да позајмуваат знаејќи дека долгот нема да го вратат. Овие фанатици се впуштија во екстремно економско однесување, ставајќи се и себе си и другите во опасност.

Па, што се чудите бре луѓе? Ете зошто ние сме тргнале во ваква еуфорија на надворешни задолжувања. Одговорот е дека се ближи крајот на светот и ние, всушност, нема да ги отплатиме тие долгови. Оваа тема до таа мера ја загреа економската дебата што дури и некои птички кои пееја славопојки додека беа во прегратките на премиерот, сега почнаа да лицитираат со бројки... па, кој попрв ќе каже поголема бројка, па, кој попрв тоа ќе го демантира... Овие птички, всушност,сега станаа енгри брдс, и тоа од оние што несат јајца-гранати. И, тие, како и оние од работното лето, не гледаат ли дека премиерот топ не го бие, а не една кревка граната? Си тера тој како што си замислил, оти нели доаѓа крај на светот, а овие тоа не го сфатиле. Кутрите тие. Пак ќе речам, воскреснувањето и новиот свет после катаклизмата може да дојде само со нов и свеж, досега нечуен, економски концепт, а не со муабети рекла-казала, собраниски блокади, подметнувања ...

Како што забележавте, ниту овој декември не пишував за некои големи економски имиња, како Кругман, нобеловците Рот и Шепли, за слетувањето на Кјуриозити на Марс ... Пак овој декември избрав да пишувам за релаксирани теми кои ја обележаа годината што заминува – Гангнам стајл, енгри брдс и крајот на светот - оти празници се ближат. Повеќе сериозни економски четива, од јануари на истиве овие страници. Повесела и побериќетна 2013 на сите читатели!

(Авторот е економски истражувач.)

Comments

  1. Interesen tekst, samo ne se soglasuvam za gangnam stilot, t.e. deka blokiranjeto na budzetot e los poteg. Mozebi pokazuva deka se isti, vo nekoi raboti, vlasta i opozicijata, no samoto blokiranje na budzetot e dobar politicki poteg, bidejki samo taka moze da se srusi ovaa vlast, a toa vo ovoj moment e najvazno.

    Tocno deka mora da se razmisluva i na toa sto ponatamu, i deka tuka pocnuva tazniot del za narodot, zatoa sto opozicijata stvarno se cini nema ohrabruvacki plan i vizija. No toa vo momentov, sepak, e na vtoro mesto.

    Zatoa, jas bi kazal deka godinava zavrsuva so iskra koja vetuva plamen, so trunka nadez deka konecno ke dojde do promena.
    b.

    ReplyDelete

Post a Comment

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер