Совршена бура (Економија и Бизнис, Февруари 2013)


Во септември 2003 година, Стив Кандаријан, шефот на Корпорацијата за гарантирање на пензиските бенефиции (квази-владина агенција која осигурува приватни пензиски планови на фирмите во Америка врз основа на дефинирана корисност), пред Конгресната комисија кажа дека дефицитот на Агенцијата се стопи на 5,7 милјарди долари до јули и предупреди дека даночните обврзници ќе мора да ја спасат агенцијата во случај на пропаѓање.

Иако Кандаријан ја опиша жалната состојбата на американскиот пензиски систем како "совршена бура" од ниски каматни стапки, слаба глобална економија, и пукнат меур на технологијата (т.н. dot-bomb), критичарите возвратија дека пензискиот јаз е всушност резултат од системски проблеми. „Тоа може да биде совршена бура“, забележа еден службеник во администрацијата на Буш, „но, што, по ѓаволите, правел нашиот пензиски систем со кренато сидро во средината на океанот?“

Од почетокот на пазарната економија, земјите од Централна и Југоисточна Eвропа извршија структурни реформи на нивните пензиски системи. Повеќето од нив воведоа Чилеански тип на задолжителен, приватно-менаџиран пензиски систем (т.н. двостолбен пензиски систем). Со оглед на тоа дека претходниот пензиски систем беше базиран на финансирање на тековните пензии од тековната генерација вработени, ваквата реформа подразбираше намалување на државниот пензиски столб и делумна замена со приватно-менаџирани индивидуални штедни сметки. Истовремено, и првиот столб (односно државниот столб) беше реформиран со промена на некои клучни параметри на пензиската шема (на пример, промена на староста за пензионирање, промена на квалификацискиот период за добивање пензија, и транзиција од индексација на плати кон индексација на цени).



Сепак, ваквата реформа, освен некои бенефити (главно за помладата популација), донесе и неколку загрижувачки аспекти на пензиското финансирање. Имено, скоро сите земји од Централна и Југоисточна Европа се карактеризираат со висок однос пензија-БДП, што главно се припишува на високите и растечки т.н. стапки на издржување – над 50% - коишто укажуваат дека скоро двајца вработени поддржуваат  еден пензионер. Придонесите од осигурените работници и од работодавците претставуваат главен извор на приход за финансирање на пензиските издатоци. Но, неодамна, доходот од придонеси значително се намали во пресрет на растечките трошоци на пензискиот систем во многу земји. За илустрација, намалувањето на покривањето на пензиските расходи со пензиските приходи помеѓу 2007 и 2009 (податок од Светската Организација на Трудот) се движи од 61% на 57% во Хрватска, до пад од 103% на 89% во Чешка. Во периодот помеѓу 2008 и 2012 година, процентот на покривање на пензиските расходи со приходите од пензиски придонеси во Македонија опаднал од 77% на 67% (податок од Министерството за финансии, види табела), што е пад од цели десет процентни поени и приближно еден процент од БДП. Како и секаде, па и кај нас, ваквиот пензиски дефицит е финансиран од директни дотации од државниот буџет. Секако, ваквата позиција придонесе и за тоа владата да не опстои на своето ветување од 2008 година и да не може да го намали придонесот за пензиско осигурување на иницијално ветената позиција.


2008
2009
2010
2011
2012
2013*
Приходи на ФПИОМ (милиони денари)
25,586
26,281
26,137
26,890
27,386
27,797
Расходи на ФПИОМ (милиони денари)
33,366
36,455
37,614
39,234
40,840
44,107
Покриеност
77%
72%
69%
69%
67%
63%
% од БДП
1.9%
2.5%
2.6%
2.7%
2.8%
3.3%
* 2013 е проекција на авторот со параметрите од 2012 година и предвидено 5% зголемување на пензиите. Другите податоци од Министерство за финансии.

Оттука, се чини дека, денес, еден од проблемите за којшто не се зборува многу, а којшто има моќ да ја разори одржливоста на финансирањето во третата доба, е тоа како да се намали пензискиот дефицит, или во најмала мера да се спречи неговото зголемување. Земјите во регионот на Централна и Југоисточна Европа презедоа различни мерки во таа насока. Некои земји предложија зголемување на старосната граница за пензионирање на 65 години за мажи до 2030 година и постепено изедначување на таа граница за жените. Други земји презедоа мерки за затегање на условите за рано пензионирање, како и мерки за промени во начинот на индексација на пензиите со порастот на платите или цените. Секако, постојат и екстремни примери, како Романија, кадешто на ваквата „криза“ во пензискиот систем се одговори со зголемување на стапките на пензиски придонес, или Унгарија, кадето вториот приватен столб беше повторно национализиран, како и случаи кадешто т.н. специјални пензии (на лица со бенефициран стаж) беа делумно или целосно скратени (односно овие лица беа реинтегрирани во општиот пензиски систем).

Општата слика за загрозувањена одржливоста на пензискиот систем, како што видовме погоре не ја одминува ниту Македонија. Зголемувањето на пензискиот дефицит за 1% од БДП за период од 5 години е загрижувачка тенденција. Сепак, и Македонија не беше имуна на бранот од мерки со кои се променија некои од параметрите за пресметка на пензијата, како што е заменската стапка. Но, се чини дека тоа не е доволно. Од друга страна, кратковидоста на владата е таа што во моментов е најголемиот штетник на пензискиот систем. Сигурно секој вработен се запрашал колкав дел од својот пензиски придонес го инвестира во бањско одмарање на пензионерите и зошто тоа бањско одмарање не ги таргетира работниците кои тоа го плаќаат. Секако, едноставно е да се заклучи дека пензионерите се пропулзивна група за изборните ветувања на политичарите, па бањско одмарање може да значи поголема поддршка на следните избори. Второ, во изборна година и растечки дефицит во првиот пензиски столб, владата одлучи да ги зголеми пензиите за 5%, тргнувајќи го од агендата решавањето на проблемот со одржливоста на пензиските финансии. Погорната табела покажува дека при услови на непроменети пензиски параметри, а при зголемување на пензиите за 5% во 2013 година, дупката во пензискиот буџет ќе се продлабочи за фрапантни 4 процентни поени или дополнителни 0,5% од бруто домашниот производ.

Секако, контратежа на ваквите збиднувања не се драконски, екстремни и непопулистички мерки (како оние во Романија или Унгарија), особено не во изборна година. Веќе стана вообичаено тоа да бидат краткорочни, адхок, очајни и палијативни мерки коишто еднократно може да закрпат некој процеп во пензискиот буџет, но во никој случај не можат да ја поправат сликата за одржливоста на пензиските финансии на долг рок. Една таква мерка е обидот да се продaдат сите преостанати хартии од  вредност во сопственост на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Втората поинтересна мерка е онаа со којашто обврските на фирмите по основа на камата на неплатени придонеси за пензиско осигурување се простуваат ако се исплати главницата, и тоа наводно се прави за зголемување на ликвидноста во економијата. Сериозно ли мислите дека тоа ќе ја подобри ликвидноста? Ако некој не плаќал, значи тие пари му останувале, па сега го терате да плаќа, што значи неговата ликвидност нема да се подобри, туку ќе се влоши. Секако, не е оправдан потегот да не се плаќа обврска кон државата, па се отвора и прашањето кој бил нејзиниот мотив да ги толерира ваквите неплаќачи. Но, тоа е прашање за друга колумна. Она што ваквата мерка овозможува е крпење на дупката (колку-толку) во пензискиот фонд, а на сметка на директно стимулирање морален хазард во економијата. Имено, ако некој редовно си ги измирувал своите обврски за пензиско осигурување, сега има полно право да рече – јас нема да ги плаќам своите обврски, бидејќи по 2-3 години владата ќе ми прости дел од тој долг, а можеби и целиот. Е, тоа е хазардерска економија. Тоа е Македонија.

Оттука, за среќа, ние сеуште не сме дошле во ситуација да не можеме целосно или делумно да ги исплатиме пензиите на пензионерите кои во моментов се на бањско одмарање. Но, во жаргонот на американската ситуација од почетокот на оваа колумна, ние се наоѓаме во еден вид „совршена бура“: економија што паѓа, тешкотии во надворешното задолжување и се` потенок државен буџет, но истовремено пензионери што си уживаат во топлите бањи со пополни џебови за најмалку 5%. Не сакам да верувам дека ќе дојде време кога, наместо да ликуваме дека во вакви лоши времиња нашиот пензиски брод наводно добро плови, ние ќе се запрашуваме што тој пензиски брод правел со кренато сидро на отворен океан.

Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер