Финегановото бдеење

Седум години биле потребни за Џејмс Џојс да го заврши своето капитално дело на модернистичката книжевност, „Улис“. Еднаш го запрашале зошто му требало толку многу време. „Веќе ги имам вистинските зборови“, одговорил тој. „Она за што сум во потрага е совршениот редослед на зборовите во речениците“.

Недоволните инвестиции во инфраструктура – несоодветните патишта, аеродроми, образовна, здравствена, енергетска, информатичка и истражувачко-развојна инфраструктура – се сметаат за пречка во развојот на една земја. Оттука, главната битка, и на секоја владејачка гарнитура, и на секоја опозициска гарнитура, е околу т.н. развојна компонента од буџетот, односно износот што од буџетот се издвојува за инфраструктурни проекти, или генерално кажано, за проекти од кои земјата ќе има среднорочна корисност. Ова е дилемата што ја имаше секој економист во Македонија во претходните седум години: во услови на недоволно развиена инфраструктура од секаков тип, долго време бевме заглавени во непродуктивни инвестиции, главно отсликани преку проектот Скопје 2014. Не навлегувајќи во културолошко-историското значење на овој проект, тој го обележа времето на светската економска криза во Македонија како проект заслужен за импозантните растови во секторот градежништвто, што пак стана белег на стратегијата за економски раст на владата. Секако, ваквите ефекти беа и се главно краткотрајни, бидејќи ваквата инвестиција не може да се смета за инфраструктура, со исклучок на маргиналното влијание во сферата на туризмот.

Беа потребни седум години фокусот на ваквата неразумна политика на државни инвестиции да се сврти кон попродуктивни вложувања и, се чини дека сега сме на прагот на извршувањето на  една обемна и мошне амбициозна програма за инвестиции со нагласена среднорочна корисност. Вистинското прашање што сега се поставува е зошто ваква инвестициска програма сега, а не пред седум години? Во оваа колумна не пледирам да дадам одговор на ова прашање, бидејќи не го знам, но ќе понудам неколку факти, без да целам кон исцрпност на темата.

Прво, Македонија располага со патна инфраструктура од околу 54 километри патишта на 100 километри квадратни површина, наспроти над 130 километри во ЕУ. Оваа бројка во последните години стагнирала, што упатува на исклучително ниските инвестиции во патишта. Секој читател ќе се присети барем на некој патен правец кој  е исклучително небезбеден, дали поради степенот на оштетување на асфалтот, лошата хоризонтална сигнализација, ризикот од одрони, дали поради недоволната ширина, дали поради неосветлените тунели и сл. Наспроти ова, имплицитното присуство на политиката за полицентричен регионален развој, чија манифестна форма е странските директни инвестиции да не се концентрираат во Скопје, подразбира странскиот инвеститор да може да има лесен пристап до својот пазар, односно едноставна и брза логистика за своите инпути и производи. Ако размислувавме за патишта пред седум години, не сметате ли дека привлекувањето на странските инвеститори воопшто, а особено во внатрешноста на Македонија ќе беше полесно?



Второ, Македонија инвестира околу 7% од својот производ во здравството, и околу 12% во образованието. Овие бројки во ЕУ се 10% и 23%, соодветно. Притоа, да не заборавиме, дека ЕУ е многу поблиску до својата т.н. рамнотежна состојба во овие сектори, што подразбира дека со текот на времето, како што секторите стануваат развиени, потребата од нови инвестиции во нив се намалува. Тоа имплицира дека Македонија треба да издвојува повеќе од износите што се издвојуваат во ЕУ, за да може да конвергира, или да ги развие овие сектори, на задоволително ниво во разумно време. Но, инвестициите во здравството исто така почнаа дури во последно време, претпоставувам затоа што непродуктивните инвестиции претходно го јадеа просторот за нови апарати во здравството, обуки за докторите, трансфер на здравствен ноу-хау и слично. За мој вкус, вистинските инвестиции во образованието треба допрва да почнат. Досега, она што се акцентира како инвестиции во образованието се главно инвестиции за подобрување на пристапот до, но не и квалитетот на, образовните услуги, што се покажа како лоша политика. Особено во високото образование, системот на дисперзирано образование, во импровизирани услови и со виртуелни професори, ќе произведе кадар кој не поседува ниту елементрни вештини за соодветна интеграција на пазарот на труд, што ќе го ретардира растот на оваа економија во следните 20-30 години. Секако, да не заборавиме некои добри проекти, како на пример оној за превод на странски учебници, се разбира под претпоставка да може владата да ги натера наставниците да се откажат од авторските учебници кои имаа(т) третман на Библии; или проектот за стипендирање студенти на најдобрите светски универзитети.

Трето, но не и најмалку важно, се инвестициите во истражувачка и развојна дејност. Македонија одвојува околу 0.3% од својот производ за оваа намена, наспроти европскиот просек кој е околу 2-3%. И во оваа сфера инвестициите допрва треба да почнат. Не е доволна набавка на лаборатории, и тоа главно за јавните универзитети, иако и јавните и приватните се подеднакво одговорни за плаќање на јавните давачки. По мое мислење, поважно е анимирањето на научно-истражувачката заедница преку отворени повици за финансирање научно-истражувачки проекти, како и стимулации за искористување на истражувачко-развојниот потенцијал во рамки на приватниот сектор. Имено, нашата научно-истражувачка заедница, и онаа во јавниот и онаа во приватниот сектор, е главно препуштена на самата себе. Вистинската инвестиција во оваа сфера би била, на пример, формирање Агенција (или Фонд) за истражување и развој (и, одговорот на ова не е дека веќе се формирал Фонд за иновации, бидејќи тоа е нешто сосем друго), која ќе финансира научно-истражувачки проекти, кои, да речеме, биле поднесени во рамки на Хоризон 2020 и добиле над 70% од поените, но сепак не биле селектирани (бидејќи биле селектирани само оние кои добиле над 90%). Со ова, државата ќе избегне трошоци за евалуација на апликациите, и ќе го избегне проблемот на морален хазард, односно ситуацијата при поднесување апликација за финансирање проект, избран да биде најлошиот преглог проект, затоа што имал најсилно лоби.

Всушност, вистинското прашање не е зошто некои инфраструктурни (во најширока смисла на зборот) инвестиции почнуваат сега, а не пред седум години, туку зошто дел од нив не почнуваат ниту сега. Барем моето разбирање, како гласач, беше дека – во жаргонот на „Улис“ од почетокот на оваа колумна - сега ја имавме не само вистинската, туку и совршената програма неопходна за нивно постигнување. А, кога сме кај Џејмс Џојс, за „Финегановото бдеење“ - неговата последна творба - му требале, всушност, 17 години.


Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер