Идеја - петпари

Кога младиот Френк Винфред Вулворт бил продавач во една бакалница, тој се обидел да го убеди неговиот шеф да понудат распродажба за десет центи за да ги намалат залихите. Шефот се согласил, а идејата прераснала во голем успех. Ова го инспирирало Вулворт да отвори своја продавница со цени на артиклите од неколку центи. Бидејќи му бил потребен почетен капитал, тој прво се обратил кај својот шеф, со цел и тој да обезбеди удел во таа продвница. Шефот одбил. "Идејата е премногу ризична", му објаснил на Вулворт. "Нема доволно предмети што може да се продаваат за пет и десет центи." Вулворт продолжил без поддршка од неговиот шеф, и не само што станал успешен со својата прва „петпари“ продавница, туку подоцна прерасна и во сопственик на ланец од Вулворт продавници низ целата земја. Подоцна, неговиот поранешен шеф бил слушнат како забележува: "Колку што можам да дознаам, секој збор што му го кажав на Вулворт за да го спречам во неговата намера ме чини околу еден милион долари."

Деновиве се состави старо-новата влада, со пред себе амбициозна економска програма, но, за волја на вистината, и прилично пореалистична споредено со претходните програми. Иако економската програма се базира на два столба: странските фабрики и капиталните државни инвестиции, сепак вниманието ми го привлече едена реченица која има голем потенцијал, а која во моментов е сведена само на желба. Имено, владата верува дека во претстојниот период, растот ќе почне да се темели и на тоа што странските фабрики ќе почнат повеќе да се поврзуваат со домашните фирми. Иако, по мое убедување, ова нема да оди лесно, бидејќи главно успеавме да привлечеме фабрики во повисока технологија (така што технолошкиот јаз помеѓу нив и домашните фирми е значајно голем), сепак сметам дека оваа намера не треба така лесно да се отфрли. Меѓутоа, владата мора да се заземе тоа да го поттикне со конкретно врамена и дизајнирана политика. Оваа колумна уште еднаш ќе ја понуди една идеја која ја изнесов уште пред 3-4 години.

Основата на концептот за поврзување на странските и домашните фирми (а, секако и поголемо меѓусебно поврзување на домашните фирми) лежи во дефинирањето показател за домашна додадена вредност како сооднос помеѓу вредноста на суровините и репроматеријалите од домашно производство искористени во текот на годината и вкупните приходи на фирмата во истиот период. Колку повеќе една фирма користи суровини и репроматеријали од домашно производство, толку поголем ќе биде нејзиниот показател за домашна додадена вредност. Потоа, може да се дефинира праг (на пример, износ на показателот од 50%), над кој државата ќе понуди пакет стимулации: фискални и царински олеснувања, субвенционирање камати за инвестициски кредити (од домашни банки), поголеми олеснувања при вработување млади работници, зголемено искористување на можностите за промоција, финансирање на трошоци за промоција, со особен акцент на странски пазар (за домашни фирми), па се` до директни финансиски дотации во случаи на развивање нов производ, производна линија, навлегување во нов пазарен сегмент и сл.


Како ова ќе помогне за остварување на владината идеја за поголемо вмрежување на странските фирми со домашната економија?

Прво, ќе ги мотивира странските фабрики свои добавувачи да бараат на домашниот пазар, ако знаат дека тоа ќе им донесе бенефиции над оние кои веќе ги добиле за да дојдат да инвестираат во Македонија. Со тоа, додадената вредност на нивното производство ќе се зголеми, а со тоа дирекно се зголемува бруто домашниот производ (наспроти сегашната ситуација кога домашната додадена вредност кај странските фабрики се сведува на додадената работна рака, а се останато од увоз).

Второ, ќе поттикне процес на подигнување на технолошкото ниво кај домашните фирми кои ќе станат добавувачи на странските фирми. Имено, кога тие ќе увидат постабилна побарувачка за своите производи, тоа ќе го подобри нивниот финансиски потенцијал, па ќе почнат да инвестираат во нови производи и производни процеси, кои пополека ќе го затворат технолошкиот јаз меѓу нив и странската фабрика во Македонија. Значи, оваа ќе поттикне и иновација, а иновацијата е клучна за економскиот раст.

Трето, преку ваквата врска, домашните компании снабдувачи на странските фабрики ќе може полесно да се вклучат во глобалните трговски ланци и потенцијално да станат добавувач на фирмата-мајка на странската фабрика. Со тоа дополнително ќе ја зголемат својата пазарна вредност и својот извоз.

Четврто, овој концепт ќе поттикне домашни фирми да бараат свои добавувачи на домашниот пазар. Зошто прехранбена индустрија да увезува, шеќер, на пример? Ако таа се труди да најде шеќер на домашниот пазар, тогаш со тек на време тоа ќе поттикне производство на шеќерна репа, како и други култури кои некогаш се произвдувале на ова поднебје, а сега ги нема. Тоа ќе поттикне поголемо и подиверзифицирано земјоделско производство.

Петто, овој концепт дополнително ќе привлече странски фабрики во области кои не се таргетираат директно со сегашната владина стратегија, а кои може да бидат поважни за оваа фаза од развојот на нашата економија: прехранбена, млечна, конзервна, индустрија за пијалоци и други. Тие, меѓу другото, се повеќе трудоинтензивни индустрии, споредено со повисоко-технолошките фабрики, што е важно за побрзо и полесно вработување на големиот контингент невработена работна сила во Македонија.

Последно, но не и најмалку важно, е што со ваква програма ќе се намали увозот на производи кои може да се најдат дома или чие производство во домашната економија е возможно да се постигне во некој разумен рок. Тоа ќе влијае поволно врз трговскиот дефицит и ќе ја намали надворешната ранливост на економијата.

Оттука, концептот е повеќестран и може да има мултипликативни ефекти за економијата. Идеја – петпари. Владата не треба да очекува ова да се случи само од себе, бидејќи така ќе помине многу време. Наместо тоа, треба веднаш да се заложи за дизајн и имплементација на ваква програма, се додека идејата не ја искористил некој друг.


Авторот е економски истражувач .

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер