Неветено, а остварено


Пол Муни, ѕвездата на неколку големи филмови од триесетите, се стекна со актерска подлога на еврејската сцена. Во една претстава за инаетот на работодавцитепретставен преку еден стипса шеф, паузата меѓу чиновите траела ненормално долго. По шоуто, ја прашале ѕвездата за причината за доцнењето помеѓу двата чина.Муни објаснил дека кон крајот на првиот чин, ликот што го толкувал - страствен подбуцнувач - имал долг монолог, соочувајќи го шефот со низа срцепарателни противречности, завршувајќи со звучно барање да се подобрат условите на експлоатираните работници. Според сценариото, шефот требало да го одбие барањето со голем презир, и да го отпушти подбуцнувачот, и така да се заврши првиот чин. Ама,изведбата на Муни таа вечер билатака моќна и неговата евокација на неправедноста така инспиративна и допирлива, што актерот што го игралскржавиот шеф ентузијастички се согласил со барањата на работниците. Помеѓу чиновите, сценариото морало да се препишува, за да претставата продолжи во новиот фазон.

Во првите шест месеци од годината, пензискиот дефицит достигна фрапантни 40% од пензиските расходи, односно толкав износ од нив не може да се покрие со приходите од пензиските придонеси. Пред само неколку години, овој износ беше 20-25%. Трендот на постепено, но загрижувачко влошување на состојбата со јавните пензиски финансии почна уште пред нешто помалку од една деценија, кога системот се реформираше од едностолбен кон тростолбен, и кога помладата генерација работници започна да издвојува околу една третина од пензискиот придонес во задолжителниот приватен пензиски фонд. Но, ефектот од оваа реформа врз јавниот пензиски столб беше тогаш вкалкулиран и ризикот што таа реформа го носеше со себе, соодветно преземен од властите. Она што не беше вкалкулирано е дополнителниот притисок што врз пензискиот фонд го прави постојаното зголемување на пензиите, во услови кога економијата, и следствено на тоа општиот владин буџет, не растат во мера која ќе е доволна да осигура пораст на пензиите. Згора на тоа, владата прибегна кон великодушна шема за спонзорирање бањски и зимски туризам за пензионерите, бидејќи сфати дека тие се пропулзивна група која лесно може да се насочува во изборни денови.

Слична е и состојбата со здравствениот фонд, кадешто здравствените приходи се само 55% од здравствените расходи, односно високи 45% се покриваат со дотур од општиот буџет. За волја на вистината, соодносот на здравствените приходи и расходи не беше нешто подобар ниту пред неколку години. Но, во меѓувреме, наместо да се размислува за подобрување на состојбата на здравствената каса, се продолжи со реформи кои може дополнително да притискатаат врз нејзиното влошување; две поважни вакви реформи се намалувањето на здравствениот придонес пред кризата да удри со посилно темпо, и овозможувањето здравствено осигурување за сите невработени кои се пријавуваат во Агенцијата за вработување.

Ваквите состојби во пензискиот и здравствениот буџет, а со оглед дека нивните дефицити се покриваат од општиот буџет, следствено и состојбата во општиот буџет беше тема ставана под тепих подолго време. Според сценариото од почетокот на оваа колумна, присуството на овие состојби во буџетите требаше да се игнорира и понатаму, но тие се веројатно толку алармантни што извршија голем притисок врз носителите на политиките првиот ден после последниот изборен циклус. И, сега се наоѓаме во подолга пауза после изборниот чин, во којшто се работи на промена на концептот на фискалната политика, бидејќи тој концепт не беше ниту ветен, ниту спомнат во предизборието.



Прво, границата за ДДВ обврзници, по критериумот на годишен промет се преполови од 32 илјади на 16 илјади евра, со тоа директно удирајќи врз работењето и опстанокот на малите и претежно фамилијарните бизниси. Второ, добивката која се задржува, не се дели за дивиденда, но ниту се инвестира, повторно ќе се оданочува. Трето, што предизвика најмногу реакции, е оптоварувањето на авторските и договорите на дело со пензиски и здравствен придонес, покрај со персонален данок. Последното се направи под изговор да се стимулира вработување на работниците кои досега биле ангажирани со договор на дело, односно оние кои имале несигурно вработување и така да се стимулира вработеноста.

Ако носителите на политиките вистина веруваат во ова, тогаш се на сосем погрешен пат да влијаат врз намалување на невработеноста. Но, ми се чини дека зад ваквата флоскула се крие потребата да се крпат пензискиот и здравствениот буџет. Еве зошто. Авторските и договорите на дело се главно повремени договори. Онаму кадешто договорите на дело се редовни договори – тоа е главно во јавната администрација! Ако договорот е повремен, тогаш неговото оптоварување со придонеси нема да поттикне вработување, бидејќи потребата од конкретната услуга/труд не е постојана. Ако земеме дека тоа се категорија работници кои повремено изведуваат некоја работа, како и тоа дека работодавецот нема да го поднесе товарот на придонесите, произлегува дека со ова решение ќе се намали нето износот што работникот ќе го добива. Во поголем дел тоа ќе влијае врз неговата потрошувачка и стандард, односно тој директно се турка подолу на скалата на доходот, и потенцијално во сиромаштија. Во помал дел, решението ќе стимулира некои работници да не прифаќаат работа, бидејќи, во нето износ трудот станал поефтин, па ќе си се пријават за социјална помош и ќе го оптоварат буџетот, наместо да придонесат за него. Оттука, да го правите ова за да зголемувате пензии и испраќате пензионери на бања, а од друга страна да втурнувате една категорија граѓани во сиромаштија и ранливост, мене ми изгледа сосем неразумно.

Претставата ќе продолжи во новиот фазон, но сега сценариото треба да се корегира. Ми се чини дека нема да биде доволно овие тектонски промени во фискалното оптоварување да се пишат во онаа категорија „неветено, а остварено!“.


Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер