Уџи слободно

Вообичаено, декември е месец кога правиме пресек на сработеното и постигнатото во годината што изминува. И јас во декемвриската колумна си го поставувам прашањето, по што ќе ја запаметам 2014 година. Се сеќавате дека лани напишав дека 2013 ќе ја запамтам по Ѓокица кој делеше ситни пари во прајм тајм, како и по баба Рада, која немајќи ниту ситни пари, се расфрлаше со билки во некој офсајд термин? Сакал или не сакал, и оваа година ќе ја паметам по овие два лика.

Ѓокица го нема повеќе да се расфрла со ситни пари. Aко парите ги немаш, а сакаш со нив да се расфрлаш, ќе дојде денот кога ќе треба тие пари да си ги прибереш назад. Како што при расфрлањето правиш сите да те сакаат, кога ќе се обидеш да си ги прибереш, сите ќе почнат, еден по еден, да те отсакуваат. Особено ако сакаш да прибереш од едни, а други ги издвоиш како привилегирани.

Годинава ќе остане запаметена по крахот на една доктрина која во претходните осум години ни беше продавана како најефективната економска политика: рамниот и нискиот данок. Се` почна на крајот од 2006 година, кога прогресивното оданочување го заменивме со рамни и ниски даноци. Потоа се проамбициравме да ги намалиме и социјалните придонеси. Ама, тоа влезе во категоријата ветено, а неостварено, бидејќи во таа намера успеавме само делумно и незначително: намалувањето на придонесите сопре таман почна. Да не заборавиме дека во меѓувреме зголемувавме и пензии и ги испраќавме пензионерите на бања, за да ги орасположиме пред гласачките денови. Осум години подоцна се соочуваме со растечки дефицити во буџетите на фондот за пензиско и фондот за здравстено осигурување. Многу едноставно, приходите во овие два фонда се намалуваат по основ на намалени придонеси, а расходите растат, особено во првиот, без притоа да има некоја здраворазумска и економски оправдана причина. И, тоа не` доведе до потребата да правиме тектонска промена во даночниот систем: да оданочуваме со придонеси за социјално осигурување и хонорарни договори на нефункционери, притоа рушејќи ја институцијата работен однос и длабоко задирајќи во праведноста на системот.

Од друга страна, јазот меѓу сиромашните и богатите продолжува да расте. Да, во 2014 година економијата порасна за близу 4%. Ќе продолжи и можеби со позасилено темпо да расте во 2015 година. И, слушаме, растот не бил реален, се должел на формализација на сива економија, па на административни финти, па се` до тоа дека ДЗС го фингира растот. Чисти глупости. Растот е сосем реален. Има фабрики кои странци ги подигаат во нашата економија, а државата го форсира градежништвото и, фала Богу, почна да гради и здраворазумски работи, особено во патната инфраструктура. Значи, дебатата дека растот бил ваков-таков, само не реален, е безделничарско трошење време и млатење празна слама. Клучното и побитно прашање е дали растот е добро распореден низ општествените слоеви, односно дали од него корист има поголем дел од населението? Одговорот е недвосислен: Не, нема.  Затоа сиромаштијата не се намалува, дури и расте за најранливите категории (како домаќинства со 3 и повеќе деца). Дали доходниот јаз се намалува? Не, тој расте. Значи, годинава ќе ја запаметам по тоа што во делот на адресирање на социјалните диспаритети отидовме на патека од која тешко може да се вратиме назад, како и по трулата дебата за висината или `точноста` на растот, наместо за неговото распоредување.



Да биде проклетието поголемо, дојде оваа законска промена со придонесите. Економска бомба. Не само за граѓаните, туку и за самата влада. Таа сега се соочува со растечко незадоволство, какво што, за мој вкус, не сум видел од 2006 наваму. Значи, грото од тие хонорарци се луѓе кои не можат да најдат соодветно вработување, кубурат да им капне некоја паричка од ваму или од таму. Кога сега ќе им `удрат` и придонеси, тогаш нивниот животен стандард уште повеќе ќе трпи. Значи, идната година ќе видиме пораст на сиромаштијата и понатамошно зголемување на социјалниот јаз, што сето може да се преточи во социјална бомба.

Баба Рада, пак, трудољубиво работеше со своите билки цела година. Дури издаде и книга. Таа и нејзиниот пријател најавија пред летото дека ќе се повлечат од малите екрани, ама по летото се појавија повторно. Со нова емисија. Не сум ја гледал емисијата, ама се` ми се чини дека и тие зборуваат за некаква си бомба. Политичка бомба. Не знам точно што е, ама се чини и таа е бомба и за граѓаните, и за самата влада. Сите се загнале да дискутираат за тоа. Наместо да дискутираат за овие растечки проблеми кои толку се навлезени во секојдневието на секој граѓанин... Еве, дури и јас самиот зедов да дискутирам за тоа, ама барем прво кажав дека имаме поважни проблеми за решавање, кои не само што не ги решаваме, туку и ги продлабочуваме. Баборадовиот двоец си се занимава со бомбата. За нив проблемите од типот на немаштија, нееднаквост, невработеност, социјална исклученост... не се блиски. За тие проблеми, таму дискусија нема. За решенија да не зборувам. Нема позитивна енергија, идеи, нови концепти, ако сакате, нема нова идеолошка матрица на размислување. Е, па, затоа и не е чудно што Ѓокица си прави што си сака, и кога ги повикува еднаш веќе да кажат што е таа пуста бомба, тие, во стилот на Лепа Брена, му велат:

„Уџи слободно, види дали дишем.“

Среќна Нова 2015 и бериќетни Божиќни празници на сите читатели!



Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер