Инвестиции, образование, емиграција, редистрибуција

И покрај надолниот тренд на вкупната невработеност што странските фабрики и државно-индуцираната градежна активност го извршија врз стаката на невработеност – сведувајќи ја во последниот квартал од 2014 на 27.6%, невработеноста на младите останува висока. Во четвртиот квартал од 2014 таа изнесува 50.4%, без очигледна тенденција за нејзино намалување. Оваа стапка е и квантитативен показател за `задушените` можности за младите и нивниот сон, но не и реалност за подобар живот.
Четири тенденции во нашето општество се главни детерминанти на оваа младешка стапка на невработеност, или попрецизно кажано, на нејзината перзистентност околу или над 50%: странските директни инвестиции, образованието, емиграцијата и редистрибуцијата.

Гигантски напори се вложуваат за привлекување на странските инвеститори и, иако тој процес не оди подмачкано, некакви резултати се наѕираат. Економистите знаат дека тие фабрики плаќаат плати околу или нешто повеќе од минималната за просечниот работник, но добрите економисти знаат дека во оваа фаза од развојот тоа не може ни да биде поинаку. Илузија е дека нашата работна сила е високо квалификувана: напротив, повеќето работници се квалификувани само за мануелна рутинска работа, а не и за високософистицирани задачи што бараат специфични работни вештини. Иако во очајна состојба на висока невработеност веројатно било која влада ќе речеше „дај што ќе дадеш“ во смисла на видот и големината на странски фабрики што влегуваат во економијата, сепак Македонија ќе искористеше од поструктуирано привлекување инвестиции, особено во сектори кои може да вработат мануелна работна сила, како прехранбената индустрија. Наместо тоа, се отиде на максимата дека фабрики од автомобилскиот сектор не само што ќе отворат нови работни места, туку ќе ја поместат технолошката граница на Македонија. Тоа и не е така лошо ако фазите од развојот се одвиваат редоследно без прескокнување. Како е ова поврзано со младите? Ако странските фабрики се пософистицирани и релативно автоматизирани, тогаш првото ја намалува потребата за мануелни рутински работници, а второто ја намалува потребата од работници воопшто. Ако младите може да се идентификуваат со овие ориентири, тогаш странските фабрики всушност не пружаат толку можности за нив колку што на прв поглед се чини. Впрочем, дека ова е така, неодамна слушнавме и во еден спот на еден странски инвеститор.

Еден добар дел од вината за оваа состојба, всушност, лежи во образованиот процес. Оној образовен систем што го наследивме од поранешна Југославија главно беше базиран на апстрактно-теоретски знаења, особено во областа на општествените науки. Во средното образование фокусот врз стручните школи беше ставен многу доцна, додека во високото образование останува апстрактно-теоретскиот пристап, со исклучок на малку универзитети чии курикулуми се изградени по интернационални стандарди и од наставници кои своето образование го стекнале на западните универзитети. Дека ова е сеуште така говори и самиот факт што не бидуваше поинаку, па мораше владата да наметне законска обврска голем процент од програмите да треба да ги отсликуваат западните програми, наместо тоа да го направат самите универзитети. Таквата поставеност направи многу млади лица кои од образование преминуваат на пазарот на труд да сфатат дека она што дотогаш го учеле е скоро неупотребливо и нема никаков допир со реалноста, правејќи го периодот на нивна невработеност по студиите релативно долг. Компаниите и реалниот сектор бараат вештини, а не теоретски апстракции. Ваквиот пристап, всушност, доживеа владино-поддржана инфлација под мотото `знаењето е сила, знаењето е моќ`, за набргу и самата влада да сфати дека тоа не води никаде и да го смени пристапот во тоа дека `знаењето е најдобрата инвестиција`. Барем лично, и веројатно субјективно, првото го поврзувам со овие теоретски апстракции испорачани од комбинирани паралелки во дисперзирани remote факултети, а второто со нешто што повеќе наликува на вештини и за што пазарот на труд има реална потреба. Но, резултатите од оваа потенцијална промена за стапката на невработеност на младите ќе може да се видат дури на среден рок.


Емиграцијата е веројатно најжестоко дебатираната детеринанта на младешката невработеност. Се аргументира дека поради незадоволството од патеката на развој и општествените тенденции дома, младите се одлучуваат да си ја побараат среќата во странство. Сите во окружувањето знаеме за вакви примери, но агрегатен показател дека тоа е навистина така – нема. За волја на вистината, во последните години и можностите за патување на младите, преку користење разни стипендии за студирање надвор, преку инволвирање во програмите за студентска размена и сл. се зголемија, па следствено и емиграцијата може да е поголема. Ако не заборавиме дека емиграција имало отсекогаш, тоа и не е така лошо. Земјата прима минимум 500 милиони долари годишно дознаки од дијаспората. Но, клучната грешка е што земјата не прави ништо, не за да ги задржи младите да не одат, туку да ги врати оние кои отишле надвор, го виделе белиот свет и хоризонтите и дијапазонот на човечкиот ум, и кои стекнале поинакви вештини, култура, однесување. Нека се врати дел од нив, со тоа што владата ќе им понуди раководни места во јавната администрација или ќе субвенционира раководни работни места за нив во приватниот сектор. Нека го пренесат тие своето знаење и вештини, и тоа веројатно ќе креира и повеќе можности за вработување на младите кои останале тука.

Конечно, редистрибуцијата, која останува да биде флагрантен проблем и на светско ниво. Уште од 1990-тите, доходната нееднаквост во Македонија перманентно се влошува, за своја кулминација да доживее во последните неколку години. Не станува збор за тоа дали треба повеќе да се зафаќа од една група и да се доделува на друга група, туку за тоа колкав дел од зафатениот доход од страна на државата се канализира кон адресирање на проблемите на младите. Впечатокот е дека тоа е многу малку. Дури во последниве 2-3 години сме сведоци на артикулирање и промовирање мерки кои директно влијаат врз вработувањето на младите, преку субвенционирање на нивното прво вработување. Но, зошто тоа не се направи многу порано, во 2006, на пример, а веројатно и во 1990-тите? Второ, редистрибуцијата кон младите не треба да се сведе на една мерка, која споредена со износот кој се троши на пасивни социјални мерки – социјалните помошти – е само капка во море.

Оттука, справувањето со младешката невработеност не бара само поагресивен пристап, туку и структуиран пристап, од кој поголеми резултати може да се очекуваат само на долги патеки. Ваков пристап треба допрва да креираме и да бидеме истрајни во неговата имплементација.


Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер