Прогресивен данок

Во сред политичка криза, тек-тук провејуваат некои идеи за враќање кон прогресивното оданочување, односно оптоварување на побогатите слоеви со повисока стапка на персонален данок од доход. Генезата на ваквата идеја лежи во фактот што Македонија се соочува со флагрантна нееднаквост во распределбата на доходот: најбогатите 10% од населението зафаќаат повеќе од една третина од вкупниот доход, додека најсиромашните 10% само 2% од доходот. Во прилог на тоа оди и тезата дека и покрај тоа што во последниве години Македонија генерира одредена стапка на економски раст, намалувањето на сиромаштијата е тешко и бавно, што укажува дека поголем дел од тој раст оди кај побогатите слоеви.

Зошто прогресивното оданочување нема да ја поправи оваа слика, или нема да ја поправи значително? Зошто не треба да се враќаме кон прогресивното оданочување? Еве неколку размислувања.

Прво, литературата е согласна дека повисок данок за богатите ќе ги направи помалку богати, но не е согласна дека тоа ќе доведе до тоа сиромашните да станат помалку сиромашни. Ваквото тврдење е сврзано со ефикасноста во трансферната функција на буџетот, според која она што е собрано од богатите, низ одредени мерки и програми треба да се канализира до сиромашните. Такви примери би биле социјалната помош, условените парични трансфери, активните политики за преквалификација и доквалификација, грантовите за самовработување и слично. Но, за тоа нема гаранција. Всушност, нашите претходни искуства покажаа дека повеќето вишоци во буџетот се трошеа на програми и активности кои не неопходно се сврзани со сиромашните. Еден пример е кога во годините пред кризата буџетот беше во одлична кондиција и приходите беа често натфрлани. Со вишокот средства владата одлучи да ја изгради арената Филип втори.

Второ, токму кризата ја наметна појавата на релативно новата литература за интергенерациска социјална мобилност. Таа укажува дека наместо преку прераспределба, излегувањето од сиромаштија треба да се адресира преку други политики и мерки, кои главно ќе создадат предуслови уште од раното детство и школската возраст, дете кое се родило во сиромашно семејство да има поголема веројатност од своите родители, кога ќе порасне да не живее во сиромаштија. Тука влегува лепеза од фамилијарни политики (на пример, можност за неплатени отсуства на двата родитела со деца до шестгодишна возраст), свесност за претшколско образование и воспитување и достапност до градинки, образовните политики кои ставаат акцент на квалитет наместо на квантитет на образованието, политики за талентирани ученици и сл. Дури и во подоцнежна фаза, излегувањето од сиромаштија може да се поттикне преку одредени социјални мерки, како условените парични трансфери и политиката на исплатливост на работата, кои добивањето социјална помош го врзуваат за одреден општествено важен исход (како, на пример, одење во училиште, или примање вакцина), наместо да доделуваат незаработен (и често помешан со пристоен) доход.



Трето, да не заборавиме дека општество со идеална распределба нема. Социјалистичките општества или капиталистичките општества со силни елементи на социјална држава имаат порамномерна распределба на доходот, но не и идеална во која секој граѓанин би добивал еднаков дел од доходот. Тоа е така бидејќи колку доход остварува еден поединец зависи од неговата продуктивност, детерминирана од видливи карактеристики (како образованието) и невидливи карактеристики (како способноста). Поголемата продуктувност на оние кои заработуваат повеќе не смее да биде умртвувана преку повисоки даноци. Притоа, важи и обратното дека ако најбогатите го стекнале своето богатство на начин во кој продуктивноста не играла важна улога, или воопшто не играла улога (еден пример е преку местени тендери за јавни набавки), тогаш повисоките даноци за нив нема да го решат проблемот на нееднаквоста воопшто.

Четврто, да не заборавиме и зошто сме вовеле алтернативна даночна политика, односно политика на рамен данок. Постојат нагаѓања и дека рамниот данок бил добар и дека тој не бил добар, односно дека не постигнал ништо. Колку што знам јас, соодветно истражување кое идентификува потенцијална каузална врска помеѓу рамниот данок и растот во Македонија нема. Без идентификација на таква каузална врска, ние не можеме да ја знаеме т.н. counterfactual состојба, односно колкав ќе беше растот (или распределбата) ако ги задржевме прогресивните даноци, без оглед што сега ни изгледа дека рамниот данок влијаел или не врз растот. Но, она што знаеме е дека рамниот данок го воведовме за да привлекуваме инвеститори. Ако тоа е неговата клучна употребна вредност, тогаш таа треба да се стави на вага со неговата потенцијална слаба страна, а тоа е влошувањето на распределбата на доходот. Ако добивката е пониска од штетата, тогаш може да се размислува за негова промена. И ваква анализа, ми се чини, не постои. Оттука, сите оценки се главно паушални.

Петто, но не и најмалку важно, е што прогресивното оданочување ги погодува елитите. А, елитите се доминантното јадро на раководните структури на политичките партии. Наметнувањето прогресивен данок ќе значи, всушност, дека тие сами себе се оданочуваат со повисоки стапки, односно сами себе се „казнуваат“. Да се потсетиме на една неодамнешна епизода – оданочувањето на хонорарните заработки со придонеси. Изземени од ова законоско решение беа функционерите, како и оние кои заработуваат над шест просечни месечни плати за износот над оваа граница. Под притисок на јавноста, овие две одредби беа тргнати. Но, втората од нив повторно беше вратена, со тоа што границата од шест се помести на дванаесет плати. Мене ова ми изгледа како вистинска манифестна форма на тој внатрешен притисок со кој ќе се соочи било која партија која ќе се обиде сама себе да се оданочи со повисоки стапки.

Оттука, причините против враќање кон прогресивното оданочување се повеќе, и од економска и од политичка природа. Главно, тешко остварлива е целта дека со прогресивен данок значајно ќе се сузбие доходната нееднаквост. Уште потешко е остварлива целта дека тој лесно може да биде воведен.


Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер