Грција и Европа

Претходниот месец Алексис Ципрас и Грчкиот парламент ги прифатија тешките услови за штедење и структурни реформи од тројката – Европската Комисија, Европската Централна Банка и Меѓунарониот Монетарен Фонд, конечно избегнувајќи банкротирање на земјата и излез од заедничката валута. Ваквиот пресврт беше, за прв пат и во голема мера, неочекуван, после референдумот од 5 јули на којшто мнозинството Грци се изјаснија против претпоследниот предлог на тројката којшто содржеше полабави услови од оние последните. Аргументите на противниците на останувањето на Грција во Еврозоната одеа во насока на тоа дека излезот ќе биде болен и мачен, но средниот и долгиот рок ќе донесат за земјата посолидни фундаменти за побрз раст и побрзо враќање на меѓународната конкурентност на економијата. Вака, во Еврозоната, јасно е дека Грција ќе мора да спроведува т.н. внатрешна девалвација, која главно се сведува на намалување на платите на јавната администрација, рез на државните трошења, намалување на пензиите, кои треба да доведат до пад на платите во приватниот сектор. Со вака намалени трошоци, претпријатијата ќе треба да се изборат за повисока меѓународна конкурентност, во ситуација кога надворешната девалвација е исклучена како можност поради членство во монетарната зона.

Но, за Грција и нејзината економија се пишуваше долго. Особено во последно време беше автентична поддршката на Грекситот од страна на врвни нобеловци по економија. Оваа дебата стана заситена. Она што релативно помалку се дискутираше е поголемата слика: што се случува со растот на Еврозоната како целина и дали со ваквото нејнизо про-штедачко позиционирање кон Грција, таа може да го поттикне сопствениот раст и да помогне на периферните земји – Грција, Италија, Шпанија, Португалија и Ирска, да генерираат раст и работни места, како и побрзо да ги консолидираат своите јавни финансии.



Веќе некое време Еврозоната испорачува незадоволителни резултати, како во смисла на нејзиното агрегатно економско функционирање, така и во поглед на економските разлики помеѓу самите земји членки во неа. Ако се навратиме малку порано, на самиот почеток на Европската должничка криза во 2009 и почетокот на 2010 година, ќе забележиме дека Еврозоната имаше слична стапка на невработеност како и САД, околу 10%. Оттогаш, двете стапки се движеа главно дивергентно, за да денес стапката на невработеност во Еврозоната биде шест процентни поени повсока од онаа во САД. Дополнително, под притисок главно на двжењата на пазарите на труд во периферните економии, голем дел од агрегатната невработеност се состои од невработена армија млади лица, што може да биде погубно за долгорочните економски перспективи, ако вештините на овие млади еродираат во подолг временски период надвор од стабилно вработување.

Стапката на невработеност на Еврозоната покажа дивергентни движења и со онаа на Германија. Германија, столбот на Еврозоната, моментално има стапка на невработеност од околу 5% - главно слична со таа на САД – додека остатокот од Еврозоната има стапка од 13%! Генерално, разликите помеѓу стабилните северни економии на Еврозоната и кршливите јужни економии, во последните години станаа подлабоки. Ограничените можности за агрегатен раст и растечките внатрешни разлики, оттука, ќе бидат главната кочница за побрзо градење на довербата во носителите на политиките, што пак е важно за градење атмосфера што е важна за фискалната стабилизација и структурните реформи.

Ако дебатата околу Грчката економија – фискално штедење наспроти структурни реформи – ја подигнеме на Европско ниво, тогаш лесно може да се повлече паралела. Имено, една од главните причини за ваквите лоши перформанси на Еврозоната лежи токму во премногу стегнатиот фискален ремен кај земјите што располагаат со доволно фискален простор, првенствено Германија. Структурните реформи се потребни, но потребата од нив постоеше и пред кризата, а на краток рок се помалку важни споредено со каузата за создавање нови работи места. Германија моментално има над 7% од БДП трговски суфицит, што имплицира дека главен мотор на нејзината економија остана надворешната побарувачка. Нејзините трговски партнери, особено оние во Еврозоната кои главно имаат трговски дефицити, мора да се потпрат на мерки на внатрешна девалвација, односно да ги намалат своите плати и други трошоци, за да постигнат меѓународна конкурентност. Така се враќаме на почетните тези од оваа колумна, кои се валидни за случајот на Грција. А, Германија, меѓу другото, постигнува толкав трговски дефицит и како резултат на слабото евро. Малкумина ќе веруваат дека ако Германија имаше своја валута (ако не беше дел од поширок монетарен сојуз) ќе водеше политика на ослабната валута, како што тоа е случај сега. Оттука, поголемо фискално трошење во Германија нема да биде на одмет, како за самата неа, така повеќе и за нејзините трговски партнери и партнери од евро-сојузот.

Оттука, состојбата со Грчката економија треба да се гледа само во контекст на состојбата со целокупниот Европски раст. Ако се проектира дека тој ќе биде послаб, тогаш треба и на Грчката економија да и се остави повеќе простор да „дише“. Секако, откако е јасно дека таа останува во Еврозоната и и` следи можеби и декада на трновити реформи и ограничен раст.


Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер