Економијата на Латинска Америка: Години без криза или кризата следи?

Во економска смисла, Латинска Америка потсетува на високи стапки на екстремна сиромаштија, голема доходна нееднаквост во општествата, неретко високи стапки на инфлација и депресирачки валути проследени со валутни кризи. Но, Латинска Америка помина низ Големата светска криза 2007-2011 многу подобро од САД и земјите од Западна Европа, кои се соочија со рецесии проследени со бавно закрепнување. 

Всушност, периодот пред почетокот на кризата и за време на кризата обележа значаен економски раст, како и подобрување во социјаната кохезија на континентот. Просечниот раст во периодот 2004-2008 изнесуваше 5.2%. После брзиот пад во 2009, растот повторно се искачи на 4.1% во периодот 2010-2013. Некои земји, како Уругвај, Панама и Перу, криза и не забележаа: тие имаа континуирани стапки на раст од над 6% за време на целиот период 2004-2013. Потоа, позитивните движења беа ненадејно прекинати во 2014, што меѓу другото беше одраз на меѓународни фактори значајни за латиноамериканските земји, пред се`, падот на цените на клучни стоки, кои се значајна компонента на извозот на голем дел од земјите на континентот.

Но, добрите перформанси кои латиноамериканските земји ги искусија во средината и крајот на 2000-тите, всушност отпочнаа порано. Голем дел од овие земји имаа ниски и консолидирани буџетски дефицити уште во 1990-тите, проследени со солидна и доволно-широка даночна основа, која овозможи издашно финансирање на буџетите. Добрите буџетски приходи беа потоа насочувани кон финансирање на социјалните програми, кои, секако, имаа за цел да го извлечат регионот од високите стапки на сиромаштија, и особено да ги подигнат луѓето кои живееја со помалку од 1,25 долар на ден. Во 90-тите, и стапката на инфлација се намали на едноцифрено ниво, од три- па и четирицифрените нивоа во текот на 80-тите.

Периодот пред кризата го обележа и значајното намалување на надворешниот долг, во релативна смисла, а девизните резерви пораснаа. Благодарение на суфицитите на тековната сметка, надворешниот долг без девизните резерви се намали петкратно, така што регионот влезе во кризата со многу ниски нивоа на надворешен долг, овозможувајќи и повеќе од доволен простор за фискана и монетарна експанзија. Кога кризата удри во 2007-08 година, повеќето од централните банки во регионот ги намалија каматните стапки, а владите го зголемија фискалното трошење. Дополнително, земјите си го олеснија пристапот до ново финансирање, во смисла на намалување на цената на позајмувањето. Ваква поставеност на монетарната и фискалната политика, во многу земји од регонот, претходно беше незамислива.

Она што е најмаркантен напредок на латиноамериканските земји е, всушност, социјалниот напредок: намалувањето на сиромаштијата, подобрувањето на т.н. човеков развој, се`општото подобрување на состојбата на пазарите на труд и промената на трендот на доходната дистрибуција. За период од една деценија, невработеноста се преполови: од 11.3% во 2003, на 6.2% во 2013. Стапките на доходната нееднаквост, првенствено џини индексот, забележаа стагнација, па дури и опаѓање во некои земји, што е исто така значаен напредок, ако се имаат предвид историски растечките нееднаквости во овие земји. Сепак, нивото на доходните нееднаквости останува едно од највисоките во светот. Заедно со солидниот раст, овие трендови придонесоа стапките на сиромаштија да се намалат и да се зголеми средната класа. Во приодот 2003-2013, просечната стапка на сиромаштија во регионот се намали за маркантни 16 процентни поени. Во многу земји, како Уругвај, значителен напредок беше направен и во пристапот до и квалитетот на образовните и здравствените услуги, што придонесе многу од латиноамериканските земји да забележат значајно поместување кај индексот за човечки развој, како рефлексија на подобрените услови за живот и животен стандард.

Иако се чинеше дека регионот, и особено најголемата економија на континентот, Бразил, ја преброди кризата мошне добро, сепак позитивните движења беа прекинати во 2014, кога вкупната латиноамериканска економија се зголеми за само 1.1%, а за 2016 се предвидува и пад од 0.5%. Стапките на сиромаштија стагнираат на ниво од 2012, а веројатно истото се однесува и на доходната дистрибуција. Но, сепак, во рамки на континентот постојат регионални разлики. Неповолните движења во овој период се главно резултат на земјите од југот на континентот, пред се` големите Бразил и Аргентина, споредено со земјите на северот, како Мексико, кои испорачуваат значително подобри економски резултати. Трета група земји – извознички на нафта, како Венецуела, забележуваат значителни падови на нивните економии, поради ниските цени на нафтата на светскиот пазар.


Она што во моментот е светла точка за латиноамериканските економии е ниските нивоа на надворешен долг. Заедно со релативната макроекономска стабилност, тоа овозможува пристап со релативно ефтино надворешно задолжување. Од друга страна, владите и централните банки во голема мера го искористија просторот за контрациклична монетарна и фискална политика, што беше нивниот адут во првите години од ударот на кризата. Нова криза или неповолни движења во овие економии може да ги направи владите помалку респонзивни и со повеќе ограничен простор за делување. 

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер