Странските инвестиции се сепак добри за економијата

Во периодов на интензивни политички турбуленции се наметна и дебатата за корисноста од странските директни инвестиции (странските фабрики) кои инвестираа во земјава, главно во рамки на владината политика за привлекување странски инвестиции. Оваа политика беше воспоставена уште на крајот од 2006 година, а се базира на интензивни и повеќеслојни макетиншки активности за привлекување СДИ во технолошко-индустриски развојни зони, што главно подразбира серија даночни повластици и директни грантови за извозно-ориентирани фирми што ќе инвестираат во нив. Со сите свои маани, оваа дебата премина во преголемо, би рекол дури и неправедно оцрнување на странските фабрики во земјава. Еве ги моите аргументи зошто странските инвестиции се сепак добри за економијата.

Прво, пред воведувањето на оваа политика, во земјава скоро и да немаше странски инвеститор. Попрецизно кажано, она што како странски инвеститор дојде во земјата пред оваа политика беше главно низ процесот на приватизација, односно продажба на постојни фирми на странци. Меѓутоа т.н. гринфилд инвестиции беа минорни. Во тој период видовме дека домашниот бизнис сектор не може да отвори, или не може да отвори доволно брзо, работни места за да може да ја вработи невработената работна сила во Македонија. Понекогаш го разбирам и аргументот дека можеби немал соодветна поддршка од владата (најмногу во смисла на субвенционирање), меѓутоа добар економист не треба да избегнува да го процени капацитетот на домашните фирми да креираат нови работни места па дури и ако имал субвенционирање. Размислете за нивниот капацитет за наоѓање и пробивање на странски пазари, нивниот капацитет за иновирање, или во најмала рака за примена на напредни технолошки решенија од поразвиените економии во своите производни процеси. Па, не е и така мал процентот на домашни бизнисмени кои се плашат да трошат пари за маркетиншки цели, а да не зборувам за трошење за истражување и развој или за вештини да го продадат сопствениот производ на надворешен пазар. Но, целта не ми е да го нападнам домашните бизнис. Напротив, тој останува кучна алка за економскиот развој. Правилното дијагностицирање на состојбата во којашто се наоѓаат домашните фирми сметам дека е клучен чекор во дизајнирање владино-поддржана програма за помош кон нив и подигнување на нивниот продуктивен и технолошко-иновациски капацитет.

Второ, моменталната додадена вредност од СДИ во ТИРЗовите, во голема мера се сведува на платите што тие ги исплаќаат на вработените, што пак се сведува на разликата помеѓу нивниот извоз и увоз. Тоа е така бидејќи Владата одлучи да привлекува повисоко-технолошки фабрики, кои своите инпути тешко може да ги најдат на локалниот пазар. Да речеме дека тоа е легитимна, иако не оптимална стратегија. Меѓутоа, фокусирањето само на краткиот рок, при оценката на ефектите од СДИ, е сосема погрешно. Долгорочните ефекти од странските фабрики може да бидат многу значајни за долгорочниот / потенцијалниот раст на оваа наша економија. Првенствено, СДИ носат нова технологија, која не мора да се сфати само како машини или производни процеси, туку и како нова организациска, менаџерска и лидерска култура и работна етика. Тоа ќе ја подобри продуктивноста на трудот и вкупната факторска продуктивност, со оглед дека тие се клучни чинители во растот на економијата. Потоа, СДИ веќе работат во насока на диверзификација на извозот. Знаеме од пред 6-7 години дека промените во цените на металите на светските берзи имаа силен одраз врз извозот, и следствено врз БДП, на земјава. Со извезувањето поразновидни и производи со повисока додадена вредност, зависноста на нашава економија од флуктуациите во цените и побарувачката кај одредни производи (како металите) ќе биде значително намалена.



Трето, преносните ефекти од СДИ врз целата економија дополнително се игнорираат во нашата јавна дебата. Првенствено, директната врска на тие СДИ со домашната економија е ако вработуваат локални работници, што и го прават. Втората директна врска е ако купуваат инпути произведени во домашната економија, што не го прават или го прават многу малку. Тоа е една клучна слабост на СДИ, но таа може да се подобрува. Поради технолошките разлики помеѓу странските и домашните фабрики, тие не можат лесно да воспостават линкови, ниту пак Владата го помага тој процес. Меѓутоа, свесноста за важноста на тоа `вкоренување` во домашната економија, во последно време, се зголеми. Со активно вклучување на Владата во помагање, па дури и субвенционирање на тој процес, може да се постигнат значајни резултати. Третата индиректна врска се платите. Моменталното ниво на плати е ниско и не е доволно за животниот стандард на вработените. Но, дали е тоа логично низ призма на економската теорија? Недвосмислено да. Ние имаме голема понуда на слободна работна сила, а недоволна побарувачка. Во такви услови, цената на трудот (платата) е ниска. Но, како може да се зголемува платата? Како ќе расте побаруваката за работници, и особено за работници со конкретна квалификација и работници кои ќе понудуваат повисоко ниво на продуктивност, при дадена понуда, така и платата ќе расте. Дали може странските фабрики да ја креираат таквата побарувачка и да поттикнат пораст на платата? Недвосмислено да. Четврт индиректен ефект е вклучувањето домашни фирми во меѓународните вериги во кои СДИ се веќе вклучени. Тоа е потенцијално отворање нови пазари за самите нив. Петти индиректен ефект се преносните ефекти од вложувањето на СДИ во истражување и развој, во технолошки иновации и сл. За почеток е доволно менаџерите и клучните вработени во СДИ да се дел од ваквите процеси на истражување, развој и иновации, бидејќи тие имаат и најголема пропулзивност да ја `дифузираат` таа технологија понатаму низ економијата. И, така натаму.

Со сите овие позитивни ефекти што СДИ ги имаат или треба да ги имаат врз економијата, ние сепак не знаеме колку пари како општество трошиме за нивно привлекување. Мојот став е дека тоа трошење може да биде оправдано, ама во моментов не знаеме колкаво е. Разбирлив ми е и ставот дека поединечните договори со странските фабрики не можат да се откријат поради деловна тајна. Ама, вкупниот износ што државава го троши за оваа намена, не може да биде деловна или државна тајна. Тоа како граѓани мора да го знаеме.

Значи, оцрнувањето на странските инвеститори треба да запре. Тие на Македонија и` се попотребни, отколку Македонија ним. Стратегијата за привлекување СДИ дефинитивно треба да остане клучен сегмент во нашиот економски модел, со недвосмислено модифицирање во три насоки. Прво, свртување кон привлекување фабрики кои може полесно да се поврзат со домашната економија и да генерираат повисока домашна додадена вредност; второ, отпочнување добро-осмислена програма која ќе го фацилитира процесот на поврзување на странските фабрики кои веќе се во земјава со домашните бизниси; и трето, целосно и недвосмислено обелоденување на направените трошоци за спроведување на оваа политика. На крајот, јавната дебата за ефектите од СДИ значајно ќе искористи од спроведување анализа на трошоци и користи, која ќе утврди дали првите ги надминуваат вторите или обратно. Јас сум и понатаму оптимист и немам дилема дека вкупните краткорочни и долгорочни користи се, во секој случај, повисоки од направените трошоци.

Авторот е економски истражувач.


Ако некој сепак инсистира дека економскиот модел за развој на Македонија не треба да се базира на СДИ, тогаш нека одговори кој е алтернативниот економски модел.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер