Економските предизвици на новата влада
Се наоѓаме во
предвечерјето на почетокот со работа на новата влада. Вообичаено, дебатата за
економските предизвици со кои таа ќе се соочи пополека се појавува и ќе се
интензивира кога владата ќе ја достави својата програма во собранието. Еве
неколку размислувања за тие економски предизвици.
На сосем краток
рок, предизвик е да се стабилизиаат економските очекувања. Во текот на двеипол
годишната политичка криза, граѓаните станаа разочарани, а домашниот бизнис
сектор ги замре своите активности. Потрошувачката на домаќинствата продолжи да
придонесува кон економскиот раст со несмален интензитет, главно поради новите
вработувања, порастот на пензиите, социјалната помош и порастот на
кредитирањето кон населението, но живоста кај луѓето исчезна. Во обичните
муабети, доминираа теми како „нема да не биде“, „да фаќаме џаде“ и слично.
Неликвидноста во домашниот бизнис сектор кулминираше, особено во последнава
половина година. Делумно веројатно поради забавената динамика на измирување на
обврските од страна на државата (податокот за достасани а неизмирени обврски го
чекаме од новиот министер за финансии во првите две недели од неговиот мандат),
а делумно и поради одбивноста да се преземаат позначајни потфати. Песимизмот се
гледа и преку статистиките за деловните тенденции, падовите кај индустриското
производство, а и преку негативниот раст на кредитирањето на фирмите. Но, ништо
не е толку лошо за да траe
вечно. Оптимизмот на економската сцена мора да се врати, а тоа е првата задача на
новата влада. Решавање на проблемот со неликвидноста, стабилизација на
политичкото, правното и институционалното окружување, откажување од реваншизам,
гледање нанапред наместо `углавување` во разни ревизии, демонстрирање еднаквост
во третманот и слични потези, би влијаеле за враќање на оптимизмот и постепено
стабилизирање на бизнис окружувањето. Граѓаните и фирмите мора да бидат убедени
дека во Македонија може пристојно да се живее и пристојно да се заработува и
води бизнис.
На краток рок,
предизвик се секако и јавните финансии, во поширока смисла на зборот. Јавниот
долг се доближи на опасната граница на одржливоста и тоа ќе треба некако да се
менаџира. Решението, секако, не е да се води рестриктивна фискална политика, на
што Македонија беше жртва еднаш во минатото (и, што, патем, помогна во
доаѓањето на власт на партијата која сега заминува во опозиција). Напротив,
новата влада ќе треба да води паметна фискална политика, во која нема да бидат
оштетени ниту граѓаните, ниту конкурентноста на економијата. Доколку тековните трошоци се усогласат со растот на
економијата, тогаш ќе остане доволен простор да се инвестира во инфраструктурни
приоритети за поддршка на среднорочниот раст. Ако сега ме прашате конкретно кои
се тие приоритети – не знам. Тоа е затоа што за приоритетите ниту некогаш конструктивно
разговаравме, ниту сум видел студија која ги пресметува фискалните
мултипликатори на различните инвестиции што (може да) ги прави државата.
Оттука, на краток рок потребно е новата влада да отпочне една ваква дебата,
која ќе биде најкорисно ако се врами во Фискален совет. Секако, сврзано со ова
е и прашањето за одржливоста на пензискиот систем и реформите што нему му се
неопходни. Отворање на прашањето дали тростолбниот пензиски систем ја заврши
својата задача, или можеби е подобро враќање кон двостолбен или едностолбен
систем, е сосем легитимно и треба да биде тема на анализи во претстојниот
период.
На среден рок,
предизвик за новата влада е да ја реконципира економската политика на начин на
кој таа ќе продуцира поодржлив и поеднакво распределен раст. Тука неминовно ќе
се наметне прашањето за странските фабрики и повластиците што им се нудат.
Намерно го сместувам прашањево на среден рок, бидејќи нагли потези во моментов
апсолутно не се потребни. Тие не само што би биле контрапродуктивни, туку би
внесле и дополнителна конфузија во и онака сложеното деловно окружување.
Политиката на СДИ неминовно ќе мора да носи значаен дел од растот и на среден
рок. Но, она што ќе треба да го анализираме и договориме е како да ги максимизираме
бенефитите за единица трошок што се прави за таа политика. Второ, даночната
концепција на прогресивно оданочување ќе мора да биде добро обмислена, без
елементи кои се истресени од ракав. Во овој момент, доходната распределба се
подобрува споредено со пред 6-7 години, благодарение на пензиите, социјалната
помош и земјоделските субвенции. Значи, би се рекло дека прогресивен данок може
само да го засили тој тренд, но тој во моментов и не е неопходно најпотребен.
Ако на него се инсистира, тогаш ќе мора добро да се обмисли, да се зајакне
трансферната функција на буџетот, потенцијално да се формира некој фонд во кој
би се прибирал тој вишок од прогресивното оданочување и би се користел само за
програми за социјално најранливите и најсиромашните.
Но, побитно на
среден рок е да ги реформираме и зацрвстиме долгорочните фундаменти на
економскиот раст. Би издвоил три: институциите, образованито и здравството.
Институциите мора да го вратат и зацврстат својот долгорочен кредибилитет и да
работат ефикасно и одговорно за сите. Дебатата е потребно да се сврти од
наводно големата јавна администрација (која според одредени параметри воопшто
не е голема), кон нејзината продуктивност и ефикасност. Образованието мора
повеќе да се сврти кон квалитетот што го испорачува. Нагли потези, како
укинувањето на екстерното тестирање, исто така не би користеле во тековниот
момент. Колку и да е лош концепт, екстерното тестирање треба да се стави во
мирување и истото да се преиспита во разумен рок, по што да се донесе конечна
одлука за укинување, или за она што би било поверојатно, негово реконципирање.
Слично, инвестициите во здравството – тврда инфраструктура, како и надградба на
знаењата на кадарот, би биле клучни за неговиот долгорочен придонес кон растот
и развојот.
Новата влада нема
голем маневарски простор во поглед на економските предизвици. Пристапот во
нивното адресирање може да ја трасира нејзината подолгорочна одржливост, а
нагли и недоволно обмислени потези може само да го пролонгираат враќањето на
оптимизмот на економската сцена и во општеството воопшто.
Авторот е универзитетски професор. Текстот е објавен во Економија и Бизнис, јуни 2017.
Comments
Post a Comment