Што сфати владата?


Барем мислам, или се надевам дека сфати неколку работи сврзани со економските политики.

1. Растот мора од некаде да произлезе. Да промовираме малку “wishful thinking” не е неопходно лошо, меѓутоа не е воопшто практично. Секој – вклучително и секоја политичка партија – може да каже дека ќе оствари просечен годишен раст од 5%. Всушност, со таква и повисока бројка се лицитираше уште пред 14 години и оттогаш започна некоја „манија“ по раст од 5-6%. Не е спорно дека таков раст и` е неопходен на Македонија за да има осетно влијание врз животниот стандард на населението, како и за побрза конвергенција кон доходното ниво на ЕУ. Еве што вели мојата проста пресметка: со просечен годишен раст од 4% на македонската економија и претпоставен раст на европската економија од 2%, БДП по глава на жител ќе се изедначи во 2068 година, што е нешто помалку од 50 години од денес. Со 5.5%, изедначувањето би се случило во 2047, односно 20-тина години порано. Оттука, прашањето за растот е несомнено клучното прашање, но уште поклучно прашање е како до одржлив и континуиран раст од 5-6%.

Знам дека ова е постојана тема во јавниот дискурс, на која не сме дале заокружен одговор, затоа што таква дебата не иницирале носителите на економските политики. Имено, тие треба да ја дефинираат визијата на нашава економија и со поширока општествена дебата и општествен консензус, во мера во која е тој возможен, да постават рамка во која ќе се оствари тој посакуван раст. Владата сфати дека растот може да произлезе само ако постои ваква рамка.
Генерално, економската визија би можела да се темели на три столба: владеењето на правото и кредибилност на институциите; вештини кај работната сила за најзина поголема вработливост, но и заштита на ранливите; конкурентни претпријатија, што поинтегрирани во глобалните синџири на снабдување и кои ќе се поттикнуваат технолошки да напредуваат. Значи, нам ни се потребни сеопфатни структуни реформи, но и план за тоа како ќе осигураме адекватен (човечки) капацитет кој таквите реформи ќе ги испорача – почнувајќи од министер па до најнискиот службеник во јавниот сектор. Целосно ја поддржувам тезата дека само процесот на пристапување кон ЕУ (првенствено преговарањето, а потоа и самото членство) може да не` држи на колосек - истрајни во ваквите реформи и отпорни на компромиси. Но, истовремено, ЕУ интеграцијата не е замена за економскиот модел кој треба да го испорача растот.



2. Странските инвестиции се неминовни во економскиот модел. Пред 3-4 години се створи една фама дека странските инвестиции не се пожелни, дека само не` експлоатираат, дека сме „измеќари на странскиот капитал“. Секако дека ова е исклучително опасна теза, што за среќа владата брзо го сфати. Нема дилема дека тие тука доаѓаат по профит и дека сметаат на пониски трошоци за својот бизнис, делумно поради локацијата, а делумно поради трошокот за работната сила. Последниов е низок поради пазарните услови (високата невработеност), но и поради високото владино субвенционирање. Ама, ако ни смета една ваква втемелена вредност на современиот капитализам, и неа ја негираме, тогаш мора да имаме план Б. А, таков немавме и нема да имаме во догледно време.

Позитивно во темата со странските инвестиции е што условите сега се сменија. Не мислам на условите сврзани со рекламирањето, со транспарентноста на субвенционирањето и слично. Пред се`, мислам на пазарните услови. Кога отпочна политиката на привлекување СДИ во 2007, невработеноста беше над 36%, иселувањето немаше земено замав, визниот режим не беше либерализиран... Значи, постоеше огромен пул на слободна работна сила, секако ефтина, бидејќи ја имаше во изобилие. Фабриките кои влегоа во ТИРЗовите можеа тогаш релативно лесно да најдат работници, без оглед на квалификациите во повеќето случаи, бидејќи тие беа предмет на (пре)обучување на самото работно место. Повеќе од деценија подоцна, интензивираната побарувачка за работници, активните мерки за вработување и иселувањето го пресушија пазарот на труд до стапка од 17.1%. Иако изгледа висока, таа денес не овозможува лесен пристап до работници, главно поради фактот што дел од оние кои во Анкетата за работна сила се изјаснуват за невработени всушност работат во сивата економија, или пак се изјаснуваат дека бараат работа, а всушност се неактивно население.

Но, таквата состојба денес оневозможува да се привлечат компании кои ќе вработат голем контингент работна сила. И, затоа, сега е време за промена на стратегијата за привлекување СДИ: од општа стратегија „дај шта даш“, кон стратегија која ќе ги експлоатира компаративните предности на нашата економија (концепт за кој лично се залагав уште пред 10-тина години), односно ќе фаворизира компании кои произведуваат повисока додадена вредност внатре во македонската економија и ќе можат (и ќе сакаат) да вклучат што повеќе македонски компании во нивниот синџир на снабдување.

3. Во крајна линија, повисоката плата мора да дојде од растот од број 1. Па, видете какви мамутски напори се прават за да се зголеми просечната плата. Всушност, таа порасна од околу 22.800 денари во јуни 2017 на 25.800 денари на крајот од 2019. Тоа е одличен раст, ама е далеку од цифрата врежана во колективното очекување од 30.750 денари. Да направам мала хронологија. Прво минималната плата се зголеми од 10.080 денари на 12.000 денари, па потоа по принцип на усогласување дојде до 12.500, по што кон крајот на 2019 порасна на 14.500 денари. Се тргна од тезата дека тоа ќе довело до „спирала на плати“, односно дека порастот на минималната плата ќе ги поттикнел другите плати и вкупниот раст, што е една стара и маргинализирана доктрина во економската наука.

Пресметките го тврдат спротивното – наместо спирала на плати настана т.н. „урамниловка“: помалку продуктивните работници се изедначија со попродуктивните и тоа може да претпоставите како влијаело врз мотивацијата на вториве. Експертската јавност тврдеше дека избрзаното зголемување на минималната плата може да даде негативни ефекти. Не значи тоа дека ќе се отпуштаат работници, ама работодавците ќе најдат креативни начини на прилагодување. Сетете се како еден напис дека работодавците барале паузата на работниците да не се брои во работното време од 8 часа ги преплави насловите во медиумите. Или барањето да увезуваме работници... Значи, таков притисок ќе створи порив за вакви манипулации, па дури и ќе втурне работници во сива економија. Не навлегувам во мотивите на работодавците за ваквото однесување и не исклучувам дека веројатно се неоправдани, ама тие тешко дека ќе го „отворат срцето“ ако не гледаат дека повисоката плата произлегува од поголема додадена вредност создадена во компанијата.

Тоа се веројатно првите моменти кога носителите на политиките сфатија дека спирала на плати, всушност, и нема, што секако ја поткопува замислата за рапидно зголемување на просечната плата. Така, последното зголемување на минималната плата е проследено со лукративна мерка за субвенционирање на растот на сите плати, чиј потенцијал е проценет на најмногу 1.000 денари пораст на просечната плата. Тоа е всушност префрлање на даночниот товар (за социјални придонеси) од работникот врз сите даночни обврзници, што потоа имплицира некаков притисок врз централниот буџет и крајно врз долгот. За волја на вистината, тој притисок се релаксираше со подизведбата на капиталните инвестиции на државата. Но, тоа не го оправдува фокусот врз политики кои не создаваат нова вредност, туку кои зафаќаат од едно место и префрлаат на друго.

4. Ниту другите политики на прераспределба нема значајно да помогнат за повисок раст во тековниот општествен контекст. Знам дека веднаш напамет ви паѓа прогресивниот данок, којшто не требаше да биде укинат затоа што не требаше да биде воведен. Не во тој момент. Генерално, поправедно општество може да се постигне преку различно оданочување на економските агенти зависно од тоа колкав доход создаваат, и тоа да биде и поттик и симбол за социјалната кохезија. Оваа теза ја има мојата најголема поддршка! Но, одмерувањето кога и како тоа треба да се направи е работа на политички сенс и искуствена зрелост. Прво, даночните обврзници треба да бидат убедени дека нивните пари се трошат разумно со највисок мултипликативен ефект врз нивната иднина и иднината на нивните деца. Второ, неплаќачите – популарната сива економија која според последните пресметки на ММФ се искачила на фантастични 38% – мора да се убедат, и преку мерки на морков и на стап, дека нивното однесување ги поткопува инвестициите во јавни добра и ја слабее државата. Ако двете групи не се убедени, тогаш повисоките даноци, наместо да ја зголемат даночната база, тие ќе ја намалат, за што зборуваше и Стиглиц уште во 1985 во трудот „Општа теорија за даночно избегнување“. Тоа, потоа, ги ограничува можностите за поквалитетни услуги од државата кон граѓаните, што потоа го ослабнува економскиот раст.

Но, сфаќањето на владата од број 4 го темелам на повеќе факти. Според административните податоци за 2016 година, 90% од населението во Македонија има вкупен личен доход понизок од 500 евра месечно, а 99% понизок од 1.500 евра. Дури и во највисоките 1%, доходите се движат до цирка 4.500 евра месечно за најголем дел од тој центил. Евентуалниот проблем се јавува кај најмногу 900 луѓе кои го сочинуваат највисокиот 0.1%, чиј просечен доход годишно е околу 250.000 евра и тој значајно отскокнува од просечните доходи кај другите центилни групи. Овие факти, објавени во ноември 2017 од Министерството за финансии, укажуваат на два клучни заклучоци. Прво, сите заедно сме многу сиромашни, наместо многу нееднакви. Всушност, нашиот Џини од 31.9% е многу близок до европскиот од 30.9%, а не е ни стеларно далеку од скандинавскиот кој се движи во опсегот 25-28%. Второ, најголем дел од заработувачите од највисокиот 1% (месечен опсег на заработувачка од 1.500 до 4.500 евра) и тие во највисокиот 0.1% (месечен опсег на заработувачка над 4.500 евра) се драстично различни. Првите се една продуктивна работна сила која инвестирала во своите знаења и вештини и од која најголем дел е во подем (сетете се на оној аргумент во меѓународна трговија за заштита на „млада индустрија“), која претежно заработува од својот труд и од која голем дел сака да се исели во потрага по подобар амбиент за живот (не неопходно повисока плата!). А, вторите главно акумулирале капитал долги години наназад и сега ги уживаат неговите придобивки во форма на ренти, дивиденди и камати (поради што и немаат преголема инклинација за иселување). Во вториве, ќе се најдат и такви кои стекнале доход по својата политичка моќ и привилегираност. Секоја промена во даночната политика која удира по првите, а ги гали вторите, значајно ќе го ретардира растот сега и на долг рок.

5. Со социјална помош не се живее. Реформата на системот на социјална помош (како и реформата на социјалните услуги) е една од ретките добро-изведени реформи. Ама, таа не дава безусловна и баснословна помош, како што првично се заговараше, затоа што владата сфати дека во услови кога секој сака поголем доход без повеќе пот (сетете се, на пример, на нашата колективна желба за работа во јавната администрација!), примателите ќе имаат поголема мотивација да се пасивизираат отколку да бараат и да прифаќаат работа. Затоа, во реформата се вгради силна активациска компонента (поттик за прифаќање соодветна работа), која заедно со построгото мониторирање на пазарните доходи на апликантите и примателите на социјалната помош, треба да ја канализира до оние кои навистина имаат потреба. Дури и на работоспособните од нив, помошта треба да им помогне во преоден период додека да најдат пристојно вработување, и така да придонесуваат кон растот.

Се` на се`, владата сфати, или се надевам дека сфати, дека економска политика заснована на прераспределба, наместо на создавање, а во услови во кои: сите колективно сме сиромашни; најголем дел од младите сакаат да се вработат во јавната администрација, најголем дел од нив кои се пристојно едуцирани сакаат да се иселат; сивата економија е висока и растечка; итн., нема да даде скоро никакви резултати. Секако не сега.

За тоа што владата не сфати, ќе напишеме наскоро, евентуално по изборите.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер