Не ја компромитирајте независноста на Народна банка

 


Во 1950 година, Џавахарлал Нехру, премиер на Индија, предложил пред влезот на Резервната (централната) банка на Индија да се подигнат две масивни статуи, како симбол на процесот на воспоставување на институционалниот поредок на независната држава. На отворен конкурс биле избрани ликовите на Јакша и Јакшани, полубогови од хиндуистичката митологија, чувари на градините на Кубера, богот на благосостојбата. На скулпторот му требале 10 години за да ги заврши фигурите, период за кој сензибилноста на јавноста за политиките на владата станала многу поостра. Кога конечно биле поставени, Нехру аргументирал: „Тие се тука за да ја штитат независноста на централната банка“.

Вообичаено, економската дебата периодов е фокусирана на анализа на предлог-буџетот, а годинава и темите за тоа како ковид-19 влијае врз економијата и преземените мерки од владата во врска со тоа го окупираат јавниот дискурс. Во заднината на оваа дебата, мачно се наметнува тезата дека финансиската стабилност била загрозена, дека супервизорската задача на централната банка била поврзана со кредитните одлуки на одредени пазарни играчи, а оттука и со тоа дека тие одлуки биле политички мотивирани. Тоа ме наведе одново да го поставам прашањето: „Зошто е важна независноста на централната банка од политичките процеси?“

Прашањето за независноста на централните банки беше популаризирано дури во 1970-тите години, во одредена мера водено од ценовните шокови и стагфлацијата (кризата на Кејнзијанската  теорија) во оваа декада. Во својата оригинална смисла, аргументот за поголема независност на централните банки од владите се вртеше околу основната функција на централната банка – одржување на ценовната стабилност.

Имено, ако политичарите може да влијаат врз гувернерите да водат полабава монетарна политика кога фундаментите на економијата тоа не го дозволуваат, а со цел да победат на следните избори, тогаш губитник ќе биде целото општество на среден до долг рок. Ваквите епизоди – кои ги има повеќе низ светската историја – доведуваат до повисока инфлација или дури и до хиперинфлација.

Редица нобеловци по економија – на пример, Фридман, Хајек, Бучанан – покажаа дека во отсуство на какви било ограничувања, политичарите имаат мотив да фаворизираат политики што ќе го експлоатираат долгорочното здравје и стабилност на економијата на товар на краткорочната корист. Затоа единствениот начин вистински да се воспостави долгорочна макроекономска стабилност и прифатливо ниска инфлација е кредибилно да постои независна централна банка.

Кредибилноста и независноста на централната банка се два концепта, кои меѓусебно се поддржуваат и се засилуваат. Тоа стана особено јасно при налетот на Глобалната финансиска криза од 2008 година, кога централните банки ги проширија своите биланси преку повеќе неконвенционални инструменти и вбризгаа во системот големо количество т.н. слободни пари за економската машина да не запре. Тоа резултираше во т.н. нова нормала: низок раст со ниска инфлација.

Сличен потег централните банки направија и при налетот на кризата со ковид-19, особено што сега, нивниот арсенал за дејствување преку конвенционалните инструменти веќе беше исцрпен со многу ниските референтни каматни стапки. Меѓутоа, и тогаш, а и сега, централните банки „јаваат“ на својот кредибилитет – и особено тој на гувернерот – дека напливот на ликвидност во економијата нема да предизвика инфлација во иднината. По Глобалната финансиска криза од 2008, такво нешто воопшто не се случи, a и по ковид-19 тешко е да се верува дека побарувачката бргу ќе се врати на робусна патека за значајно да влијае врз цените (иако за ова се води жива дебата).

Но, Глобалната финансиска криза од 2008 беше важна за централните банки и од еден друг аспект – тогаш тие почнаа прогресивно да ја додаваат целта за одржувањето на финансиската стабилност во својот мандат. Во најмала рака, тоа значеше управување со системскиот ризик (ризик дека некој проблем кај поединечен субјект може да се прелее во нестабилност на целата економија), а потоа продолжи со управување на цените на активата, примарно на обврзниците и недвижниот имот.

Во таа насока се вклучи и арсеналот од регулаторни инструменти. Но, тоа создаде погрешна (и потенцијално опасна) перцепција дека централните банки се семоќни, како и простор во кој ваквите акции се подложни на плеткање со политичкиот циклус, што, пак, ја ризикува независноста на супервизорот – централната банка.

Зошто оваа дискусија е важна за нашата Народна банка? Нашата макроекономска, и оттука ценовна стабилност, беше стекната кон средината на 1990-тите, по макроекономски турбулентниот период пред тоа. Врзувањето на денарот за германската марка, а потоа за еврото, е стратегијата што ја овозможи ценовната стабилност до ден денешен. Некои нејзини недостатоци, како подложноста на денарот на шпекулативни напади или пренесувањето на ценовните шокови кај клучни увозни производи, сѐ уште не се доволно силни за да ги надминат придобивките за макроекономското окружување и општеството во целина.

Финансиската стабилност, во моментов, е поважно прашање од перспектива на неговото политичко контекстуализирање. Всушност, финансиската стабилност – која е секундарна цел на Народна банка пропишана во член 6, став 2 од Законот за Народна банка – лесно може да стане пропулзивна на политички битки, и оттука да ја урниса независноста на централната банка, особено ако се сфати како потреба Народна банка да спасува пазарни економски субјекти – комерцијални банки – со толерирање на непочитување на регулативата или директно, но залудно да ги администрира во услови на флагрантна поткапитализација (!), така создавајќи бришан простор, нестабилноста од еден пазарен субјект да се прелее кај друг(и).

Тоа е надвор од секаква економска памет, особено што Народна банка, ниту одлучувала, ниту одобрувала комерцијални кредити во името на некоја банка. Уште повеќе, финансиската стабилност ќе биде загрозена долгорочно, ако се бара загубите од еден банкрот да ги сноси целото општество (што, во контекстот на овој текст, можам да го наречам и политизација на загубите).

Затоа, како што стана јасно со текот на времето дека ценовната стабилност, и оттука, стабилноста на денарот може да ја обезбеди само независна институција – Народна банка, така и сега треба да биде јасно дека стабилноста на финансискиот систем може да ја обезбеди само независна Народна банка.

Џенет Јелен, поранешната претседателка на ФЕД предупреди дека „видовме навистина ужасни економски резултати во земји во кои централните банки беа предмет на политички притисок“, а и неслучајно Џавахарлал Нехру, од почетокот на овој текст, постави масивни скулптури пред влезот на централната банка за симболично да ја бранат нејзината независност.

Авторот е економист и редовен професор по монетарна економија на универзитетот Американ колеџ Скопје.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер