Бродот и раскошната внимателност (Капитал, 25.02.2011)


Ако сакаме да најдеме добра приказна за економски раст, тогаш тоа секако е приказната за брзорастечките и економиите во развој со средно ниво на доход во текот на 1990-тите и 2000-тите години – стабилен раст, ниска инфлација и отсуство на економски шокови – што ги натера економистите овој период да го наречат „Големата умереност“. Пред глобалната криза од 2008-2009, постоеше општо-прифатено гледиште помеѓу инвеститорите и носителите на политиките дека брзорастечките и економиите во развој станаа поотпорни на шокови што доаѓаат од развиените земји. Но, кризата покажа дека ова не е целосно така. И покрај тоа што многу брзорастечки и економии во развој успеаја да ги изолираат своите финансиски системи од хипотекарната криза, сепак нивната реална економија се контрахираше во налетот на економската криза. Но, откако кризата го зададе најсилниот удар, се покажа дека како група, брзорастечките и економиите во развој добро се заштитија од рецесијата, и тоа многу подобро од развиените земји. Во многу брзорастечки и економии во развој, стапките на раст се вратија во текот на 2010 и се чини дека како група овие земји ќе продолжат да имаат значителни стапки на раст во претстојните години (види слика).
Извор: Статистика на меѓународниот монетарен фонд.

Кои се причините поради кои брзорастечките и земјите во развој побргу ја преживеаја кризата и можеа да се вратат на стапките на раст од пред кризата? Во најмала рака, може да се идентификуваат пет причини. Најпрво, подобрените макроекономски политики коишто овозможија инфлацијата во претходната деценија да биде под контрола, преку комбинација од здрави фискални и монетарни политики. Повеќето од овие земји воведоа таргетирање на инфлацијата, што како монетарна стратегија им овозможи да вршат директна и целосна контрола врз инфлацијата и да го имаат флексибилниот девизен курс како апсорбер на шоковите што доаѓаат од надвор. На страната на фискалната политика, ниските буџетски дефицити овозможија простор да се реагира на кризата со зголемено фискално трошење и државни инвестиции. Второ, некои од брзорастечките и земјите во развој престанаа значително да се потпираат на надворешните капитални текови, односно на странски директни инвестиции, што им овозможи, при налетот на кризата, тие да не бидат зависни од надворешното финансирање. Трето, овие земји ја развија својата производна структура и не останаа зависни од движењата на цените и побарувачката кај мала група производи. Четврто, зајакнатите трговски и финансиски врски на регионално ниво им овозможија тие заеднички да се „бранат“ од рецесијата. И, петто, зголемувањето на доходот по глава на жител и засиленото обликување на т.н. средна класа овозможи поголем домашен пазар, намалување на зависноста од надворешната побарувачка, намалување на ризикот за економијата при колапс на извозот и зголемување на корисноста од економии од обем дома.

Каде сме ние? Прво, Македонија мораше да одговори на кризата со подигање на каматните стапки за да го одбрани курсот на денарот, а што посебе повлече дополнително задушување на економската активност, главно преку поскапување на инвестициските кредити. Фискалната политика, пак, главно се насочи кон субвенционирање производство за коешто не постои доволна побарувачка и ја урна неговата цена; како и во државни инвестиции со нејасна среднорочна корисност. Второ, кога се чинеше дека Македонија зеде залет во привлекување странски инвестиции, тие беа, меѓу другото, запрени од кризата – но, надежта на носителите на политиките не умре, наместо напорот да се вложи во намалување на зависноста од надворешното финансирање на домашниот раст. Трето, нашиот извоз е се`уште сконцентриран на неколку групи производи, главно челикот и текстилот, што го прави целосно зависен од случувањата на светските берзи на овие производи. Четврто, и покрај настојувањето на ЕУ да ја зајакне трговската и финансиската интеграција во регионот, главно преку ЦЕФТА 2006, некои емпириски наоди укажуваат дека таа извршила само ограничено влијание врз меѓусебната трговија на овие земји – главно, затоа што тие сакаат да тргуваат повеќе со ЕУ, а помалку помеѓу себе. И, петто, и покрај позитивната економска клима пред самата криза, постигнувањето поеднаква распределба на доходот во Македонија останува предизвик за годините што доаѓаат.

Каде плови нашиот брод? Релативно добрите фундаменти на повеќето брзорастечки и земји во развој им овозможија брзо да излезат од кризата и за претстојните години да проектираат релативно високи стапки на раст. За разлика од тоа, лаконското проектирање значителни стапки на раст на Македонската економија од 4.5%, 5%, 6% за годините по 2012 звучи повеќе апстрактно. Барем рецесијата им стави крај на празните желби, а го отвори патот на `раскошната` внимателност. Поважното прашање е од каде ќе дојде тој раст: Ќе се надеваме на силна надворешна побарувачка? Се`уште ќе ги чекаме странските инвеститори? Ќе го подгреваме кредитирањето до максимум? Ќе градиме што било само за да градежништвото расте? Ќе произведуваме само метална руда и ќе се надеваме дека нејзината цена ќе расте? Или ќе правиме нешто друго? Многу прашања... Проектираниот раст за претстојните години не е нереален, но треба да биде резултат на одговорите на овие прашања, а не нивна претпоставка. Во спротивно, ќе ни остане само пуста желба.

Авторот е економски истражувач и добитник на наградата Ogla Radzyner од Централната банка на Австрија.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер