Веројатност, наука и капитални инвестиции (Капитал, 4.02.2011)
„Науката ја зголемува нашата моќ во обратна пропорција со нашата суета.“
Claude Bernard (1813-78), Француски психолог
Ние, економистите, често и, во последно време, многу гласно зборуваме за капиталните инвестиции на државата и сугерираме дека тие ќе имаат оправданост само ако бидат во форма од којашто економијата би извлекла среднорочна корисност. Тоа вклучува инвестиции во патишта, опоравување на железницата, опоравување на јавното здравство, инвестиции во хидроцентрали, инвестиции во образованието. Но кога мислиме на инвестиции во образованието, секако не мислиме на отворање факултет во секое населено место - кадешто еден од двајца професори ќе предава осум предмети, а дел од студентите ќе се запишат со цел `сепак да се обидат` - туку мислиме на инвестиции во квалитетни програми и курикулуми, и квалитетен и високообучен наставно-научен кадар којшто на студентите ќе им пренесе теоретски и применети знаења и вештини (!) со коишто тие потоа ќе може да станат поконкурентни на пазарот на труд и така ќе си обезбедат подобар живот.
Додека предавал статистика на Варвик, проминентниот професор Џефри Хамилтон, еден ден извадил кована паричка од џебот и ја фрлил во воздух за да го демонстрира ефектот на веројатност. Секоја класична книга по статистика учи дека веројатноста да ви се падне `глава` е еднаква на веројатноста да ви се падне `петка`; односно, како што објаснил и Хамилтон – 50-50. Тој и студентите гледале како паричката паѓа на дното, отскокнува, се тркала наоколу – и конечно запира, но се позиционирала на својот раб (значи, ниту `петка`, ниту `глава`). После вчудовидувачката тишина, следел громогласен аплауз.
Се чини дека во последно време, веројатноста да се отвори нов факултет во Пехчево или во Дебар беше 50-50, ама предлагањето закон во којшто научната дејност на професорите се издига на ниво најмалку исто колку наставната дејност е рамно на веројатноста при фрлање паричка, таа да застане на својот раб. Но, за среќа, се случи. Оттука, ваквото решение треба да добие широка поддршка во универзитетските кругови, бидејќи е еден од чекорите во насока на градење квалитет, а не квантитет на високото образование и неговиот кадар. Не треба да се потсетуваме дека науката е таа на којашто треба да и се заблагодариме за општествениот и економскиот напредок што земјите ширум светот го доживеаја низ својата историја и особено во последниот половина век. Оттука, не е случајно што кога во истражувачките кругови зборуваме за професор, истражувач, ментор, оценувач, прво за што дискутираме е што тој објавил, во кои научни списанија, и колку често неговите трудови се референцирани од други автори. Од одговорите на овие прашања зависи и тоа на колку престижен универзитет тој ќе може да предава и менторира, затоа што последното пак е важно за опстојување и напредување на универзитетот на високо-образовниот пазар со голема конкуренција.
Сепак, иако предлог решението во македонскиот закон ми изгледа мошне солидно и според светски истражувачки стандард, на прашањето дали е преголем залак за нас, сепак би одговорил афирмативно. Да не заборавиме дека во транзицискиот период и самата наука доживеја своја транзиција, што веројатно се рефлектирало и врз обемот и квалитетот на научно-истражувачката работа. Оттука, одредено релаксирање на критериумите за потребниот обем на научно-истражувачка работа, т.е. трудови во меѓународни списанија и такви со импакт-фактор, за напредување на наставниците е веројатно неопходно. Притоа, одложувањето на примената на законските одредби веројатно нема да биде соодветно релаксирање, туку вклучувањето други форми на научно-истражувачка работа – на пример, учества на научни конференции и учества во тимови за истражувачки проекти. По академски ранг, меѓународните научни конференции стојат пониско од меѓународните списанија, но квалитетот на претставениот труд и таму е обично загарантиран со процесот на т.н. слепо рецензирање. Квалитет на научното истражување на отворени повици за проекти (како, на пример, повиците во рамки на ФП-7 на ЕУ) е загарантиран со охрабрувањето натпреварувачки дух, предлозите за истражување поминуваат низ мошне ригорозен процес на селекција и аутпутот од истражувањето се следи низ процес на перманентно известување кај давателот на грантот. Овие два вида научна работа, во најмала рака, ќе ги поттикнат универзитетските професори на истражување, работата во тимови ќе овозможи помалку искусните да учат од повеќе искусните, учествата на конфернции ќе поттикнат истражувачки дух и меѓународни `истражувачки` контакти и сето тоа ќе биде `подготвителна` фаза после која и публикувањето во меѓународни списанија со импакт фактор ќе биде многу полесно.
Се разбира дека другата страна на паричката за којашто зборувам во оваа колумна е сврзана со финансиската изводливост на научните истражувања. Да бидеме начисто - процесот на публикување во научни списанија е често бесплатен. Барем бесплатен бил во моите ситуации на публикување. Но, она што чини пари е процесот на истражување. Македонија инвестира околу 0.18% од својот бруто производ за наука, а државата издвојува под 0.4% од својот буџет за финансирање научни проекти. Се чини дека овие цифри се премногу блиски до нула, но се вистинити. Сепак, врлина на научното истражување е авторот да биде целосно непристрасен и избалансиран. Според тоа, иако овие бројки во западниот свет се веројатно многу повисоки, сепак мора да се има на ум дека универзитетските работиници обезбедуваат и огромни суми пари преку отворени повици за проекти, односно, благодарение на тоа што се развиле како истражувачи, тие може да обезбедат само-финансирање – од различни фондации, невладини институти и од бизнис секторот. Повеќе пари преку отворени повици обезбедуваат оние истражувачи коишто зад себе имаат поплодна и побогата истражувачка историја и коишто публикувале во попрестижни списанија (т.е. такви со повисок импакт фактор), се разбира. Така кругот се затвора! Но, дури и кога средствата се обезбедуваат од државните буџети, тие се добиени врз основа на квалитетен предлог проект, којшто гарантира академска ригорозност на истражувачкиот процес и релевантност на резултатите за носителите на политиките. Така што, на нашата држава останува да ја подобри нулата за науката во буџетот, да речеме на сметка на некоја од инвестициите во бронза. А, наше е да понудиме добри проекти со коишто ќе ја убедиме да издвојува што повеќе во годините што доаѓаат.
Истражувањето и градењето истражувачки капацитети е долг пат. Ако подигнувањето на науката со вакво законско решение е првиот чекор, тогаш јас сум подготвен!
Авторот е економски истражувач и добитник на наградата Ogla Radzyner од Централната банка на Австрија.
Brilliant! Thank you!
ReplyDeleteМногу интересен коментар/мислење/критички осврт. Голема поддршка за вакви млади научници и таленти и среќа што постојат приватни универзитети кои ги ценат, инаку би биле невработени или во најмала рака подвработени (се сеќавате на феноменот на подвработеност од комунизмот, кој за жал се провлекува и во услови на „пазарната економија„).
ReplyDeleteМожеби критериумите се голем залак, но има период за адаптација и на нашиот колективен мозок и на нашите истражувачки вештини и способности