Бинго! (Капитал, 20.05.2011)


Во една претходна колумна, „Само идејата е капитал“ (Капитал, 01.04.2011 година), дадов неколку идеи што сметав дека се релевантни за да му дадат нов дух и почеток на економскиот амбиент во земјава. Една од идеите беше дека новата економска политика е пожелно да се гради врз основа на искористување на постојниот потенцијал на домашната економија. Притоа, аргументирав дека приоритетот треба да се сврти кон домашните инвеститори, без притоа да се запостават странските инвеститори.

После ова, една економска програма на една политичка партија побара да понудам концепт според којшто оваа идеја ќе добие своја операционализација. Оттука, во денешнава колумна сакам да го претставам тој концепт.

Основната идеја на овој концепт потекнува од фактот дека сегашната криза го промени економскиот релјеф. Моделот на раст според којшто се развија централно-европските земји, на пример, се базираше на огромни приливи од странски директни инвестиции коишто преку свежиот капитал, технологија и менаџерски вештини извршија целосна трансформација на економиите. Но, се чини дека овој модел сега веќе не функционира. Иако странските инвеститори нема да бидат целосно отсутни, нивното враќање ќе биде бавно и со зголемена претпазливост. За нив, важно е да се подобрува деловната клима, реформите да напредуваат и државата да инвестира во квалитетни јавни проекти. Но, новиот модел на раст се свртува кон домашните инвеститори. Ним им е потребно само охрабрување да отпочнат нов инвестициски циклус, а штом инвестираат домашните инвеститори, тогаш ќе инвестираат и странците.

Домашните инвестиции може да се поттикнат преку зголемено поврзување на постојните и новите фирми со домашната економија. Со други зборови, економијата ќе има поголема корист доколку инпутите (суровините и репроматеријалите) во производниот процес се од домашно производство, а не од увоз. Оттука, предложив да се дефинира показател за домашна додадена вредност како сооднос помеѓу вредноста на суровините и репроматеријалите од домашно производство искористени во текот на годината и вкупните приходи на фирмата во истиот период. Колку повеќе една фирма користи суровини и репроматеријали од домашно производство, толку поголем е нејзиниот показател за домашна додадена вредност. Во зависност од вредноста на показателот за домашна додадена вредност, фирмите од преработувачката индустрија ќе се класифицираат во три групи:

1.      Фирми кај кои показателот за додадена домашна вредност има вредност помеѓу 55% и 65%;
2.      Фирми кај кои показателот за додадена домашна вредност има вредност помеѓу 65% и 75%;
3.      Фирми кај кои показателот за додадена домашна вредност има вредност повисока од 75%.



Секоја група ќе добива фискални и царински олеснувања, субвенционирање на камати за инвестициски кредити, олеснувања при вработување млади работници, помош при настап на странски пазар, помош при вмрежување, зголемено искористување на можностите за промоција, финансирање на трошоци за промоција, со особен акцент на странски пазар, па се до директни финансиски дотации во случаи на развивање нов производ, производна линија, навлегување во нов пазарен сегмент и сл. Притоа, опсегот и големината на поволностите ќе се зголемува како се оди од група 1 кон група 3. Важно е што разликите во поволностите помеѓу трите групи ќе бидат драстични, за да може да бидат мотивирачка сила што ќе овозможи фирмите да се стремат кон постигнување повисока домашна додадена вредност.

Како ова ќе помогне за заживување на економијата? Користите се повеќекратни и меѓусебно се мултиплицираат, на следниот начин:

1.      Користи за земјоделството. За да една фирма се сврсти во овие групи или за да премине во повисока група, ќе треба поголем дел од своите репроматеријали да ги набави на домашниот пазар. На пример, во прехранбената индустрија, дури и побарувачката за одредени производи – шеќер, масло, пченица – да остане иста, овој концепт ќе влијае кон поместување на побарувачката од увоз кон домашна побарувачка. Кога фирмите ќе побаруваат на домашниот пазар, за најмалку една година, земјоделските производители ќе извршат зголемување и/или пренамена на своето производство. Така, наместо сите да произведуваат една култура од која потоа потенцијално ќе се појават вишоци, земјоделското производство не само што ќе се зголеми, туку и ќе се дисперзира на повеќе култури, што ќе овозможи, во услови на гарантиран пласман, цената на тие земјоделски производи да биде разумно пазарно детерминирана.

2.      Користи за работната сила (невработените). Концептот ја опфаќа преработувачката индустрија којашто консумира значаен контингент работна сила. Но, она што е поважно е што голем дел од нашата работна сила е квалификувана според потребите на оваа индустрија. Со зголемувањето на производството и поттикнувањето побарувачка за домашно-произведени суровини, побарувачката на работна сила ќе се зголеми, а работниците ќе бидат лесно вработливи, без потреба да поминуваат низ тежок, долготраен и скап процес на преквалификација и доквалификација, коишто се неопходни за некои пософистицирани индустрии. Значи, концептот на софистициран начин предвидува поинтензивно намалување на невработеноста.

3.      Користи за надворешната ранливост. Според претходното, ќе се намали побарувачката за увоз на одредени производи, што ќе овозможи трговскиот дефицит, како една од исто така важните ранливи точки на економијата, да се намали. Концептот ќе овозможи и рекомпонирање на увозот, односно развојната компонента на увозот – машините и опремата - ќе стане позастапена.

4.      Користи за иновација и конкурентност. Една фирма ќе се сврсти во погорните групи или ќе премине во повисока група, дури и во ситуација кога не може да ги замени суровините од увоз со суровини произведени дома (затоа што такви не се произведуваат на домашниот пазар). Тоа ќе се случи, ако воведе нов производ кој во голема мера или целосно се заснова на домашни инпути. Со тоа што овој концепт стимулира воведување нов производ и брендирање, тој стимулира иновација, бидејќи новиот производ ќе може да се пласира на пазарот само ако претставува новина за купувачот и ако и соодветно конкурентен.

5.      Користи за странските инвеститори. Иако овој концепт е главно насочен кон постојните домашни фирми, тој по ниту една основа не ги одбива странските инвеститори. Напротив, странските инвеститори коишто ќе инвестираат во Македонија и ќе се поврзат со домашната економија на начин на којшто во своето производство ќе вклучат домашни суровини според предвидените групи, по автоматизам ќе влезат во нив. Значи, концептот привлекува странски инвестиции на многу конкретен начин и тоа токму такви инвестиции коишто ќе овозможат максимална корисност за економијата.

Значи, концетот е повеќестран. Според изнесеното, тој ќе го зголеми производството на преработувачката индустрија и ќе го зголеми земјоделското производство. Новиот инвестициски циклус кај овие фирми ќе го поттикне и градежништвото. Се` тоа е основа за постигнување и одржливост, на среден рок, на стапки на економски раст од 5%, 6%, 7%. Концептот ќе ја намали невработеноста и надворешната ранливост на економијата. И, ќе привлече странски инвеститори и ќе влијае на процесите на иновација и инвестиции во конкурентен производ, односно ќе ја поттикне факторската продуктивност, што повторно е основа за одржлив економски раст.

Авторот е економски истражувач и добитник на наградата Olga Radzyner од Централната банка на Австрија.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Дивиденда, два слоја и ровер

Економските политики во клинч