Денот потоа (Капитал, 17.06.2011)
Периодот по светската економска криза го обележува заздравување кое го префрли економскиот раст од развиените земји во брзорастечките и земјите во развој. Во 2010 година во развиените земји растот на БДП изнесуваше 3%, додека во брзорастечките и земјите во развој значителни 7,2%. Во истиот контекст, прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд се дека во текот на оваа година развиените земји ќе растат со 2,5%, а земјите во развој со 6,5%. Ваквиот раст на земјите во развој го зголемува нивното значење на глобалната економска сцена: во просечниот светски раст тие придонесуваат со околу две третини, а се поголемо е нивното учество во светските трговски и финансиски текови.
И покрај ваквите позитивни изгледи за земјите во развој, на хоризонтот се појавија неколку предизвици. Првата група предизвици се макроекономските: новиот модел на раст и макроекономската стабилност.
Веќе нема дилема дека стариот модел на раст, што се засноваше на надворешната побарувачка, сега треба да се расходува и фокусот да се сврти кон раст создаден со внатрешните потенцијали на овие земји, односно растот да биде воден од понудата. За да се постигне ова земјите во развој треба да го свртат вниманието кон земјоделскиот сектор, со цел да ја зголемат понудата на прехранбени стоки, но и да може полесно да се соочат со потенцијални шокови врз цените на прехранбените производи. Секако, директното субвенционирање на земјоделските култури е добредојдено, но не е секогаш оптимално решение.
Наспроти тоа, пожелно е активностите на владите во овој сектор да се насочат кон инвестиции и охрабрување иновации со кои ќе се поттикне неговата продуктивност. Втор значаен сектор во овие земји е секторот услуги, којшто апсорбира се повеќе и повеќе од вработеноста, каде што напорите треба да бидат свртени главно кон охрабрување на конкуренцијата во кој било пазарен сегмент. Освен поддршката на овие два сектори, владите на земјите во развој мора да продолжат со инвестициите во јавна инфраструктура – патна, железничка, авиоинфраструктура, енергетска, информатичка - што секако, го вклучува и системот на образование и тоа преку обука на работници кои ќе можат што поефикасно да ги користат средствата за работа (односно, во економски жаргон, да ја зголемат вкупната факторска продуктивност) и така да си го зголемат својот животен стандард.
Во однос на макроекономската стабилност останува препораката на светските финансиски институции дека овие земји треба да продолжат со одржување на фискалната дисциплина – со цел да не се доведат во ситуација во којашто јавниот долг ќе стане неодржлив – и да продолжат со имплементирањето мерки за регулирање на прудентноста на финансискиот систем, со цел да ја зачуваат неговата улога на сервис на растот, а не обратно.
Покрај овие препораки, кои во посткризниот период се наметнаа како стандардни, посткризната литература сугерира дека земјите во развој и брзорастечките земји треба да посветат внимание уште на две области: градењето одржлив пензиски и здравствен систем и грижата за околината. Повеќе брзорастечки економии денес се соочуваат со проблемот на стареење на населението, што на среден рок ќе направи дополнително фискално оптоварување на идните генерации. Ако за сметка на тоа, пак, се намалат трошоците што мора да ги направи државата за одредени програми, особено програми за издигнување здрава нација, тогаш веројатноста дека одредени групи од населението ќе се вратат или ќе останат во сиромаштија останува многу голема. Оттука, реформите во овие области се потребни уште во оваа фаза, а позитивните искуства на развиените економии, кои порано се соочија со овој проблем, може да бидат од голема корист.
Последен, но не и најмалку важен предизвик за брзорастечките и земјите во развој е да почнат забрзано да го прилагодуваат својот стил на живот во насока на поголемо почитување на околината во којашто живеат. На пример, особен акцент треба да се стави врз свесноста за штедење енергија, но и врз напорите таа да се произведе со најмало загадување на околината и да се искористи поефикасно. Од иста важност е да научиме што и како консумираме. Ваквото однесување е тешко да се промени, бидејќи вклучува промена на менталитетот, но владите може да создадат мотиви преку одредени промени во даночната политика, преку поддршка на производството на здрава храна, но и активно да придонесуваат за подигање на свесноста за заштитата на околината.
Повеќето брзорастечки и земји во развој ќе продолжат да растат со задоволителни стапки на раст, но предизвиците со коишто се соочуваат сега бараат соодветно внимание, бидејќи доколку се материјализираат може да ги поматат изгледите на овие земји за побогат живот и повисок стандард.
Авторот е економски истражувач и добитник на наградата Olga Radzyner од Централната банка на Австрија
Comments
Post a Comment