ДОМА СИ Е ДОМА (Kaпитал, 02.06.2011)


И покрај тоа што во годините пред кризата македонската економија постигна добри стапки на економски раст, се покажа дека тоа не се рефлектираше врз намалување на сиромаштијата, туку напротив, оваа бројка ја премина психолошката граница од 30% и ја влоши распределбата на доходот. Последново, всушност, значи дека богатите станале уште побогати, а сиромашните уште посиромашни. Ова, заедно со растечките цени од месец во месец, придонесува просечниот македонски граѓанин да може се потешко и потешко да ги задоволи основните животни потреби. Ако експанзивен бизнис-циклус не може да ја намали сиромаштијата и да ја подобри распределбата на доходот во Македонија, тогаш мора да постои друга сила којашто дејствува со поголема јачина во спротивната насока. Секако, таа сила мора да произлегува од поставеноста на јавните политики во претходниот период.
Најпрвин, влошувањето на сиромаштијата и распределбата на доходот во голем дел може да се објаснат со поставеноста на фискалната политика на страната на приходите. Имено, во услови на висока и растечка сиромаштија фискалниот товар на богатите и сиромашните се изедначи. Тој што прима плата од 6.000 денари и тој што прима 100.000 денари плаќаат ист процент на данок на доход на државата. Наспроти ова, праведна фискална политика би била таа која ги оданочува повеќе тие што имаат повисок доход и поголем имот и ги трансферира тие средства кон групите што се на долната скала од распределбата на доходот. Всушност, ако не се јавел ваков проблем во економската практика низ светот и немало да има потреба фискалната политика да има редистрибутивна функција, односно да зафаќа повеќе од побогатите и да го редистрибуира кон посиромашните. Ако наспроти тековниот концепт, фискалната политика ја врши оваа функција, ќе се овозможи засилено артикулирање на т.н. средна класа, односно поинтензивно намалување на сиромаштијата од сегашното рекордно ниво. Секако, никој не го компромитира ниското ниво на оданочување – даночните стапки и понатаму треба да останат ниски, но тоа што треба да се промени е да се разграничи оданочувањето на богатите од оданочувањето на сиромашните.
Секако, проблемот не е само во даночните зафаќања, туку и во дизајнот на програмите за трошење на буџетските средства. Првенствено, станува збор за ниските издвојувања за програми за здравствена и социјална заштита. На пример, во земјите на ОЕЦД за здравствена заштита во просек се издвојува околу 8,5% од БДП, додека за социјална заштита дури 16,9%. Дали ова е затоа што граѓаните на земјите од ОЕЦД се помалку здрави и повеќе сиромашни од нашите граѓани? Секако дека не. Но, за жал, овие бројки во Македонија се 4,6% и 1%,соодветно. Освен ниските нивоа на средства за основните здравствени и социјални програми, веројатно значаен дел од ваквата лоша состојба може да се припише и на целосното отсуство на програми што можат значително да ја подобрат сиромаштијата. Такви се, на пример, условени трансферни програми коишто им плаќаат одреден надомест на домаќинствата што се ангажираат во општествено корисни работи – домаќинства коишто живеат под линијата на сиромаштијата, но ги стимулираат своите деца да влезат во процесот на секундарно образование.
Значајни на оваа листа со “директни“ државни трошења што можат да ја намалат сиромаштијата, секако, се програми коишто ќе субвенционираат трошоци за регрутација на кадар, особено кадар во мали фирми, со понизок степен на образование; потоа, субвенционирање трошоци за преквалификација, особено за работници коишто изгубиле работа во подоцнежна фаза од животот и секако, програми коишто стимулираат креирање работни места што ќе апсорбираат работна сила со понизок степен на квалификација. Наспроти финансирањето на ваквите потреби за намалување на сиромаштијата, кај нас се финансираат други лукративни потреби – колосални монументи, восочни фигури, декоративни градби. Како вака потрошените пари ќе ја намалат сиромаштијата? Секако, никако. Ќе придонесат сиромашните граѓани кога ќе се шетаат низ центарот на Скопје (ако можат воопшто да дојдат до него) да се чувствуваат, наводно, попријатно. Ама и да е така, тие нема да можат да му купат крофни на своето дете или да уживаат во пладневно кафе во Пелистер. Од тие градби единствено ќе искористат работниците што ги граделе, секако, ако за тоа државата им плати. Во спротивно и нивниот излез од сиромаштијата е доведен во прашање.

Деновиве на фејсбук кружи една анегдота: Си била светската економска криза и патувала од земја во земја и така го обиколила целиот свет. Но, кога дошла во Македонија, констатирала “Каде и да одиш, само дома си е дома“. Секако, сега постои шанса ваквата сурова вистина да се промени, бидејќи овие денови беа и време на генерирање нови економски идеи, на реконципирање на концептите за коишто многу се зборува, но не дале резултати, време на нова надеж за економијата. Оттука, овие денови може да се сфатат и како процес во којшто се отвораат нови економски хоризонти и свежи програми кои можат да дадат нов почеток за економијата, нови работни места и подобрување на живејачката на граѓаните.
Авторот е економски истражувач и добитник на наградата Olga Radzyner од Централната банка на Австрија

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер