Источно од рајот (Капитал, 01.07.2011)

Во неколку претходни колумни се осврнав на рапидниот раст на земјите од Централна и Источна Европа пред кризата, доброто справување со кризата (кога некои земји како Турција продолжија да растат со значително-високи стапки на раст) и брзото излегување од неа. Во изминатата деценија, Југоисточна Европа се промени многу, и економски и политички, што придонесе локацијата на „Европа“ или она што (сеуште) го нарекуваме „запад“, да се промени. На пример, некои се сеќаваат, а другите знаеме од прераскажување дека еднаш, не многу одамна, Бугарите и Романците во Југославија гледаа подобра верзија на сопственото општество, но и разумна замена за Германија или Италија (во смисла на трговија) и транзитна маршрута на свото патешествие дотаму. Потоа, војни, ембарга, хиперинфлации, кошмар. Никој не сака тоа да се повтори. Луѓето гледаа на Југославија како на „исток“, затоа што таму имало мир, но и затоа што тоа било местото од кадешто доаѓало шверцувано гориво и политичка поддршка.

Во меѓувреме, луѓето од остатокот на Балканот гледаа на север во Унгарија или на југ во Грција. Се разбира, тоа е поради тоа што Европската Унија дојде до нив. (Да не заборавиме, Грција е трет или четврт трговски партнер на Македонија и најголем странски инвеститор во земјата!) Сега, работите се променија: Европејците новите пазари ги бараат во Азија, а Грците веројатно сакаат да не се во еврозоната. Оттука, ако човек треба да биде скептичен во однос на еврото и еврозоната, тогаш веројатно тоа е сегашниот момент. Пред лансирањето на заедничката валута на крајот од минатиот век, многумина економски аналитичари беа скептични во врска со тоа, главно од Кејнзијански причини. Имено, приклучувањето кон вториот – монетаристички столб на тогаш сеуште непостоечката Европска Централна Банка, значеше дека еврото ја прифаќа доктрината на Фридман според која централна улога во трансмисиониот механизам на монетарната политика има врската помеѓу монетарните агрегати и цените. Тогаш, низ литературата, веќе широко беше распространето верувањето дека со годините оваа врска стана мошне слаба, главно како резултат на финансиските иновации (кои пак потоа беа иницијалната каписла за последната економска криза). Но, од сите други аспекти на предложениот дизајн на монетарната политика, заедничката валута се чинеше добро решение.

Секако, второ значајно прашање во врска со еврото беше аргументот на оптимална валутна зона – дали е можно една каматна стапка да биде соодветна за целата еврозона, односно да овозможи подеднаква апсорпција на надворешни шокови кои се асиметрични по својата природа (односно, погодуваат една земја, но не и друга)? Некои земји (од коишто главен претставник е Велика Британија) сеуште тврдат дека не постои такво нешто како оптимална валутна зона. Валутниот систем којшто е доволно децентрализиран да овозможи оптимално кредитно окружување на целата територија би имал така високи трансакциски трошоци, што не би имал никаква вредност, така што секогаш ќе мора да се толерира неефикасноста што произлегува од овој ефект.



И додека во претходната деценија (и повеќе) целата литература ја оценуваше оптималноста на европската валутна зона (што ме вклучува и мене самиот) – главно потребата од што поголемо унифицирање на фискалната политика и улогата на фискалните трансфери од едно централно место кон земјата/земјите погодена/и од асиметричен шок – скоро никој не дискутираше за тоа дека Европската Централна Банка нема експлицитен мандат да биде спасувач/позајмувач во крајна инстанца, односно опција која ќе мора да ја искористи во ситуација како сегашната.

И покрај сето ова, сега не можам да се изначудам на експертите кои заговараат Грција да ја напушти еврозоната. Денот кога Грција ќе објави дека се враќа на драхмата ќе означи и остра депрецијација на драхмата во однос на еврото. Во очекување на понатамошна депрецијација, граѓаните ќе почнат да навалуваат во банките за да си ги повлечат своите пари и да ги „складираат“ во стоки. Полиците низ продавниците ќе се испразнат. Фискалната криза ќе премине во банкарска криза. Или, како што тоа `сочно` и во афект неодамна опиша вицепремиерот Пангалос: „исплашените луѓе ќе сакаат да си ги повлечат своите пари од банките, а армијата ќе треба да ги чува со тенкови бидејќи нема да има доволно полиција“. Потоа, ова ќе значи и уште поголема криза за цела Европа.

Оттука, нови тешки денови претстојат за еврозоната. Веројатно опцијата да се излезе од неа и не е така паметна. Но, ова праќа важна порака кон земјите коишто мора или сакаат да и се приклучат на еврозоната. Тие не треба да итаат кон неа, туку да проценат оптимален период во којшто ќе овозможат домашната економија да се приспособи кон таа на еврозоната, односно двете да станат валутна зона којашто е што поблиску до оптимална зона. А, во меѓувреме, секако може и да имаат некои користи од тоа, како што тоа успешно го прават Полска, Чешка и Унгарија.


Авторот е економски истражувач и добитник на наградата Olga Radzyner од Централната банка на Австрија.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер