Хотел Калифонија (Економија и Бизнис, Мај 2012)


Една вечер, Дон Хенли од легендарните Eagles си поминал убави моменти со една од неговите девојки на ноќта. Во раните утрински часови, таа заклучила: „Дон, ти си крал...“, инсистирајќи „... те молам внеси ме во твојот хотел Калифорнија“. Ќе се сетат читателите дека тоа е популарната песна на Eagles којашто зборува за еден хотел кадешто можеш да влезеш, но не можеш да излезеш.

Како што зборував во една претходна колумна, сега Грција влезе во состојба на политичка криза, затоа што ниедна партија не освои доволно мнозинство за да формира влада, а напорите за коалицирање пропаднаа. Сега, ќе ги чекаме новите избори во јуни. Но, што да очекуваме да се случи? Ако Алексис Ципрас, противникот на пакетот за спасување, противникот на големата Тројка, партијата Сириза, победи и почне да формира влада, тогаш вториот пакет за спас на економијата несомнено веднаш ќе биде сопрен. Од друга страна, ако централно-десничарската Неа Демократија победи и има можност да формира влада, како што прогнозираат последните анкети, тогаш земјата најверојатно ќе се согласи на спроведување на пакетот мерки, но обидот тие вистински да се спроведат веројатно ќе биде неуспешен, па парите пак нема да стигнат до Грција. И расположението во земјата пред последните избори одеше во оваа насока, а и сега повеќето мислат дека „крајот“ ќе дојде многу побргу одошто се мислеше претходно, главно затоа што сите реформи коишто треба земјата да ја придвижат кон нормален колосек сега се запрени и нема да отпочнат најмалку до следните избори. Оттука, се поставува прашањето дали е подобро да победи Сириза и „крајот“ да дојде побргу или да победи Неа Демократија и со тоа да се „купат“ нови три или шест месеци неизвесност и заложништво над цела Европа.

Во кое и сценарио да влезе Грција по јунските избори, едно е јасно – шпекулацијата сега е на сцена. Ќе се присетите дека пред 10-тина дена повеќе европски лидери укажуваа дека може ќе биде потребно Грција да ја напушти еврозоната, притоа испраќајќи силни пораки дека ако сака да остане, тогаш нема друга опција освен да го прифати и спроведе планот за штедење.  На тоа, веројатно најексплицитно досега се надоврза влијателниот германски весник Дер Шпигел, којшто под наслов „Време е да се признае пораз, Грција не може повеќе да го одложува излегувањето од еврозоната“, го кажа она што претходно само невидливо лебдеше во воздухот: „Откако грчките гласачи го одбија штедењето на минатонеделните избори, внесувајќи ја земјата во политичка криза, Европа сега бара План Б за Грција. Време е да се признае дека планот на ЕУ и ММФ за спас пропадна. Најдобрите надежи на Грција сега лежат во враќањето на драхмата.“ Последен, но не и најмалку важен во оваа листа е претседателот на Европската Централна Банка, Марио Драги, којшто иако ја нагласи својата „строга преференција“ Грција да остане во еврозоната, нагласи дека нејзиното потенцијално излегување нема да биде одлука која ќе ја донесе Советот на гувернери, сугерирајќи дека Советот нема мандат да го стори тоа, односно дека не постои регулатива која „регулира“ излегување од еврозоната.

Но, иако во моментов никој не може да предвиди кој ќе биде финалниот расплет на настаните, неколку работи се кристално јасни. Грчката економија влезе во стрмоглав пад, релативизиран или помогнат (?) од мерките поддржани од Меѓународниот Монетарен Фонд и Европските партнери. Во 2011 година, БДП падна за 17%, што не е толку висок пад како во некои од балтичките земји, но ја стави земјата во пролонгирана рецесија. За 2012 година, ММФ предвидува понатамошен негативен раст од 5%, којшто веројатно нема да се врати на позитивна патека без девалвација на валутата. Индустриското производство и внатрешната трговија се во состојба на она што се нарекува „завршен“ пад, а невработеноста се искачи на 21.7% во јануари оваа година, со тенденција понатаму да расте. Репутациски, но и инфраструктурно, сега земјата е парализирана и уништена. Се испоставува дека лекот е полош од болеста.
Оттука, прашањето коешто сега лебди во воздухот без да може да најде дефинитивен одговор е што понатаму. Кои се изгледите за Грција? Веројатно постојат три алтернативи.



Првата алтернатива е да и` се овозможи на земјата колку што е можно „посмирен“ излез од еврозоната, што истовремено ќе значи признавање на загубите што ќе треба да ги сносат Берлин, Париз... Враќањето кон новата драхма ќе значи признавање голема еднократна или помали но неколкукратни девалвации на драхмата во однос на еврото, што ќе треба „да влијае“ врз враќање на конкурентноста на економијата. Класичен учебникарски пример е дека ваквата ситуација ќе предизвика економските агенти нагло да ги повлекуваат своите депозити и да ги конвертираат во некоја стабилна валута, бидејќи домашната валута ќе ја губи својата вредност, што потенцијално ќе води во банкарска криза. Но, веројанто сите забораваме дека овде ситуацијата е малку поинаква: не почна ли тоа повлекување на евро-депозитите сега? Не направи ли ЕЦБ пред две недели ликвидносна интервенција кај четири големи комерцијални банки во Грција? Значи, наместо Грците да чекаат некој да им ги обезвредни нивните евро деопзити, претворајќи им ги во драхми, тие почнаа истите да си ги повлекуваат, па дома чуваните евра никој нема да може да им ги претвори во драхми. Па, ми се чини дека оваа ситуација некако ја релативизира ситуацијата, зар не?

Втората алтернатива е аргентинското сценарио од 2001 година, коешто, во случај на стопирање на парите што Европа ги дотура во Грција, може да го изведат Грчката влада и Банката на Грција. Имено, тие може да почнат да издаваат банкноти коишто ќе бидат само внатрешно валидни. Тоа го направи Аргентина, но таа не беше во валутна зона со САД, туку имаше еднострано решено да ја фиксира својата валута за доларот. Оттука, Аргентина не можеше да печати долари, но Грција може. Тоа е, исто така, ретко споменуваниот механизам за Итна ликвидносна помош, со којшто се овозможува централната банка на земјата-членка итно да испечати евра со цел да премости некаква моментална неликводност во системот. Според тоа, владата може да нарача, а Банката на Грција да испечати пари со кои ќе ги купи државните обврзници, а владата со нив ќе ги исплати пензионерите, државните службеници, армијата... Но, ова ќе доведе до тоа Грција да биде исфрлена од евросистемот, наместо да и` се овозможи мирен излез. Всушност, финансиските пазари и стравуваа од ова сценарио пред две недели, кога Европската Централна Банка ги скрати фондовите што требаше да ја зајакнат ликвидносната позиција на четирите големи грчки банки.

Третата алтернатива, веројатно најмногу неверојатна но и најмалку болна од сите три, е Европската Централна Банка да почне да печати пари и да им испрати чекови на сите невработени Грци. Всушност, ако девалвација (односно излез од Еврозоната) не е возможна, тогаш мора да се најде некој начин за субвенционирање на трошоците на работната сила и поттикнување на внатрешните инвестиции, што ќе биде тешко имајќи ја предвид огромната штета на угледот што ја трпи Грција. И, како да се изведе ова? По мое лично убедување, начинот треба да биде а-ла Бернанки од 2007-8 година: Европската Централна Банка со хеликоптер да расфрла пари по грчките плажи ова лето. Но, ова има и своја цена: никој нема да сака да оди да работи во фабрика, туку сите ќе брзаат да се сончаат на плажа, а пари да им паѓаат од небо. Колку и да звучи ова сценарио смешно и неверојатно, сепак верувам дека тоа е далеку помалку болно од каков било (мирен или турбулентен) излез на Грција од евроната: како ли ќе реагираат депонентите во шпанските и италијанските банки кога ќе ја чујат веста дека Грците евентуално се враќаат на драхмата?

Ете, така помина многу време од деновите на Дон Хенли и неговиот хотел Калифорнија од почетокот на оваа колумна, и еврото како институција во којашто може да влезете, но не можете (лесно) да излезете. Не знам дали познатиот eagle им овозможувал на своите девојки да влегуваат во хотелот Калифорнија така лесно – можеби имал на ум дека ако влезат треба да се способни да останат таму без да го загрозат неговото функционирање во целина.

Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер