Лаги, лаги и статистика (Економија и Бизнис, Јуни 2012)


Во 1904 година, Мата Хари го напуштила својот сопруг, инаку Холандски воен офицер, го променила своето има и се преселила во Париз. Наскоро станала меѓународно позната како егзотичната „индиска“ танчерка на еден познат париски клуб, затоа што, како што еднаш и самата признала „... јас и никогаш не знаев да танцувам убаво. Луѓето доаѓаа за да ме гледаат затоа што јас бев првата што се претставував пред публиката гола...“

Во 1999 година се роди заедничката европска валута - еврото. На почетокот служеше само за пресметковни цели на 11 земји членки на Европската Унија. Меѓу нив не беше Грција. Таа ја прифати заедничката валута во 2001 година, а од следната 2002, сите 12 земји членки го воведоа еврото во физичка употреба. Зошто Грција не можеше да се приклучи на евро клубот и да танцува заедно со останатите 11 земји уште од самиот почеток во 1999 година? Тоа е затоа што овие земји требаше да исполнат одредени критериуми околу нивната таканаречена номинална конвергенција, што го вклучуваше како критериум и буџетскиот дефицит. Во 1999 година, Грција не го задоволуваше овој критериум, па нејзиниот „прием“ во еврозоната беше одложен за 2001 година. И, властите успеаја до 2001 година да го „симнат“ буџетскиот дефицит на потребното ниво од 3% од БДП. И така, Грција се придружи на евро-клубот.



Но, грчката буџетска статистика беше всушност отсекогаш сомнителна. И самата европска статистичка агенција Евростат често го покренуваше прашањето за валидноста на грчката статистика уште од раните 90-ти години. Дека сомнителноста околу грчката статистика бил проблем пар екселанс на многумина им стана јасно релативно доцна, откако после 2004 година почнаа да се прават значителни ревидирања на грчките бројки. Во април 2004 година, кога на чело на земјата дојде нова влада предводена од Неа демократија, беше „наредена“ фискална ревизија што резултираше со значително поместување кај буџетскиот дефицит наназад се до 1997. Оваа ревизија всушност покажа дека Грција била значително над плафонот на буџетскиот дефицит од 3% од БДП во 1999 година, и двојно над истиот во 2001, што докажува дека таа всушност ниту во 2001 година немаше да се квалификува за влез во еврозоната. Малку подоцна, во октомври 2009 година, грчката статистика изврши повторна ревизија на бројката за буџетскиот дефицит за 2008 година од 5% од БДП, најпрво на 5.6%, а потоа на значителни 7.7%. За само 19 дена, оценката за дефицитот во 2008 година порасна за 3 милијарди евра! Следствено на тоа, оценката за следната 2009 беше ревидирана од 3.7% на 12.5%. Всушност, ова беа и најочигледните ревизии, а во позадината настанаа уште неколку, на прв поглед ситни, но значајни. Следната табела дава преглед на сите настанати ревизии на буџетскиот дефицит во Грција. Забележливи се две работи: ревизијата на дефицитот скоро никогаш не била надолна, што значи дека грчката статистика секогаш, намерно или ненамерно (!) ја потценувала големината на буџетската дупка. Второ, изворот на оваа табела е Еуротат, којшто заедно со табелата дава објаснување дека ревизии од ваква големина се многу ретки во другите земји членки на ЕУ.

Грчкиот буџетски дефицит (како % од БДП) на различни датуми на објавување

2001
2002
2003
2004
2005
2006
2007
2008
Март 2005
-3.6%
-4.1%
-5.2%
-6.1%




Септември 2005
-6.1%
-4.9%
-5.7%
-6.6%




Април 2006

-4.9%
-5.8%
-6.9%
-4.5%



Октомври 2006

-5.2%
-6.1%
-7.8%
-5.2%



Април 2007


-6.2%
-7.9%
-5.5%
-2.6%


Октомври 2007


-5.6%
-7.3%
-5.1%
-2.5%


Април 2008



-7.4%
-5.1%
-2.6%
-2.8%

Октомври 2008



-7.5%
-5.1%
-2.8%
-3.5%

Април 2009




-5.1%
-2.8%
-3.6%
-5.0%
Октомври 2009




-5.2%
-2.9%
-3.7%
-7.7%
Извор: Еуростат



Но, приказната на Еуростат не застанува тука. Во еден од своите извештаи од 2010 година, статистичката агенција нагласува два проблеми околу грчката статистика: оние сврзани со слабостите на бројките и оние сврзани со неуспехот на грчките институции да обезбедат добри бројки. Веројатно, во овие два генерални проблеми се испреплетуваат неколку важни „факти“. Прво, ревидирањата на статистичките бројки се нормална работа. Второ, ревидирањата често доаѓаат поради притисоци од политичките елити. Трето, ревидирањата, во основа, се одраз на фактот дека на крајот всушност никој не ја знае вистината.

Оттука, првиот проблем околу слабостите на самите бројки наметнуваат потреба тие често да се ревидираат, но веројатно се и плод на политички притисоци. Во Грција сигурно. Некои аналитичари всушност и аргументираат дека ревидирањето на бројките од новата грчка влада во 2004 година се реванш кон старата влада на Пасок – да се направи владеењето на Пасок полошо од она што било. Но интересно е што министрите за финансии од Пасок (кога Грција се придружи на Еврозоната) и Неа демократија (кога Грција направи голема ревизија на бројката за 2001 година) се со неочекувано спротивни ставови. Првиот зборува дека тогаш Грција го направила само она што го правеле и Франција и Германија, само за да покажат што е можно „порозова“ слика во очи приемот на земјата во евроклубот. Вториот пак, запрашан за тоа дали Грција репортирала лажни бројки во 2001 заклучува дека Грција се приклучила на еврозоната со „генерално кажано, точни бројки“. Така што, кој е во право, всушност никој не знае.

Но, резултатот од сето ова е дека несомнено Грција „си ја пуштала ногата подолго од чергата“ на систематска и континуирана основа. Горната табела покажува дека можеби и во повеќе од деценија земјата генерирала буџетски дефицити, и следствено на тоа, државен долг коишто станаа неодржливи и ја втурнаа Грција во петгодишна рецесија и двегодишна очајна кризата којашто денес кулминираше со недостатоци на секојдневните материјали по болниците и зачестеност на самоубиствата. Но, уште полошо од ова, ваквата статистичка „гимнастика“ била направена за да по секоја цена се влезе во клубот на заедничката валута. Тоа е веројатно поголемата грешка за која Грција денес плаќа огромна цена. Чуму инсистирањето на влез во заедничката валутна зона, ако тоа на народот му донесе беда? На ова прашање навистина не можам да смислам одговор.

Оттука, произлегува дека Грција, слично на Мата Хари од почетокот на оваа колумна, се приклучи на евро-танцувачкиот клуб, не затоа што знаеше добро да танцува, туку затоа што на публиката и се покажа без облека. Не знам каков епилог имало тоа за Мата Хари, а не знам и каков епилог ќе има за Грција. Дека не знаат ни самите грчки граѓани потврдува и следната изјава на граѓанка, дадена по неделните избори за Ројтерс, која ми го привлече вниманието: „Првпат се чувствувам депресивно после гласање, знаејќи дека повторно гласав за оние [партиите за спроверување на планот за штедење – Неа Демократија и Пасок] кои го создадоа проблемот, но немаме друг избор.


Авторот е економски истражувач.
(Колумната е напишана на 18 Јуни, веднаш по исходот од изборите во Грција)

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер