Бољи живот (Економија и Бизнис, Март 2013)


Ела Фицџералд еднаш имала свој перформанс во Колумбија, Јужна Каролина, пред публика од мали деца, кои биле навикнати на песнички од типот "Стариот Мекдоналд имаше фарма." По претставата, еден телевизиски новинар ја интервјуирал публиката и прашал мало момченце што мисли за Ела Фицџералд. "Па, целосно ми се допадна нејзиното пеење", одговорило момчето, "но таа не скрши ниедна чаша!"

Очекувањата во економијата може да одиграат клучна улога во остварување одредени резултати, било да се тоа економски или политички. Но, економиите се разликуваат по начинот на формирање на очекувањата од страна на економските агенти – граѓаните и фирмите – во основа, очекувањата може да се формираат адаптивно и рационално. Во економската наука, адаптивни очекувања значат дека луѓето ги формираат своите очекувања за тоа што ќе се случи во иднината врз основа на она што се случило во минатото. Најеклатантен пример е оној со инфлацијата – ако таа била повисока од она што граѓаните и фирмите очекувале, тогаш тие ќе ги променат своите очекувања, односно ќе очекуваат повисоки цени и во иднината. Наспроти нив, рационалните очекувања значат дека предвидувањата на граѓаните за идните вредности на некои економски значајни променливи не се систематски погрешни, односно дека грешките во предвидувањето се случајни. Кажано на попластичен начин, рационалните очекувања придонесуваат граѓаните и фирмите да се однесуваат на начин којшто ќе доведе до остварување на тие очекувања. На пример, ако граѓаните оечкуваат депрецијација на вредноста на валутата, тогаш ќе брзаат да се ослободуваат од домашната во замена за странска валута, така што на крајот очекуваната депрецијација ќе донесе и реална депрецијација (поради зголемената понуда на домашна за странска валута). Рационалните очекувања може да се набљудуваат и низ перспектива на расудување околу минатото однесување на носителите на политиките. На пример, централна банка што ветувала стабилни цени, но секогаш го прекршувала своето ветување всушност водејќи проинфлаторна монетарна политика, ќе биде казнета од рационални агенти: при следната објава на стабилни цени никој нема да верува дека централната банка ќе остане посветена на постигнување на оваа цел, така што граѓаните и фирмите имплицитно ќе ги калкулираат повисоките цени во своите економски одлуки, не земајќи предвид што централната банка зборува.

Без оглед на начинот на формирање на очекувањата во економијата, напливите на оптимизам или песимизам може значително да влијаат врз бизнис циклусот и да бидат клучот за остварување политички цели, односно за освојување на изборната победа. Во теоријата, тие се познати како животински инстинкти. Сепак, тие се повеќе поврзани со адаптивниот начин на создавање на очекувањата, којшто е карактеристичен за општества со недоволно развиена или несозреана (економска) свест: економските политики и потези на владата главно се анализираат и разбираат низ призмата на „каков ефект ова има денес?“ и „што од тоа ќе искористам јас?“. Наспроти тоа, рационалниот граѓанин ќе се запраша „како овој потег ќе влијае врз мојот живот и врз животот на моите деца?“. Транзицијата од адпативни кон рационални очекувања е бавна, но е потпомогната најмногу од едукативиот процес, што секако го вклучува формалното образование, но уште повеќе неформалното (економско) образование, отвореноста кон нови идеи, отвореноста кон демократски вредности, слобода на говор и изразување, медиумско „размислување“ и слично.

Како се формираат очекувањата во македонска економија? Иако е веќе јасно дека во Македонија преовладува адаптивниот начин на формирање на очекувањата, додека рационалниот е далеку од нашиот механизам за размислување, Македонските очекувања содржат и компонента на ирационалност. Да ги земеме за споредба проекциите на владата за економскиот раст наспроти остварувањата во неколкуте години наназад. Во 2009 година, владата проектираше над 5% пораст, но остварувањето беше всушност пад од 0.9%. За 2012 и годините по неа се ветуваше раст од 4.5 до 5.5%, но неодамна дознавме дека и 2012 година се заврши со пад од 0.3%. За оваа 2013 година проекцијата е околу 2.5%, но на сите ни е јасно дека почетокот на годината не ветува дека таа стапка ќе биде повеќе од 1%. Но, нашите неадаптивни и ирационални очекувања не` водат да заклучиме дека и покрај неостварените ветувања и проекции, граѓаните и фирмите се убедени дека прво-лиферуваната проекција е сеуште високо-веројатна и остварлива.

Друг пример се остварувањата кај странските директни инвестиции. Повеќе од шест години наназад се наддаваат бројки коишто кога ќе се споредат со остварените, се доаѓа до заклучокот дека оствареното секогаш било далеку под проектираното. Слично како кај растот на БДП, кога ќе се спомне нов инвестициски циклус, илјадници нови работни места, Субрата Рој, Карлос Слим, обична ливада и неколку багери на неа... повторно проработуваат нашите ирационални очекувања дека минатото ќе доживее свој пресврт и/или дека владата конечно ќе е во право. Но, тоа досега не се случи.

Трет, малку поразличен пример, се нашите „заложби“ да дојдеме до мала и ефикасна јавна администрација, која ќе троши помалку и ќе работи повеќе. Но, после заложбите, проработуваат нашите ирационални очекувања: сите (или повеќето) почнуваме да сонуваме како кога ќе дојде „нашата“ партија, ќе фатиме место во државна служба, и ќе си се осигураме за навек. Дополнително, на дел од нас не им смета ни тоа што наводно ќе работат од дома.

Четврт, но не и последен пример, се сите овие илјадници проекти кои лаконски се испорачуваат во оваа кампања за локална власт. Навистина звучи убаво и реализацијата на таквите проекти, без оглед од која партија доаѓаат, ќе го подигне и забрза локалниот економски развој на секоја општина. Но, поважното прашање што треба да го постават граѓаните е како ќе се финансираат тие проекти, односно како ќе се обезбедат средствата за нивната изградба. Во повеќе колумни го поттикнавме размислувањето за оваа тема. Па, на сите ни е јасно: финансирањето маркантни или поситни но многубројни проекти може да се случи по два основи: или со зголемување на даноците или со зголемување на задолжувањето. Владата ни вети дека нема да ги зголемува даноците (односно нема да не оптовари нас), но не ни вети дека нема да го зголемува задолжувањето (односно нема да не ги оптовари идните генерации). Оваа тема ја потресе јавноста пред некое време кога  провејаа и бројки за висината на општиот јавен долг и до 45% од БДП. Всушност, општиот јавен долг нам, како на граѓани, не ни е познат. Владата го објавува централниот јавен долг, но не е општиот јавен долг. Општиот долг, покрај централниот, го вклучува и долгот на јавните претпријатија, централната банка, Македонската банка за поддршка на развојот и на локалните самоуправи. Тоа во моментот дава комоција во расфрлањето со проекти на локално ниво, кои наводно ќе донесат локален економски развој, меѓутоа е нејасно колку ќе ја набилдаат цифрата за општиот јавен долг. Ако е клучно за развојот на една општина и за креирањето работни места таа да има нова општинска зграда, нов стадион, затворен пазар, тогаш само напред. Но, да го нагласам моето мислење дека тоа се повторно ирационални очекувања. Ние можеме да излеземе од овој магепсан круг со мерки кои се многу поважни, а поефтини, како на пример: подобрување на работните навики, вложување поголеми напори на работното место, склоност кон креативност, отвореност кон нови идеи, прифаќање критичко мислење и прифаќање на различното размислување, фаворизирање мултикултурализам, отворено општество во коешто критиката е алатка за лично подобрување и професионален развој и слично.

Оттука, за разлика од Ела Фицџералд од почетокот од оваа колумна, перформансот на владата во овие изборни времиња е по вкусот на граѓаните кои се навикнати на мелодиите за подобар живот и резултати сега. Прашањето е дали ирационалните очекувања може сите нас подоцна да не` доведат во ситуација да слушаме мелодија која не ја сакаме. "Па, ми се допаѓа владиното пеење", ќе рече тогаш просечниот граѓанин, "но јас сакам само подобар живот!"

Авторот е економски истражувач.

Comments

Popular posts from this blog

Субвенција за Ринго Стар

Економските политики во клинч

Дивиденда, два слоја и ровер